Вања Ангелова, поетеса од Бугарија со македонски потекло по татко, е добитник на годинашната Гран при награда која секоја година традиционално ја доделува меѓународната манифестација Битолски книжевни паметења во организација на Друштвото на писателите- Битолски книжевен круг.
Наградата му ја врачи претседателот на Битолскиот книжевен круг истакнатиот македонски писател и драматург академик Зоран Пејковски. Во рамките на манифестацијата, пред голем број гости од земјата и странство, беше промовирана книгата “Хераклеја Линкестис“ од наградената авторка Вања Ангелова. Промоторот Димитар Пандев истакна дека темите во делото на Ангелова се поврзани со Македонија. Тоа е античка Македонија која засекогаш живее во нас, рече тој.

-Дискурноста на поезијата доаѓа од минатото за нови поетски набљудување. Антиката е и будна и блудна, а Ангелова е искушеник. Се што еднаш се разурнало одново може да се створи. Поетската мисла е несрушлива. Таква е и “Хераклеја Линкестис“ на Вања Ангелова, рече Пандев.
Промоторот Васил Тоциновски рече дека да се говори за библиската земја потребно е да се има знаење и посветеност.
-Таа пее за нешто во што читателите веруваат. Таа има мудрост да создаде динамична историја која во секое време се актуелизира. Вања стапува во контакт со читателот во дијалошка форма. Литературата и историјата се своевидни мајки. Ние имаме среќа Ангелова да ни се обрати преку оваа книга и да ни каже да се почитуваме себеси, рече Тоциновски.

-По ваквата промоција на нејзиното дело, авторката Ангелова емотивно се обрати пред публиката заблагодарувајќи се на организаторите, како и на своето семејство на поддршката. Посебно се обрати како што рече на својот брат и својот татко по потекло од Македонија. Кога пишувам сакам се да е вистина. Се што пишувам јас сум го видела. Не сакам да се оддалечам од историјата. Што се однесува до Филипијадата сакам да кажам дека ако не бил Филип немало да го има Александар. Тоа сакам да го знае цел свет – рече Ангелова.
Во книгата “Хераклеја Линкесис“ таа пишува и за царската фамилија, македонската фаланга, свадбата на Клеопатра и други интересни историски моменти.

Наградата за проза ја доби Христо Петрески за книгата “Прериска лисица“. Неговата книга содржи 80 раскази кои пренесуваат реалистични слики од секојдневието и умерена доза на надреализам. Тој е гласноговорник против недоследностите, рече промоторката Весна Мундишевска на промоцијата на неговата книга.
-Петрески храбро се справува со бодувањето и успева да укаже секому. Да порача да се оди напред без фаќање кривини. Неговите раскази се необични и често се обраќаат до читателите. Петрески ги поместува познатите паралели. рече Мундишевска, додавајќи дека расказите на Петрески имаат длабока хуманистичка димензија.
Авторот пак истакна дека насловот на книгата е избран по чуството кое и сам го имал низ годините битисување и творење.

-Со Прокопиев го напишавме првиот манифест за поезија. Ја напишав и книгата “Продавница за чист воздух“ за која и Алаѓозовски рече дека почнува постмодернизмот во Македонија. По толку години повторно е актуелен краткиот расказ. Оваа награда многу ми значи. А јас многу пати сум се почуствувал токму како Прериска лисица, рече Петрески.
Васил Тоциновски ја доби наградата за книжевна критика. Славчо Ковилоски рецензент на книгата “Златоусно слово“ на Тоциновски рече дека авторот продира во сржта на проблематиката која ја обработува.

Тоциновски рече дека оваа книга немаше да ја види светлината на денот без поддршката на Зоран Пејковски и Весна Мундишевска.
-Творецот нурнува низ историјата. Особено ми е драго што Битола ме врзува со својата историја и традиција. Дел од мојата книга е и за Радован П. Цветковски и Владимир Гравчевски, рече тој.
Наградата за поезија на Друштвото на писателите- Битолски книжевен круг ја доби Панде Манојлов за книгата „Копнеж во времето“.

-Во делото на Манојлов лирското јас протестира против заѕидувачите на светлината- рече рецезентката Даниела Андоновска Трајковска.
Во рамките на манифестацијата беше промовирана драмската пиеса во стих во 18 сцени со пролог и епилог “Реквием на смртта“ од Зоран Пејовски.






