Жанета Ристевски
Стана препознатлив рушејќи бариери во средината во која живее во многу области: музика, мода, култура, уметност во Битола, но и пошироко. Илија Талев од Битола, ДЏ, музичар, организатор на првата техно журка во Македонија (1989), автор на првата техно песна „Последниот Титов Танц“ (1991) и првиот техно албум „И по Тито – Техно“ (1994) во Македонија и на Балканот со групата Xavier Acid, автор на првиот концептуално-амбиентален албум „Метрополис“ со проектот Музак, издавач на музичката компилација на битолски групи кои биле активни во периодот помеѓу 2001-2022 година под името „Битола е градот“, организатор на Модна Недела во Битола и сопственик на првата и единствена модна агенција „Метрополис“, пишува и ја издава книгата „Како да станете модел“, го издава списанието „Магента“, а во најава е и женскиот алманах за култура и урбано живеење „Муза“. Архивар на музика, флаери, весници… Сопственик на над 500 оригинални винил плочи и касети. Креативниот развој продолжува…
Неговото животно мото гласи: “Секое правило има исклучок, кој го потврдува правилото“. И како што нагласува: „Тој исклучок, секогаш се трудам да бидам јас. И секогаш сум се трудел да бидам авангарден, во секоја смисла на зборот“.Низ интересни моменти пишуваме за неговата успешна приказна која ја започна вака:
-Би започнал со музика, бидејќи во принцип во мојот живот се ми се сведува на музика. Музиката е мојата религија.
“Кога бев мал формата на грамофонот ми беше магична…“
-Кога бев мал ми поклонија расипан грамофон, со надеж дека еден ден ќе ми го поправат. Но за жал, тоа никогаш не се случи, иако јас со саати поминував со него. Го доближував увото до иглата и вртев рамномерно со раката врз плочата. Звукот кој произлегуваше од иглата кога ја вртев плочата… ми беше магичен (произведуваше некаков метален, повеќе како електронски кристален звук). Тој ритуал го правев со часови, секојдневно, не знаејќи и самиот дека правам нешто што денес го прават сите модерни ДиЏеи. Некое најрано сеќавање за некоја песна би била „In The Summertime“, на групата Mungo Jerry, што би дошло дека интерес за музика пројавувам од мои 4-5 години.
“Уште како мал ме носеа на концерти, љубов која ја негувам и денес“
-Одев на сите концерти кои се организраа во Битола со мајка ми и нејзините колешки, заради мојот интерес кон музиката. Но, тоа имаше и свои негативни страни. Секогаш, јас бев тој „несреќникот“ кој го праќаа на бина да им даде букет цвеќе на пејачите и секогаш ме земаа со плачење од таму. Тоа беа први вистински контакти со сцена, музика, пејачи… Меѓутоа вистинско уживање и магија беше заедничкото гледање на сите можни тогашни фестивали, почнувајќи од Евровизија, преку Скопски фестивал, фестивалите во Сплит, Сараево, Загреб, Београдско пролече, Месам, се до Макфест во поново време. Седиш до доцна и гледаш ТВ, се воодушевуваш, без разлика дали телевизорот е во боја или црно-бел. Беше доживување за сите нас во тој период на 80-тите години. Посебно ако се присетам дека имаше само два ТВ канали и програмата најчесто завршуваше во 24 часот. Непроценливо.“Првата колекционерска плоча ја купив на свои 12 години, но не заради музиката, туку заради омотот“…
-Тоа беше албумот „Men Мachine“, на групата Kraftwerk. Бев воодушевен од минималистичкиот дизајн на омотот и боите кои преовладуваа (црна, црвена и бела) (под влијание на рускиот дизајнер и уметник Александар Родченко). Кога ја ставив плочата на сега веќе добар грамофон, не слушнав разлика помеѓу звукот на нивната електронска музика и звукот кој го произведуваше мојот расипан грамофон. Тоа ми беше фасцинантно. И можеби тоа потајно ми го предодреди понатамошниот музички вкус. Kraftwerk всушност се т.н. „татковци“ на денешната електронска музика.
Но ништо не е случајно во животот. Во седмо одделение класниот ме стави да седам до Милан (што го сметам за мој тогашен музички ментор), кој веќе слушаше квалитетна странска музика. Кога ме праша каква музика слушам (многу значајно прашање во тој период), јас му одговорив: „Ех-Yu“. Наредниот ден ми донесе неколку плочи и ми рече: „Што и да ти се бендиса од овие плочи е подобро од Ех-Yu. Се сеќавам дека имаше два албуми на Deep Purple, еден албум на Ian Gillan, „Signing Off“ првиот албум на UB 40 и албумот „Vienna“ на групата Ultravox. Нормално мене ми се допадна тој на групата Ultravox, пошто беше најсличен до онај на Kraftwerk. Така се навлеков на т.н. „New Wave“ и „Post-Punk“ музика.
