Вардар со победата над Струга во претпоследното 33. коло го обезбеди трофејот во овогодинешната сезона во ПМФЛ. По средбата имаа клупски ручек за прослава, но на него освен вардаровите песни, имаше и навредливи, со вулгарна порака кон Битола и битолчани, најповеќе кон Каролина Гочева.
По ваквиот вулгарен начин на прославување на титулата се појавија многу реакции, негативни коментари и осуди упатену кон Вардар од страна на навивачите на Пелистер и битолчани кои најгласни, но секако имаше реакции од целокупната јавност.
Покрај сите реакции на битолчани, на навивачите, на “Чкембарите“ и на голем број на љубители на спортот од Битола и од цела Македонија, денес официјално се огласија и градоначалникот на Битола – Тони Коњановски, претседателот на Советот – Б0јан Бојковски, секретарот – Борче Димитровски. Сите го осудија ваквото навредливо скандирање кон Битола и кон Каролина Гочева, наведувајќи дека е недозволиво и срамно. Ниту еден успех, титула или спортска еуфорија не може да биде оправдување за навреди, омаловажување и недостоинствено однесување, се вели во реакциите.
Ваквото однесување нема никакво оправдување, особено кога доаѓа во моменти кои треба да бидат прослава на спортски успех, а не простор за навреди и поделби.
-Како градоначалник на Битола и во име на Општина Битола, силно го осудувам навредливото скандирање од страна на претставници на ФК Вардар на објавеното видео на социјалните мрежи од нивната прослава на шампионската титула.Прославата на победата или било кој дел од еден спортски настан секогаш мора да се одвива достоинствено без навреди и вулгарности кон било која личност. Исто така очекувам дека раководството на клубот ќе се огласи и извини за ваквото непримерно однесување, се огласи Коњановски.
Покрај битолчани со реакции се јави министерот Борко Ристовски, кој јасно и децидно го осудија недоличното однесување на фудбалерите на Вардар, дел од нив сениорски и У21 репрезентативци на Македонија.
-Во однос на синоќешните видеоснимки кои се појавија од прославата на ФК Вардар, како Министерство, но и од мое лично име како министер за спорт, сакаме да ја известиме македонската јавност дека недвосмислено го осудуваме ваквиот тип прослави, кои вклучуваат навреди по која било основа, особено доколку во нив се вклучени спортски работници, играчи, селектори и лица од јавниот живот, се огласи Ристевски.
И Фудбалската федерација на Македонија се огласи по повод срамното славје на играчите на Вардар по обезбедената титула во ПМФЛ која упати осуда на она што се случуваше во Струга.
-Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) изразува осуда за навредливото и недолично однесување на ФК Вардар при прославата на победата и обезбедувањето на титулата шампион на Македонија. ФФМ отсекогаш апелирала и повикувала на достоинствен начин на однесување при победите и на понизност при поразите. Особено е неприфатлива потребата да се повикуваат навредливи содржини и да се пее вулгарни и навредливи текстови при прославувањето на победата. Ваквото однесување е недолично без разлика кон кого е насочено, без разлика дали станува збор за јавни личности, за навивачи на другиот тим, за фудбалери или за кој било друг. Дисциплинскиот инспектор при ФФМ веднаш ќе отвори постапка против клубот во врска со последните случувања.








