Првата прес конференција на Народен театар Битола во 2026-та година, се одржа во новата сцена, а истата беше посветена на премиерата на “Пламенка“ по истоимениот роман на Петре Димовски, а во режија на Софија Ристевска Петрушева.
На прес конференцијата присутните ги поздрави директорот на НТБ Битола Васко Мавровски, кој рече:
-Како што и ветивме, како тим кога дојдовме на позицијата да раководиме со Народен театар Битола, дека акцентот ќе биде на македонските автори на македонската драматургија и на македонските креативци и театарски работници, така и остваруваме. Минатата сезона ја започнавме со премиера праизведба на “Жиголо“ по текст на Игор Кузмановски во режија на Благој Мицевски. Оваа 2026 на мое огромно задоволство ја започнуваме со повторно праизведба на романот на Петре Димовски – “Пламенка“. Тоа зборува дека во континуитет сме доследни“.
Кога љубовта станува пламен, а зборовите пепел, во свет каде тишината тежи повеќе од крикот, една жена се бори со сопствената судбина, со страста, со стравот, со вистината што гори. „Пламенка“ од Петре Димовски е приказна за жената што не прифаќа да згасне.
-За мене авторот Петре Димовски, е еден од најголемите македонски автори, голем романсиер, исклучителен раскажувач, кој целиот свој животен век и цело свое пишано дело го посветил на луѓето од битолскиот крај, на битолската жена, на трагедиите што се случувале во нашиот крај, на војните, на преживувањето на нашето население. Неговите приказни се исклучително емоционални и многу потресни и работата врз ова дело за сите нас беше чест и привилегија. И многу се радуваме што Петре е меѓу нас и што ќе си ја види својата претстава на сцена. И мислам дека тоа е исклучително важно да се негуваат живите македонски автори, посебно живите битолски автори, изјави режисерката Ристевска Петрушева и додаде:
-Тоа беше навистина едно обемно дело. Самата авторка помина седум варијанти за да ја добиеме точната варијанта за нашата претстава. И беше многу интересно да се гледа како живиот драматург го почитува и му се восхитува на живиот автор. Значи, иако тие двајца приватно не се познаваа, начинот на којшто Крајчевска работеше врз делото на Димовски, јас како еден човек што го следев целиот тој процес бев длабоко восхитена.
“Пламенка е проект што е финансиран од Министерството за култура, за кој ние сме многу благодарни и е копродукција помеѓу Интимен театар, Народен театар Битола и Центар за култура Битола. Во самата изработка на претставата огромен дел има КУД Илинден: Филип Стефановски, Давид Балтовски, Виктор Крстевски, Петар Драгарски,Теодор Николовски, Огнен Радуловиќ.
Петре Димовски романот го пишувал неколку години, поминал низ многу проблеми но на крај бил објавен и сега има и премиера според неговиот текст.
-Имаше многу убави и неубави работи поврзани со книгата. “Пламенка на времето се читаше многу. Ме инспирираа повеќе случаи, се настани со жени што учествувале во војните. Јас ќе кажам што се случи после излегувањето на книгата.Така и ме пресретна Блаже Миневски. Тој е значаен писател, а исто го цени моето дело како силно и ми вика: Петре, многу си читан. Наградата за читан автор ќе ја добиеш. Во Скопје ме следеле, но тука еден друг писател во библиотеката преку научното друштво успеваше да дејствува, да не оди предлог итн.
Димовски има награда на “Нова Македонија“, четири награди на “Студентски збор“, трета награда на “Студентски“ и на книжевната младина на Македонија, како и наградата “4-ти Ноември“ на Битола.
За драматургот Билјана Крајчевска ова беше еден голем предизвик.
-Нашата главна тема, односно темата на жената и нејзиното преживување и жената како архетип на она што го претставува идентитетот, борбата за слободата, на нашиот јазик, на нашето традиционално минато. Но, и уште едно предупредување дека представата предупредува дека сè она што е во минатото, може да се повтори како една матрица во денешницата. А текстот навистина беше многу обемен. Имаше много информации кои што емоционално успеаа да го пренесат само актерите помеѓу непишаните редови. Меѓутоа, успеавме во него да вметнеме, и некои нови текстови, наши текстови, наши лични приказни кои сме ги слушнале од нашето семејство, од местото каде што живееме.
