Денес во Народниот театар Битола се одржа прес-конференција по повод претстојната премиера на претставата „Госпоѓа Бовари“, од Гистав Флобер, во режија на Дејан Пројковски, која ќе биде изведена, утре, 25 јуни во 20 часот на сцената на Народниот театар Битола.
Пред претставниците на медиумите се обрати директорот на Народниот театар Битола, Васко Мавровски.
-Премиерата е дел од “Бит Фест“ оваа година, со поддршка од КИЦ Битола и Општина Битола и дека му претставува огромна чест и задоволство што режисерот Дејан Пројковски е дел од најновата продукција на театарот.
-Со Дејан Пројковски имаме заедничка историја. Тој е многу актуелен режисер. Имавме периоди кога работевме на различни места, но ја споделувавме историјата, а сега повторно создаваме заедничка приказна. Заедно сме од средината на деведесеттите години и многу ми е драго што израсна во еден од најголемите режисери. Такви луѓе веќе се бројат на прсти. Тој е еден од најдобрите режисери во нашата држава и во регионот, и за мене е голема чест и задоволство што повторно го имаме на сцената на Битолскиот народен театар. На 10 јули ќе се видиме на уште една прес-конференција, посветена на следната премиера во режија на Џон Блондејл, со која на 15 јули ќе имаме македонска премиера на Охридско лето, а на 21 јули светска премиера во Верона, на “Верона Шекспир Фестивалот“.
На прес-конференцијата се обрати и самиот Дејан Пројковски, кој упати искрена благодарност до Народниот театар Битола и до директорот за поканата и довербата да ја реализира оваа претстава.
-“Госпоѓа Бовари“ носи со себе некои вечни теми и прашања. Мислам дека „Госпоѓа Бовари“ е некаков женски „Хамлет“. Тоа е женскиот поединец кој се спротивставува на системот, на општествените и моралните рамки што ги создаваме и кои се дел од сите нејзини проблеми, додека системот се обидува да ја вовлече да биде дел од тие лажни вредности. Самата претстава зборува за слободата на личниот избор. Момо Капор вели дека слободата треба да ја земаме онолку колку што сме подготвени да ја платиме цената за неа. Говорам за личната слобода и за личниот избор.
-Госпоѓа Бовари во претставата го минува својот пат, каде што е растегната меѓу телото и душата, меѓу телото и страстите што ја влечат надолу, на земјата, во калта, и од друга страна, душата што се обидува да гледа кон небото, да го бара Бог и повисоката смисла на постоењето. Во тоа растегнување меѓу телото и душата, Госпоѓа Бовари е како затегната жица на гитара или харфа, која пука пред нашите очи. Има еден аргентински поет што вели дека разликата меѓу обичниот и совршениот звук е во еден полутон; дека така е и во животот. Разликата меѓу доброто и лошото, или меѓу ангелското и ѓаволското, е во еден полутон; тие многу тешко се разликуваат. Во тој полутон се движи нашата Госпоѓа Бовари, меѓу ангелското и ѓаволското, додаде Пројковски.
Денес пред медиумите се обратија Маја Андоновска Илијевски, која го толкува ликот на Ема Бовари, и Никола Стефанов во улогата на Леон.
-Актерски, а и женски, за мене е една многу значајна претстава и процес кој што го поминавме изминатиот месец дена. Процес кој што ме натера да се занимавам со сите жени на светот, но највеќе со себе, за така да ја родиме нашата Мадам Бовари. Верувам дека во нашата претстава и во се она што сработивме како екипа заедно, нема да постои жена во публиката која што во еден одреден момент нема да си ги постави истите прашања: дали е доволно добра мајка, дали е доволно добра жена? Дали постои совршена љубов? Каде е тој совршен маж и кој е тој совршен живот за кој што Мадам Бовари, за која што пишувал Флобер, некогаш живеел во кориците на старите библиотеки во книгите? И која е таа Мадам Бовари денес и кое е тоа совршенство по кое што таа копнее? Дали тоа се социјалните медиуми и светот кој што не опкружува? Ние воопшто не се занимаваме со тоа во нашата претстава. Меѓутоа, појдовната точка на една современа жена, како што сум јас и на еден актер и на еден уметник, буквално шеташе низ сите годишни времиња и низ сите историски времиња, за да ја најдеме онаа Мадам Бовари која што вие ќе ја видите на сцената денес, утре и уште два пати во месец јули, рече Маја Андоновска Илијевски и додаде:
Никола Стефанов кој битолската публика ќе го види во улогата на Леон рече:
-Дејан Пројковски е мој професор и јас завршив во негова класа. Ова е моја петта соработка со него и тој на некој начин е мој “театарски татко“ и прво се радувам дека е тука. И после долго, некои седум години мислам, работиме претстава. Многу сум радосен и чувствувам огромна одговорност во целата претстава. „Мадам Бовари“ беше едно патување во кое секој ден бевме и физички и психички истоштени, но стигнавме до еден резултат за кој мислам дека ќе се зборува и се радувам кога ќе видам колега или колешка во моментот, дека на некаков начин ја живее својата, можеби улога во животот. И тоа ме радува многу и таа радост мислам дека треба да се развие и да расте, додава Никола Стефанов.
Покрај нив во претставата играат: Иван Јерчиќ (Шарл), Огнен Дранговски (Родолф), Мартин Мирчевски (Лере), Сандра Грибовска Илиевска (Слугинка), Петар Мирчевски (Свештеник), Борче Ѓаковски (Исус Христос) и Ива Лазарова (Ќерката на Ема и Шарл).
Авторскиот тим го сочинуваат: асистент на режија Андреј Цветановски, драматург Сашо
Димовски, сценограф Валентин Светозарев, костимограф Андреј Ѓоргиевски, кореограф Олга Панго, композитор Горан Трајкоски, видео дизајнер Сергеј Светозарев, светло мајстор Игор Мицевски, тон мајстор Александар Димовски, видео оператор Владимир Переловски, инспициент Оливер Петровски.
Фото: Сашо Ристевски










