
Споредувањето со другите е дел од човековата природа. Но никогаш порано не сме имале можност да се споредуваме со толку многу луѓе — и тоа секојдневно, бидејќи тука се социјалните мрежи. Таму најчесто го гледаме само она што некој избрал да ни го покаже: насмевката, убавата фотографија, успехот, патувањето, совршено напишаниот текст. Дури и кога се споделува нешто тажно, со зборови кои често ја ублажуваат болката.Емоциите кои стојат зад тоа не се доживуваат вистински.
А вистината е дека најубавата фотографија понекогаш е направена во најтешкиот момент.
Една личност еднаш ми кажа: „Кога ги гледам моите најубави фотографии, се сеќавам дека зад многу од нив стоеја тешки моменти, плачење и борба. Но, тоа не се гледа на фотографијата.“
Кога туѓиот „совршен живот“ ќе направи нашиот да ни изгледа недоволен
Лето е. Гледаме фотографии од егзотични дестинации, убави ресторани, совршени тела, убаво уредени домови и насмеани семејства. Скроламе низ телефонот и гледаме туѓи животи кои изгледаат совршено. А потоа го спуштаме телефонот и го гледаме нашиот живот.
И одеднаш, она што до пред неколку минути ни било сосема нормално, почнува да ни изгледа недоволно.
„Зошто јас не патувам толку?“
„Зошто мојот живот не изгледа вака?“
„Зошто сите се среќни, а јас не сум?“
Тука се појавува замката на Синдром „совршениот живот“ – го споредуваме нашиот реален живот со туѓите најубави моменти.
Гледаме фотографија, а замислуваме цел живот на социјалните мрежи најчесто го гледаме убавото. Го гледаме утрото со кафе, но не и непроспиената ноќ. Го гледаме патувањето, но не и стресот пред него. Ја гледаме насмевката, но не и проблемите што можеби стојат зад неа. Го гледаме успехот, но не и стравот и неуспесите што му претходеле.
Една фотографија не е цел живот
Сепак, често го споредуваме нашето секојдневие со туѓа фотографија. И нормално е тогаш да имаме чувство дека губиме.
„Сите напредуваат, само јас стојам“
На социјалните мрежи секогаш има некој што купил стан, нов автомобил, се оженил, отпатувал, започнал бизнис или постигнал нешто големо. Некој вежба, слабее, трча маратони, чита книги и изгледа како секој ден да станува подобар. А можеби ние токму тој ден сме имале тежок ден на работа и само сме сакале да си легнеме. И почнуваме да мислиме дека заостануваме.
Но, животот не е натпревар
Секој човек има свое време, свои околности и свој пат. Не мора животот да биде совршен Има денови кога сме среќни. Има денови кога сме уморни. Има периоди кога напредуваме, но и периоди кога само се обидуваме да издржиме. И сето тоа е дел од животот.
Можеби проблемот не е во нашиот живот, туку во очекувањето дека животот треба постојано да биде убав, успешен и совршен. Не мора да имаме совршен дом, совршено тело, совршена врска или совршена кариера за да бидеме задоволни.
Следниот пат кога ќе се споредуваме…
Кога ќе почувствуваме завист или незадоволство додека гледаме нечии фотографии, да застанеме за момент и да се прашаме: Дали навистина го посакувам неговиот живот или само моментот што ми го покажа?
Не знаеме што се случувало пред фотографијата. Не знаеме што се случило по неа. Не знаеме низ што поминал човекот за да стигне до тој момент.
Една личност еднаш ми кажа: „Кога ги гледам моите најубави фотографии, знам дека зад многу од нив стоеја мои најтешки моменти. Но, тоа не се гледа на фотографијата.“
Ова е нешто што вреди да го запомниме.
Не го споредувајте вашето цело поглавје со туѓа една страница. Не го споредувајте вашето секојдневие со туѓите најубави моменти. И не дозволувајте туѓа фотографија да ви каже дека вашиот живот не е доволно добар.
Можеби вашиот живот не е совршен. Но не мора ни да биде. Понекогаш најубавите моменти се оние што не ги фотографираме. Кафето со блиските. Разговорот со пријател. Смеата дома. Мирниот ден без потреба некому да докажуваме дека сме среќни.
Зашто животот не се случува на екранот. Животот се случува додека телефонот е спуштен.






