-Липите имаат повеќе срца
почувствувај ја нивната среќа,
Липите имаат опојна душа,
со опојот ти отвораат порти Сарајски,
се првите стихови од уводната песна од новата поетската книга “Липите кај Сарај куќа“, на Лидија Дочовска Павловска преку која таа најавтенично ја пренесува љубовта кон родната Преспа-Ресен и раскошот на најпрестижниот објект во Македонија, Сарајот на Нијази-бег.

Јас ја живеам поезијата, таа претставува дел од мојот духовен живот, што значи дека поезијата е пасија на мојот од низ животот, како што вели и еден поетски стих на познат македонски преродбеник, Димитар Миладинов, “Таа е таква како што ме учит срцето“, се зборовите на Дочовска Павловска кога зборува за нејзиното најново, петто, книжевно издание, “Липите кај Сарај куќа“, со што остава силен печат и вистински траги за одредени настани и случувања од преспанското поднебје кои веќе беа подзаборавени. Тие настани и случувања, Дочовскa Павловска, ги оживеа и им даде една нова, безвременска поетска димензија, а како роднокраен поет ги опева темите од родниот крај.
“Липите кај Сарај Куќа“ на Лидија Дочовска Павловска, општат со некогашното, колку и со сопственото време. Таканаречени “обични нешта“, прераскажани во стихови, можат да бидат исто толку возбудливи колку оние мистериозните и невидливите – почетната силна инспирација за Павловска во оваа книга е ресенскиот Сарај, Палатата на Ахмед Нијази-бег, познат како еден од најуникатните граѓански објекти во Македонија од почетокот на 20 век.
-“Липите кај Сарај Куќа“ на поетесата Лидија Д. Павловска е уметнички чин за почит. Сарајот сам по себе носи една зацврстена фактографија, важна за историчарите, но за поетот тој напластува постојани, минливи поттици, како мирисот на околните липи, и тоа прекрасно проникнување на долготрајното и минливото, на споменот и мигот, ја активира имагинацијата на Павловска со благородни и звучни зборовни целини. Павловска е инстинктивен поет која во градбата, но и во личноста на Нијази-бег “Ресенли“ (може да се претпостави каква страствена нескладност меѓу традицијата и Западот се бореле во овој османлиски благородник!), наоѓа поетски погон за една своевидна состојба на духот, кога песната протекува од сведоштво во исповед, од опис во чувствување. А, Павловска насетува дека вредноста на поезијата не ја определува нејзината смисла, туку внатрешната возбуда на стихот. И таа, со интензивна возбуда, нижи строфи во кои што љубовта е стварна, колку и замислена, зборовите понагласени и кога се нечујни, ќе каже проф. д-р Александар Прокопиев за најновата книга на Лидија Дочовска Павловска.

Проф. д-р Венко Андоновски за ова поетско издание ќе додаде:
-Оваа поезија се јавува како некој поетски Јанус, Бог со две лица: мотивски загледана со едното лице во Сарајот на минатото, на славниот Нијази-бег, првенец на Младотурската револуција (знак на интелектуална авангарда во тогашната Империја), но со другото лице формално преокупирана со најсовремените поетски техники. Таа, покрај тоа што на планот на формата е интертекст (дијалог на формите), на планот на содржината е дијалог со традициите – да се одбере да се покаже значењето на еден Сарај, на еден човек (Нијази-бег) за културата на Македонија (особено неговата опсесија од Ресен да направи Париз), да се покаже неговата авангардност и метафизичката состојба позната како „човек пред своето време“ – сето тоа на поезијата на Дочовска Павловска ѝ дава призвук на интеркултурен дијалог, што е сосема во духот на постмодерната поетика.
Инаку, Лидија Дочовска Павловска, со неуморниот творечки ангажман се појави на литературната сцена како “Преспана“, оживувајќи го митот за Самоиловата ќерка, а ги има напишано и “Така љубеше Косара“, “Крикот на пеликанот“, преку коавторската прозна книга “Преспански легенди-Преспанска езерска убавица“. Добитник е на повеќе награди и признанија од областа на литературата и културата кој што го сублимираат нејзиниот творечки опус. Учесник е на повеќе ман во странствоДел од нејзино творештво е преведено на хрватски, бугарски и српски јазик со учество на разни меѓународни антологии, како и направена е промоција на нејзините дела во Мелбурн, Австралија, и преку други медиумски средства книгите се презентирани пред македонските иселеници.
Член е на Друштвото на писателите на Македонија.

Ви ја пренесуваме уводната песна од поетската книга “Липите кај Сарај куќа“ преку која авторот најавтенично ја пренесува љубовта кон родната Преспа-Ресен и раскошот на најпрестижниот објект во Македонија, Сарајот на Нијази-бег, за таа да Ве поттикне да ја прочитате целата книга “Липите кај Сарај Куќа“ на Лидија Дочовска Павловска.
-Липите имаат повеќе срца
почувствувај ја нивната среќа,
Липите имаат опојна душа,
со опојот ти отвораат порти Сарајски,
Затоа, Почитуван пријателе,
Драг читателе,
прошетај крај Ресенските липи
крошните ќе се отворат,
погледот од убавина ќе ти зрачи
од Сарајски светли куполи
фасадно раскошно руво,
и тогаш ќе посакаш
на балкон Сарајски ѕвезди да сонуваш…
Срце ќе ти крикне од радост и пропее:
“Речиси на липите те видов,
што не можам
ниту во илузиите да те ставам,
а ете, ТИ постоиш,
и ме носиш кон ѕвездите“.






