Во Битола црква која го носи името на Св. Никола се наоѓа во населбата Боримечка, а порано црква посветена на овој светец имало кај сегашните згради “Грозд“ во центарот на Битола.
Денес на 19 декември, верниците од Битола и сите православни христијани го слават Свети Никола – Чудотворец, мирликијски, кој во народот е познат како, светецот, кој е заштитник на децата, морепловците, девојките, сиромашните, учениците, пекарите, аптекарите, трговците, патниците… Милостив, вистинољубив и праведен, одеше меѓу луѓето небаре ангел Божји.
Свети Никола е познат како заштитник на морињата, а на христијанските бродови обично се наоѓа иконата на светителот, а спроти денот на славењето бродовите застануваат каде и да се наоѓаат, се фрла сидрото во морето, морнарите ќе се помолат и ќе прославуваат цел ден, а утредента ќе го продолжат пловењето.
Во македонските народни песни Св. Никола е опејан како “стар свети Никола” кој може да го одмрзне и замрзнатото море, но и кој гради цркви и манастири.
За Свети Никола, уште се вели, се што фатил – позлатил, се што рекол – се остварило.
Свети Никола е еден од најпочитуваните светци и еден од најсаканите христијански светци, па затоа и католиците, но и дел од муслиманите, особено во Турција, а го препознаваат како Неол Баба. Поради тоа кај нас, како и во светот има безброј цркви, манастири, икони и фрески, кои се посветени на овој светец, а многу битолски семејства синоќа со богата, посна трпеза го прослават празникот Свети Никола.
Свети Никола е роден во малоазискиот град Патара, пристаниште на медитеранскиот брег на денешна Турција, живеел во 4 век, многу пред расколот помеѓу православната и католичката црква од 1054 година.
Неговите богати родители Теофан и Нина, синот Никола го добиле во време на владеењето на римскиот цар Валеријан (253 – 260 година), а кога неговите родители умреле во големата епидемија, Никола го разделил целото наследено богатство.
Уште како дете се истакнувал со добро воспитание поради што станал омилен и пред Бога и пред луѓето. Го одгледувал чичкото, архиепископот Патаре, а по смртта на чичко му, Никола е избран за архиепископ мирликијски.
Бил и еден од архиепископите што се повикани пред царот Константин на саборот во Никеја во 325 година, на првиот Вселенски собор.
Свети Никола умрел на 19 декември 343 година. Погребан е во соборната црква Мирликијска митрополија, а кон крајот на 11 век неговите мошти се пренесени во Бари, во манастирот Свети Јован Претеча, откако на сон му се јавил на еден свештеник од Бари. Потоа со многу свечености неговите мошти биле пренесени од Мир (Ликија) во Бари (Италија) во 1087 година, поради што и овој датум (22/9 мај) се смета за празник на Св. Никола. (св. Николај – летен). Преданието раскажува дека светите мошти во Бари биле пречекани од мноштво народ меѓу кои имало и многу болни, слепи, глуви, сакати, душевно болни и сл. коишто доживеале исцелување. Неговите мошти се сè уште мироточиви и многу луѓе и до ден денес имаат најдено спас преку нив.
Во народното паметење овој лик останал како заштитник на патниците, посебно на оние што патуваат по вода, но и по тоа што како за време на животот така и по смртта ги помагал сиромашните, ги заштитувал затворениците и неправедно осудените, ги откупувал робовите и ги пуштал на слобода. Во желба да остане анонимен, парите не им ги давал на луѓето в раце, туку им ги ставал в џеб за да се изненадат кога ќе ги најдат, но и за да го исполни зборот Господов: „Да не знае твојата лева рака што прави твојата десна рака“ (Матеј 6, 3).
Свети Никола Мирликиски – Чудотворец, многу семејства го сметаат за свој домашен заштитник и со домашна слава кои со многу обичаи го празнуваат неговиот спомен. На овој ден не се работат никакви домашни работи, не треба да се чисти, усисува, пере… Постои верување дека на тој ден никој не треба да го потсетувате на долг, ниту додатно да му ја отежнувате положбата затоа што е должник.
По црвениот плашт и белата брада потсетува на денес модерниот приказ на Дедо Мраз. Во поново време, благодарение на рекламите и потрошувачкото општество, најпознат е како Дедо Мраз (Санта Клаус, скратено од Санта Николаус – свети Никола), а поради неговото добротворство е легендата за Дедо Мраз, кој воочи Божик би им оставал подароци на децата во чорап пред огништето.