Press "Enter" to skip to content

На Педагошки во Битола промовиран прирачник за медиумска писменост „Секоја вест на тест“

Во издание на Педагошкиот факултет – Битола, единица на УКЛО, на 18.09.2024 г. промовиран е првиот Прирачник за медиумска писменост во високото образование:  „Секоја вест на тест“. Прирачникот е резултат на  интелектуален труд и анализа  од професорите: Виолета Јанушева, Данче Сивакова Нешковски, Јове Димитрија Талевски и Милена Пејчиновска Стојковиќ, ас. м-р Марија Стојаноска, лектор м-р Елена Шалевска и студентите: Бојана Мандровска, Благица Наумова, Ева Нешкоска  и Димитар Атанасовски.Упатствата и практичните објаснувања во Прирачникот ги содржат главните начела на медиумската писменост, критичкото размислување и полесно препознавање на дезинформациите.Во рамки на промоцијата истакнато е дека целта на Прирачникот е да се надградат и унапредат постојните програми по предметите Медиумска писменост, Медиумска култура во наставата и Лингвостилистика со содржини поврзани со медиумската писменост, првично наменет за студентите, но и за наставниот кадар што сака да се запознае со главните начела на медиумската писменост и да стекне вештини за критичко размислување.

На промоцијата присуствуваше ректорот, проф. д-р Игор Неделковски и проректорите: проф. д-р Јасмина Буневска-Талевска и проф. д-р Јове Димитрија Талевски и академската раководителка на КОЛОРС, проф. д-р Рената Петревска Нечкоска.Ректорот Неделковски  нагласувајќи ја употребливоста на Прирачникот  посочи дека тој  „доаѓа во прав момент бидејќи проблемот со лажните вести, со неточните вести и други облици на медиумски измами е навистина голем. Затоа е многу битно, не само за возрасните, не само за студентите, овие теми да се учат од најмала возраст, уште од основно образование, а за тоа треба и наставниците во основното образование да се обучат. Така да Педагошкиот факултет е на прав пат на идните наставници кои ги образува, преку овој, преку други прирачници или други форми, да ги едуцира за значењето на медиумската писменост, бидејќи не се проблем само лажните вести, туку се јавуваат и лажни фотографии, лажни видеа кои се повеќе се шират, а најнов тренд е лажниот глас. Многу скоро не ќе можете да бидете сигурни во веродостојноста и во она што го гледате и слушате на видеата, што значи расудувањето и процената на содржините ќе бидат најбитни, а тоа е она што нашиот Педагошки факултет почнува да го прави“.Инаку, Прирачникот содржи пет глави, во кои се разработени теоретските сознанија за медиумските содржини, а корисниците можат да се запознаат со значењето на медиумската писменост, да научат да пристапуваат до медиумските содржини и да ги анализираат и, на тој начин, да го развијат своето критичко мислење и да станат медиумски писмени лица што може да одговорат на предизвиците во современиот свет.

Издавањето на Прирачникот е  овозможено со поддршка од УСАИД, ИКС и ИРЕКС, во рамки на проектот за медиумска писменост „Младите размислуваат“.

More from ВестиMore posts in Вести »