Press "Enter" to skip to content

Дуо пијано Билјана Димовска – Татјана Божиновска со одличен концерт пред битолчани (фотогалерија)

Салата на музејот каде годинава се изведуваат концертите за сериозна музика, синоќа беше претесна да ги прими сите заинтересирани да го следат концертот на своите сограѓанки Билјана Димовска – Татјана Божиновска, кои изведоа Дуо пијано.

Билјана Димовска и Татјана Божиновска кои битолчани ги познаваат најповеќе како професорки во државното музичко училиште, успеаја да го задржат вниманието на публиката додека траеше концертото, шеесетина минути, а по завршувањето добија голем заслужен аплауз и многу цветни букети.

Програта на синоќешниот концерт на Дуо пијано беше поделена во четири дела и тоа:
1. F. Schubert – Phantasie in f-moll оп.103
2. F. Chopin – Variations in D-dur
3. M. Tajcevic / B. Svetiev – Sedam balkanskih igara
4. C. Saint-Saëns – Danse Macabre

Инаку, дуото пијано во состав Билјана Димовска-Татјана Божиновска делува повеќе години, и на својот репертоар има програма од барок до модерна музика. Има одржано повеќе рецитали низ земјата: Битола, Ресен, Охрид, Скопје, на фестивалите: „Интерфест“ – Битола, „Битфест“ – Битола, „Златна лира“ – Скопје и.т.н. Во 2013 година го снимаат и своето прво CD.

Кога зборуваме за нив поединечно, треба да се спомене дека пијанистката Билјана Димовска е родена 1978 год. во Битола каде го завршува средното музичко училиште во класата на проф. Маргарита Татарчевска, во 2000 година дипломира, а во 2003 и магистрира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, отсек пијано, во класата на проф. Тодор Светиев. Има настапувано на повеќе значајни манифестации во нашата земја: “Денови на македонската музика”, “Скопско лето”, “Битолско културно лето” „Хераклејски вечери“, “Денови на полската култура во Македонија”, „Музички вторник“, „Златна лира“, а во 1998 год. во склоп на Меѓународниот фестивал „Интерфест“ настапи на „Подиум на млади“. Добитник е на повеќе државни и меѓународни награди: I награда на Интернационалниот натпревар во Бугарија “Нашите деца го свират Бах”; Специјална награда „Стефан Трајанов“ на истиот натпревар. Има настапено како солист со Македонската филхармонија и со Симфонискиот оркестар при Факултет за музичка уметност. Настапува и како камерен музичар, а во 2005 год. заедно со саксафонистот Боби Коминовски имаат снимено CD. Има учествувано на повеќе семинари и мастеркласи кај светски познати пијанисти.

Пијанистката Татјана Божиновска е родена 1980 год. во Битола каде го завршува Средното музичко училиште во класата на проф. Маргарита Татарчевска. Во 2002 дипломира, а во 2005 и магистрира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, отсек пијано, во класата на проф. Тодор Светиев. Во 2014 год. ги завршува и Докторските студии на Факултетот за музичка уметност во Скопје под менторство на проф. м-р Тодор Светиев и проф. д-р Димитрије Бужаровски. Има одржано повеќе концерти и рецитали: Бугарија, Србија, Романија, Франција, Италија, Америка, Хрватска, Австрија, Норвешка, Полска, Турција … Има настапено како солист со Македонската филхармонија и со Битолскиот камерен оркестар. Има настапувано и на повеќе значајни манифестации како: “Охридско лето“, “Денови на македонската музика”, “Скопско лето”, “Хераклејски вечери”, “Битолско културно лето”, “Штипско лето”, “Пролетни вечери”, “Есенски музички свечености”, “Денови на полската култура во Македонија”, “Ден на културата во Битола”, „Музички вторник“, „Златна лира“, „Интерфест“ – Битола. Член е на триото “Интерарт”, со кое активно концертира во земјата и надвор, на Меѓународни фестивали и натпревари, а имаат снимено и три CD-а. Добитник е на повеќе државни и меѓународни награди: Специјална награда за најдобра изведба на романско дело и Специјална награда “Gheorghe Halmos” за најдобра пијанистичка интерпретација на “Aperto”- Интернационален натпревар за камерна музика во Букурешт, Романија; II награда на Интернационалниот натпревар за пијанисти – “Интерфест”- Битола; I место, односно Diploma d’Onore на “Tornero internacionale di misica”– Меѓународниот натпревар за камерна музика во Париз, Франција – како член на триото “Интерарт”. Во 2006 е добитник на највисокото битолско признание „4 Ноември“ – како член на триото „Интерарт“. Учесник е во европскиот проект „Пијано рефлексија на европската култура“ кој се одржува во пет земји: Франција, Австрија, Молдавија, Полска и Македонија (2009-2011).

Концертот беше во рамките на културното лето “Бит Фест 2018“.

More from КултураMore posts in Култура »