Во претставата играат: Маја Андоновска Илијевски, Викторија Степановска, Катерина Аневска Дранговска, Вероника Ефтимова, Валентин Дамчевски.
-“Пламенка“ е една претстава во која навистина многу се помачивме да го најдеме правилниот сценски израз. Со оглед на тоа што станува, како што споменавме, драматизација на еден роман, кој што е прилично голем, а ние успеавме да го сведеме на околу 45 страници, во час и десет минути треба да се преживее еден човечки живот, којшто верувајте бил, за една жена, меѓутоа и за луѓето кои што им се случува, за сите тие војни и така натаму, којшто бил прилично тежок. А, можеби сме навикнати во македонската драматургија да слушаме за македонската жена, за нејзината сила, нејзиниот непокор, за трагедиите кои што се случувале. Но, верувајте, Пламенка е само уште едно потсетување дека ние секој, дека секоја фамилија, секој човек има по неколку Пламенки во својот живот, вели актерката Маја Андоновска Илијевски која со оваа претстава се присети на приказните од својата баба.
За Љупка Стефановска ова е прва претстава во која се потпишува како автор на кореографски решенија и движења.
-Огромна благодарност на екипата која ми ја даде довербата. На почетокот кога ми беше доделена таа доверба, целосно навлегов во нештото, меѓутоа кога стапнав на сцената и кога ме повикаа да ги направам тие кореографски решенија, јас малку се збунив бидејќи толку дејствието во претставата е брзо, толку се менуваат периоди, значи традицијата е прикажана во целост. Живеењето во минатото, живеењето преку еден современ начин, современ тек, современа сценографија, костимографија. Кореографијата и движењата кои што се во претставата ја прикажуваат традицијата, односно традиционалниот начин на нематеријалното живеење и нематеријалните вредности на нашиот народ. Тоа е тешко да го доловиме, меѓутоа кога го сакаме нештото можеме да го презентираме. Кореографијата се надоврзува на сите оние периоди на војувања, војски и страдања на македонската жена, на македонскиот народ, кои не може преку говор да се изразат.
Композитор е Александар Талевски, музиката е комплетно авторска. Костимите се авторско дело на Андреј Папаз Ѓоргиевски, сценографија Михаел Димитровски, видео оператор Владимир Переловски.Тон: Николче Терзиевски. Инспициент Оливер Петровски, суфлер: Гордана Михајловска, светло мајстор Горан Петровски, авторски фотографии и графички дизајн Сашо Илковски.
-Во мојот дел беше ставен акцент околу, изработка на креативите, изработка на дизајнот. Направивме голем број на фотографии и фото-сесии и авторски видеа. Изработивме некои пет сцени, а целта беше да прикажеме некои сцени од “Пламенка“. На мое големо задоволство, со целата екипа избравме пет локации кои што се тука локални, регионални, кои што имаат допир и со романот “Пламенка“ и со дејствието и со селото. Изработивме видео украс на целата преставата, изјави Илковски.
-Во мене претставата пробуди многу големи чувства и емоции, тоа што се случувало на нашиот македонски народ, па можам да кажам и на предците. Ми беше чест и задоволство да бидам дел една од “Пламенките“, мило ми е што учествував во овој процес и се надевам дека ќе имам уште повеќе соработки со моите прекрасни колеги, вели младата актерка Вероника Ефтимова.
-За мене “Пламенка“ претставува еден омаж за жената. Беше огромен предизвик, бидејќи јас сум единствено машко во екипата, ова го кажувам од срце, бидејќи јас сум еден огромен феминист и сакам жената да биде на исто ниво со мажот. Процесот го поминувавме премногу емоционално, имавме и смешни моменти. Тука разбравме дека и луѓето и кога биле во војна, понекогаш успеавале да се насмеат. Она што мене ми остави најголем впечаток е внесувањето на законот за колење на кози. Козата е тука прикажана како мајка. Со тоа што таа создава млеко и прераснува во една хероина, вели Валентин Дамчевски.











