Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, денес оствари средба со Амбасадорот на Република Казахстан, Н.Е. Сатибалди Буршаков. Новоотворената амбасада на Република Казхстан во Скопје, функционира од мај годинава, а на денешната средба беше изразен взаемен интерес за понатамошно продлабочување на економската и културна соработка меѓу двете земји.
Градоначалникот Коњановски го запозна Амбасадорот со проектите кои ги реализира општината, природните ресурси и приоритетите на соработка во полето на странски инвестиции, култура, туризам, производство и трговска размена.
Амбасадорот Буршаков, говореше за забрзаниот раст на својата земја во градежништвото, енергетските ресурси и производство и извозот на храна како двигатели на економијата не само во неговата земја, туку и во регионот на Централна Азија.
Н.Е. Буршаков, ја истакна важноста на мултиетничкото живеење во полето на културата, туризмот и креирањето на политики, изразувајќи желба за отворање на конзуларно претставништво во Битола и покренување инцијатива за збратимување на Битола со град од Казахстан со цел економизирање на постоечките ресурси на двете земји и започнување на заеднички идни културни манифестации.