Информации за музика најчесто добивавме од тогашните многу квалитетни списанија: Џубокс, ИТД, секако Rock, Bravo (заради постерите, иако никој од нас не знаеше германски), Време Забаве, малце покасно странските: New Musical Express итн. Посебна „драж“ беше тоа што во сите овие списанија имаше постери од групи и скоро да не постоеше детска соба во која немаше излепени постери на ѕидовите.
Исто така информации за музика добивав и од Драган Б. Костич, т.е. преку неговата емисија на радио „Диско Селектор“ (секој четврток во 18.00 часот) и од грчкиот радио водител Јанис Патридис (секој ден од 12.30 часот). Што се однесува до телевизијата, преку секако на сите омилената „Хит Месеца“ и за мене највлијателната „Петком у 22“, во која промовираа најнови музички спотови. Токму таму, за прв пат го сретнав мојот прв музички идол Adam Ant (Adam And The Ants) и се што беше поврзано со него го барав, сечев, лепев… Пред неколку години си го остварив мојот музички сон, го гледав во живо во Холандија. Неговата музика ја слушам и до ден денес.
„Цел овој бран на „New Wave“ и „Post-Punk“ нормално и се отсликуваше на мојот имиџ – фризура, стил на облека“
Започнав да се облекувам како нив, кошули на преклоп, свилени кошули, сакоа со големи нараменици, каиши со нитни, брошеви… Одев со плочите од Classix Nouveaux и Duran Duran на фризер, за да ми направат фризура како нив. Малку бевме така облечени и се издвојувавме. Не викаја „романтичари“.„Да си различен од другите и прв во нешто, имаше свои добри и лоши страни“…
Прв имав репче во градот (под влијание на Tom Bailey, пејачот на групата Thompson Twins). Како таков, нормално дека бев предмет на озборување. Најважно во тие моменти е да одолееш на околината. Сум имал и добри и лоши моменти заради својот имиџ. Не е лесно да си перјаница.
Стигнуваш до момент кога бараш нови предизвици во музиката. Во четврта година средно почнав да слушам т.н. „Gothic Rock“ музика. Основна боја за облекување на тој стил на музика беше црната. Така, преку ноќ го сменив комплетниот свој имиџ. Еден ден директорот од гимназијата ме викна на разговор во канцеларијата и ме праша зошто се облекувам во црно. Му кажав дека заради музиката итн. За на крајот да констатира: „Аха, значи ти пишиш на ѕидовите „black and white army“… Едвам успеав да му објаснам дека тие што го пишуваат тоа се навивачи на Партизан и дека нема никакви допирни точки со мене.
Исто така облечен со црн долг мантил, со око покриено како пират во стил на Pete Burns од групата Dead Or Alive, замалку ќе го извлечев подебелиот крај во една дискотека во Охрид. На крајот, се добро се заврши.
Но имаше и смешни моменти, кога во Белград ме помешаа со фронтменот на група Мизар, Горан Таневски (инаку мој голем пријател). На крајот на вечерта кога му кажав дека сепак не сум јас Горан, дел од нив беа разочарани, останатите мислеа дека ги лажам.
„Служењето на воениот рок во Загреб ми беше еден вид на просветлување“…
Кога отидов во ЈНА во Загреб, трауматично го доживеав моментот кога ме истрижаа (репчето си го истрижав пред време и сеуште го чувам). И си обеќав самиот на себе, дека тоа ќе биде прв и поледен пат. Така и беше, горниот дел од косата ја криев под капата, се стрижев само назад.
Целото свое слободно време во војска го минував слушајќи музика на вокмен (со радио), кој го носев постојано со себе. Таму го открив Радио 101 (кој ми ја промени перцепцијата за слушање на музика). Загреб за мене беше културен шок. Таму го гледав и својот прв голем концерт, Spandau Ballet, две години покасно и концертот на еден од моите музички херои, David Bowie.
