Press "Enter" to skip to content

113 години од Букурештиот договор

На еден настан што се уште болно ме потсетува од македонскиот трагизам со Букурешткиот договор, сега кога овие денови хроничарите ги одбројуваат последнит зрна песок во клепсидрата која ќе означи 113 година, некако неодминливо се навраќам на една летна жега во која со сопругата се најдовме во Палатата Кантакузино во Букурешт, каде сега е сместен Националниот музеј “Ѓорге Енеску“. Тоа е раскошна палата изградена на почетокот на 20. век за политичарот Георге Кантакузино, нарекуван “Набабот“ поради огромното богатство. Таму била инсталирана првата наизменична (теслина) струја во Европа, но, на 10 август 1913 година биле собрани делегациите на Романија, Србија, Грција, Црна Гора и Бугарија, вековните кројачи и калемари на македоноцидот.

При нашиот разглед, од претходните денови оптоварени со Влад Тепеш Дракула и неговата Трансилванија, мечките на Карпатите, Букурештката патријаршија и христијанските богослужби, овој пат посетувајќи го овој музеј во чест на големиот романски композитор Енеску, бевме воведени во дворската црква. Во очи ни падна една волшебна резба од орев на тамошниот иконостас. Со еден јасен запис пишуваше дека иконостасот го изработиле грчки и македонски монаси. И при таква естетика и мајсторство, не можев, а да не се потсетам на мијачките резбари и иконописци и на македонското простумење што би рекол Чашуле, или на македонската правостоина како што запишал во еден наслов Гане за соцељубивите Македонци, кои ете тука во дувлото на еден од македонските погроми оставиле неизбришлив запис и сонцезрачна трага и возљуба за својот корен и непокор.

Потоа, низ еден ходник, поминавме во библиотечната сала со огромна овална маса послана со зелена чоја, а пред секоја столица беа испишани имињата на претставниците од делегациите кои учествуваа во потпишувањето на Букурешткиот договор. Покрај имињата на потписниците- Никола Пашиќ за Србија, Евангелос Венизелос за Грција и Стојан Цончев за Бугарија, кај бугарската делегација во очи ми падна името на Симеон Радев. Ме штукна болна мисла, наш ресенчанец, битолски гимназист, хроничар за Битола и чествувач на Гоце и Даме, ама целосно со бугарски происход кој достасал до министер, дипломат, амбасадор. Абре што чудо ќе беше со овие ресенчани, Радев министер, а Љапчев исто ресенчанец подоцна премиер кој исто учел бугарска гимназија во Битола и тогашен  министер за трговија.

Б`лгарската тажаленка

Бидејќи на потпишувањето на Договорот (10 август 1913 година), бугарската страна беа поразените во Втората балканска војна (јуни- јули 1913 година), при поделба на пленот за парчосување на Македонија тие добија најмалку- само Пиринска македонија, Вардарска Македонија и припадна на Србија, а Егејска Македонија на Грција, додека на Романија Јужна Добруџа. Оваа поделба не се засновала на референдум или изјаснување на локалното население, туку била резултат на воениот исход и меѓународно пазарење, особено со Блудницата Вавилонска. Тоа значело тројна поделба на историската област, воспоставување на нови граници и разделба на повеќе семејства, уништување на трговски врски и локални заедници и разни политики и устројства во три држави кои морале да ги трпат Македонците. Ако нашите историчари додека пишуваат  за распарчување, бугарската историографија зборува за национална катастрофа. Радев, како дел од бугарската делегација со Танчов, Фичев,  Иванчов и Станчов, во мемоарите оваа конференција ја опишува како мошне тешка, а по воениот пораз на Бугарија, па дека резултатот однапред бил познат со најтешки последици за Македонците, сепак перципирани низ неговата јасно детерминирана бугарштина. Иако релативно млад (34 години), Радев останал во Букурешт до 1916 година како министер полномошник кој дипломатски морал да ги балансира последиците од “бугарската национална катастрофа“ (се мисли на Втората балканска војна).Нашето распарчување и молк за анексот

По поделбата, во Вардарска Македонија која припаднала на Србија, Никола Пашиќ ја прогласил за бановина. Од другата страна на исток, Пиринска Македонија си останала во рамките на Бугарија, а Егејска Македонија со Кавала, Солун, Сер и Драма на Грција. Што понатаму се случуваше и случува по Букурешт во овие 113 години, историчарите и хроничарите пишувале и се уште пишуваат, но еден од  најпремолчуваните документи е анексот на Букурешкиот договор, кој бил класифициран како таен документ.

За нештата да бидат појасни, ќе го пренесам во целост и гласи како ДОПОЛНИТЕЛНА  И ТАЈНА КЛАУЗУЛА.

“Т 21. Ако по истекот на 100 години од денот на потпишувањето на овој договор, еден дел од Македонија успее да стане независна држава и да го задржи името “Македонија“, тогаш сите страни потписнички на овој Договор се обврзуваат да се обединат за воспоставување на територијално единство на Македонија, или да обезбедат соодветно обештетување на изгубените делови, според начелата на правдата и меѓународниот поредок.“

И ете, тука сме за четири дена да ги одбележиме нашите мачни  113 поминати години од таа  болна достага. Рокот од клаузулата помина пред десет години, арно ама сите се прават недоветни. Уште Његош, во тоа време кажал една простоумна мисла дека “кому закон во топузот му лежи, трагата му смрди на нечовештво“.  Дури и старите Латини рекле- Nomen est omen (името е човек), а нашиот покоен битолчанец Јонче Христовски тажно ама светлозрачно ја отпеја за вечност “Едно име имаме, во душата го носиме, за тебе живот даваме о Македонијо“.

П.С. Благодарност до Неговото Високо Преосвештенство владиката Петар, митрополит преспанско- пелагониски, кој ме удостои со копие од Букурешткиот договор.

Авторот е новинар во пензија со 43 – годишен новинарски стаж.

(Ставовите изнесени во колумните се личен став на авторот и не се ставови на редакцијата на “Битолануз“ и не се одраз на уредувачката политика.)