НУ Камерен Оркестар на Битола ги започнува подготовките за претстојната музичка сезона со засилена енергија и нови кадри. По дополнителните вработувања, оркестарот активно работи на планирањето на програмата, иако се соочува со значителни предизвици.
Во текот на оваа година, НУ Камерен Оркестар е соочен со недостиг од основни ресурси за функционирање. “Немаме простор за проби, а и финансиските средства се далеку од потребните за непречено одвивање на активностите,” изјави ВД директорот на оркестарот, Дејан Цветковски. Покрај тоа, Министерството за култура оваа година им одобри само четири проекти, што е речиси десет пати помалку во споредба со колегите од Скопје.
-За жал, поради овие ограничувања, за останатите наши планирани настани и проекти во 2025 година ќе мора да се потпреме на сопствени средства, преку продажба на влезници и привлекување на спонзорства, додаде директорот.
НУ Камерен Оркестар на Битола, кој повеќе од десет години успешно функционираше од 2024 година доби статус на национална установа. Оркестарот е широко признат и популарен не само во Македонија туку и во странство, благодарение на својот уникатен начин на работа и микс на класична и популарна музика, а колку за потсетување минатата 2024 година одржаа свои концерти во Рим, Виена и во Врање, каде ги исполнија салите до последно место и публиката ги награди со повеќеминутни овации.
Неодамна, оркестарот имаше чест да го посети кабинетот на Претседателката на Република Македонија, која го истакна значењето на нивното постоење за културниот развој на Пелагонискиот регион и пошироко. “Претседателката потенцираше дека НУ Камерен Оркестар е културен стожер кој придонесува кон зголемување на културното богатство на регионот,” изјави директорот.
Соочувањето со проблемите со простор и финансии предизвикаа отежнато планирање на концерти, што дополнително го комплицира нивното функционирање во моментов. Оркестарот се надева дека за овие проблеми Министерство за култура и туризам ќе има слух и со нивна поддршка, како што е поддршката која што ја даваат на националните установи од овој вид ќе може успешно да ги реализира своите амбициозни планови за годината.
За повеќе информации и поддршка на НУ Камерен Оркестар на Битола, Ве молиме посетете ја нашата веб-страница: https://chamberorchestrabitola.com/ или нашите профили на социјалните мрежи Facebook и Instagram.