Кога се вратив од војска, под влијание на групата The Mission, почнав да носам долга коса. The Mission се мојата втора омилена група, после Adam Ant. Поради тоа што во тој период имав невообичаено долга коса, си го ќарив прекарот „Косата“.ДиЏеј
Кога се вратив од ЈНА немав работа и барав начини како да заработам. Имав околу 500 наслови (плочи и касети), повеќето оригинали. Тое беше многу во тој период бидејќи беше и сеуште е скапо хоби. Сите ми бараа да им преснимувам музика. И затоа си помислив зошто и да не заработам од тоа – да снимам музика на касети. Така еден ден (сега покојниот) Аце „Сенатор“ ме најде како лепам плакати со понуда за снимње на музика. Низ разговор Аце ми предложи да пуштам музика во тогашното диско „Путник“ (почетокот на летото во 1988 година) кое се наоѓаше во близина на железничката станица, каде што денес се наоѓа ресторанот „Путник“. Бев како загревање за Славе Келешовски, кој тогаш беше прогласен за најдобар ДиЏеј во тогашна Југославија. Во тоа време се пушташе музика исклучиво на плочи. Поради тоа што ми се тресеа рацете, ги ставив брат ми и другар му Тино (кој покасно стана најдобриот ДиЏеј во градот, познат по своите настапи во Расчекор) да стојат пред мене, за да не се познава дека имам трема. Од тогаш па до денес сум пуштал скоро во секоја дискотека или кафич во градот низ годините. Почнувајќи од Сенатор, Свинг, Бамби, Расчекор, Позитив, Лектира, Инфинити, каде мислам дека го достигнав зенитот со популарните „Ретро забави“ во недела. Посебна посластица ми беа гостувањата во други градови како: Ресен (скоро 10 години), Неготино, Велес, Куманово и Гевгелија. Од кафичите би ги издвоил: Џуниор, Инстинкт, Интермецо, База, Барфлај, Мезе 102, Порта Џез, во поново време Радост, Бурбон и секако легендарниот Висаж (од кој бев составен дел цели 6 години), мојот омилен период. Така, оваа година навршив 35 години од моето ДиЏеј-ствување.
Следејќи го примерот на познатите светски Ди-Џеи, своите забави ги именував симболично „Love Is In The Hair“, нормално, под ДиЏеј-ското име Ile The Hair.Графички дизајнер
Лепејќи плакати за снимање музика, на сличен начин како и со Аце Сенатор, ме сретна тогашниот директор на КПЗ (Културно Просветна Заедница) д-р Златко Делов и ми понуди да работам хонорарно како графички дизајнер за сите манифестации под нивна организација: Така, можам да се пофалам дека сум работел плакати за: Хераклејски Вечери, фестивалот на забавна музика Интерфест, Модна Недела Битола, омоти за цд-ина и др. Исклучително сум горд на победничкиот плакат на конкурсот за Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ во 1994 година. Трите бои од омотот на албумот на Kraftwerk, црната, црвената и белата ми станаа заштитен знак исто како и минималистичкиот начин на изразување при дизајнирањето.Промотор на техно музика во Битола и Македонија
За прв пат кога басот ме покрена и ме однесе на подиум играјќи на „Acid House“ музика во дискотеката „Атлантида“ во Паралија, отидов во Катерини и ги купив сите можни касети со истата музика. Со нив ја направив првата техно журка во Битола и Македонија, точно на 30.11.1989 година, во дискотеката Сенатор. Најзначајно е што тоа што тогаш го правев, во исто време беше актуелно и во светот, значи тука не задоцнуваваме со таа музика. Горд сум на себе за тоа. Си обеќав дека ќе престанам да ја промовирам кога еден ден ќе прошетам по Широк Сокак и од секој еден локал ќе слушнам електронска музика. Кога тоа се случи, електронската музика им ја препуштив на помладите. Од тогаш си стојам на зборот иако понекогаш ме фаќа „ешта“ да „ја исчешам крастата“.Автор на музика
За тема на првата моја авторска песна идејата ми дојде од говорот на Другарот Тито на 11 конгрес на СКОЈ. Во период од две години, секоја вечер кога се враќав дома од излагување, го преслшував, забележував зборчиња, ги сечев и лепев на друга касета за да оформам реченици. Од тука произлезе првата техно песна во Македонија и на Балканот, наречена „Последниот Титов танц“, на 15.11.1991 година, под името Xavier Acid (која со самото тоа е и првата техно група во Македонија и на Балканот). Кога во една прилика гостував во емисија кај Николче Терзиевски, во Радио Битола, во тогашната многу популарна емисија „Демо Топ 10“, сега покојниот Менде Петковски влезе и на сред емитување на песната ни рече: „Гаси го ова оти сите ќе заглавиме во внатрешни“. Незнам за него, ама јас заглавив. Самиот си реков „или ќе завршам во затвор или ќе станам популарен. Не завршив во затвор, но затоа направив нешто оригинално. Една година покасно ја правам „Валтер го брани Сараево“, која исто така е провокативна сама по себе, вметнувајќи делови од истоимениот филм и музиката од филмот „Отпишаните“. Покасно песната станува составен дел од легендарното ЦД, „Македонски документ 2“. Заедно со Сашо Ралевски го правиме и првиот техно албум во Македонија и на Балканот, под наслов „И по Тито – Техно“ кој вгодина ќе слави 30 години од излегувањето. По тој повод ќе бидат издадени 200 винил плочи кои ќе се прават во Чешка.
Пред три години на неформален избор на најдобри 100 албуми и најдобри 100 песни во историјата на македонската музика, „Валтер го брани Сараево“ е рангирана на 80-то место, додека албумот „И по Тито – Техно е на 59-то место. Двете дела се единствени од овој жанр (техно или електронска музика).
Во 2016 година после пауза од 20 години под името Музак, со помош на Ивана Ѓоргиевска (глас) го издавам концептуално-амбиенталниот албум „Метрополис“, единствен од ваков вид во Македонија.Основач на модна агенција „Метрополис“ и организатор на „Модна недела“ во Битола…
Периодот кога створив семејство, започна еден друг период во мојот живот. Започнав да работам во маркетинг во Пивара Битола. За одредени промоции за потребите на Пиварата ми требаа девојки со убав изглед за да го промовираат пивото. Бидејќи пуштав музика по кафулиња, беше лесно да се одберат. Подоцна истите девојки ги бараа да снимат спотови и фотосесии, да делат флаери итн. И помислив дека можам да создадам модна агенција. Така настана Агенцијата за мода, култура и уметност „Метрополис“ (29.5.2007 година). Бидејќи претходно имав некакво искуство правејќи наменска музика за театарски претстави (за неколку аматерски претстави за фестивалот во Кочани) и модни ревии (имено на една ревија на Никола Петровски на одредена музика вметнав делови од порно филм и тоа привлече големо внимание, но и контраверзи) решив да ја направам и првата Модна Недела во Битола, која се одржа во Завод и Музеј, 2-4 Мај, 2008 година. Модните недели понатаму се одржуваа на различни локации како Домот на културата и во фоајето на НУ Театар Битола. Се организираа професионално на високо ниво. Слободно можам да кажам дека ја вратив од мртвите тогашната модна сцена во државата. Во рамки на истите имаше и изложби на модни фотографии, модни перформанси, фестивал на кратки филмови (дури и популарниот канадски пејач Bryan Adams, несебично ни имаше дозволено да користиме еден негов краток филм). Тера телевизија ја пренесуваше секоја една ревија, во текот на целото постоење на фестивалот, Бекстејџ беше тука сите години, исто како и Теа Модерна (нашиот модел Ирина Кузевска беше единствениот македонски модел кој се појави на насловна страна на Теа Модерна). Наши модели гостуваа на Модна Недела во Љубљана, неколку години по ред, итн.
Инаку, имам издадено и книга со наслов „Како да станете модел“, која е единствена од ваков вид на просторите на поранешна Југославија.
Метрополис функционира и денес, но интересите на дејствување се видоизменети, така да, денес се пренасочува на организирање на изложби, концерти, печатени списанија, цд-ина со музика и др. Најсвеж пример е првото од трите предвидени под името „Битола е градот“ со музика од групи и музичари од Битола, кои дејствувале во периодот од 2001-2022 година.
Можам за себе да кажам дека сум архивар на музика, флаери и слично “Ги имам сите весници од 4-ти мај – денот кога умре другарот Тито“…
Можам за себе да кажам дека сум архивар на музика, флаери, весници, постери и слично, кои од непознати причини ги чувам. На пример, сеуште ги чувам весниците од денот на смртта на другарот Тито. Тој култ на личноста ми беше фасцинантен. Ќе ви раскажам една интересна случка. Во кафе барот „FX“ за еден 25 мај органзиравме журка. Се беше во тој дух, сите келнери беа облечени како пионери, се пушташе само Ех-Yu музика итн. Бидејќи го имав во моја архива, предложив да го пуштиме видеото од погребот на Тито. Журката започна дури откако се догледа целиот погреб.
Од мојата архива би сакал во иднина да произлезе и изложба на флаери, кои се интересна форма на делување. Откако целата таа рекламна машинерија се префрли на социјалните мрежи, скоро и да не се печатат. Тоа е за во иднина… а дотогаш имам и многу други планови како издавње на уште една книга, за многу брзо треба да излезе од печат женскиот алманах за култура и урбано живеење „Муза“, кое е некоја врста на надградба на претходното „Магента“. Но за тоа, потоа.
За крај би порачал: „Слушајте македонска музика и поддржувајте македонски артисти, само така ќе го зачуваме сопственото автентично“.Разговорот можеби траеше скоро два часа, но беше интересн и еден вистински музички времеплов со Илија Талев (Косата) кој низ хумор на нему својствен начин и стил и со познавање за музиката, ни прераскажа и живеење во еден период многу значаен на музички и културен план. Од Иле не очекуваат уште многу други изразувања со кои сигурно и понатаму ќе поместува одредени граници во одредени норми на средината во која живееме.
Фото: Дамијана Ристевска