Press "Enter" to skip to content

Интервју: Бојан Илиевски од Битола со маримбата ја освојува Европа, сакам удирачките инструменти да и ги доближам на македонската публика (фотогалерија)

-Од Музичката академија во Љубљана до Фолкванг Универзитетот во Есен е патот на еден млад музичар, како Бојан Илиевски од Битола, кој верува дека и маримбата и удирачките инструменти заслужуваат поголемо место пред македонската публика

Бојан Илиевски од Битола е млад македонски музичар кој оваа година успешно ги заврши студиите на Музичката академија во Љубљана, на отсекот за удирачки инструменти, во класата на проф. Симон Клавжар. Во текот на студирањето не само што стекна големо музичко искуство, туку стана дел од повеќе професионални музички состави во Словенија и Европа. Во март годинава Бојан освои прва награда на словенечкиот натпревар за музичари „ТЕМСИГ“, а неговото име веќе е поврзано со соработки со Словенечката филхармонија, Симфонискиот оркестар на РТВ Словенија, Полицискиот оркестар на Словенија и АГ Брас.Искуството го однесе и надвор од Словенија, па така соработувал и со Камерниот оркестар на Штутгарт, во Вилхема театарот во Штутгарт. Посебна приказна е неговиот дипломски концерт, одржан на 12 јуни 2026 година во концертната сала „Јулија Беттета“ на Музичката академија во Љубљана. Со концертот Бојан го заокружи своето образование во класата на проф. Симон Клавжар. Корепетитор беше проф. д-р Сае Ли, а гостин на концертот Тристан Арко. На концертот, покрај познатите композиции за удирачки инструменти, Бојан го претстави и својот аранжман на „Македонско капричо“ од Драган Шуплевски, дело кое го адаптирал за две маримби.

Од октомври Бојан продолжува на магистерски студии на Фолкванг Универзитетот во Есен, Германија, во класата на проф. Катарина Мичка. За музиката, животот во Љубљана, европските искуства, „ТЕМСИГ“, дипломскиот концерт, македонската музика и желбата еден ден да настапува пред македонската публика, разговаравме со Бојан Илиевски.Бојан, зад вас е една важна година – дипломиравте во Љубљана, освоивте прва награда на „ТЕМСИГ“, настапувавте со професионални оркестри… Како се чувствувате кога ќе погледнете наназад?

-Кога ќе погледнам наназад, можам да кажам дека овие три години во Љубљана поминаа многу брзо, но беа исполнети со многу работа, искуства и убави моменти. Најважно од сè е што во овие години многу напредував како музичар, но и како човек. Запознав колеги од целиот свет и имав можност да учам од различни луѓе и музички средини. Секако, имаше и тешки моменти, но токму тие моменти ме направија посилен и ми помогнаа да сфатам што сакам понатаму.

Музичката академија во Љубљана беше твојот дом три години. Каков печат остави професорот Симон Клавжар врз тебе како музичар?

-Проф. Симон Клавжар има огромно значење во мојот развој. Како професор, но и како музичар, ми помогна да научам многу работи кои не се однесуваат само на техниката на свирење. Многу е важно да имаш професор кој знае како да те насочи, но истовремено да ти дозволи да го пронајдеш и сопствениот музички израз. Мислам дека во овие три години добив многу добра основа врз која можам понатаму да се надградувам.Во март следуваше големо признание – прва награда на „ТЕМСИГ“. Колку значи една ваква награда за млад музичар?

-Многу значи. Секој натпревар носи одредена трема и одговорност, затоа што во неколку минути треба да го покажете она на кое сте работеле со месеци. Првата награда ми даде дополнителна мотивација и потврда дека трудот што го вложувам има резултат. Но, истовремено, наградите не треба да бидат крајна цел. Тие треба да бидат поттик да продолжиш уште повеќе да работиш.

Работиш и со некои од најзначајните оркестри во Словенија. Како е чувството да се биде дел од такви професионални ансамбли?

-Тоа е прекрасно искуство и голема одговорност. Соработката со Словенечката филхармонија, Симфонискиот оркестар на РТВ Словенија, Полицискиот оркестар на Словенија и АГ Брас ми овозможи да почувствувам како изгледа професионалниот музички живот. Секој оркестар има своја енергија и свој начин на работа. Тоа е нешто што многу се учи само преку искуство.Имаш искуство и со Камерниот оркестар на Штутгарт. Колку ваквите европски соработки ти го прошируваат музичкиот хоризонт?

-Многу. Кога работите со музичари од различни земји, сфаќате дека музиката навистина е универзален јазик. Секоја средина носи нешто различно. Од начинот на проба, комуникацијата, односот кон музиката, па сè до самиот настап. Таквите искуства ми се особено важни затоа што сакам и во иднина да работам со музичари од различни земји.

Твојот дипломскиот концерт. Веројатно еден од најемотивните моменти за секој студент по музика?

-Апсолутно. Дипломскиот концерт за мене беше круна на овие три години во Љубљана. Се одржа на 12 јуни во концертната сала „Јулија Беттета“ на Музичката академија во Љубљана. На концертот со мене беа проф. д-р Сае Ли како корепетитор и Тристан Арко како гостин. Беше посебно чувството затоа што знаев дека со тој концерт завршувам едно поглавје од мојот живот.На програмата имаше и едно дело кое има посебно значење – „Македонско капричо“ од Драган Шуплевски, во твој аранжман за две маримби.

-Да, тоа ми беше особено важно. Сакав на мојот дипломски концерт да имам и нешто македонско. „Македонско капричо“ е прекрасно дело и сакав да му дадам еден поинаков облик. Оваа година направив аранжман за две маримби. Тоа беше интересен и предизвикувачки процес, но истовремено и големо задоволство. Ми беше важно да покажам дека македонската музика може да се претстави и преку еден поинаков инструментален состав и пред публика надвор од Македонија.

Колку ти значи македонската музика додека градиш кариера во Европа?

-Многу. Каде и да сум, јас сум Македонец и сакам тоа да биде присутно и во мојата музика. Мислам дека имаме прекрасна музичка традиција и култура која може многу повеќе да се претставува надвор од Македонија. Особено како млади музичари имаме одговорност да ја носиме таа музика со себе и да ја претставуваме на новите генерации и на меѓународната публика.Удирачките инструменти кај нас сè уште не се толку познати како пијаното, виолината или гитарата. Може ли тоа да се промени?

-Секако дека може. Кога ќе му кажете на некого „удирачки инструменти“, најчесто прво помислува на тапани. Но, светот на удирачките инструменти е огромен. Тука се маримбата, вибрафонот, тимпаните, различните видови перкусии и многу други инструменти. Секој од нив има своја боја и свој карактер. Мојата желба е преку концерти и настапи да им покажам на луѓето дека удирачките инструменти можат да бидат и многу мелодични, емотивни и виртуозни.

Од октомври започнува ново поглавје – магистерски студии во Есен. Што значи за тебе оваа можност?

-Тоа е еден нов голем предизвик. Ќе студирам на Фолкванг Универзитетот во Есен, во класата на проф. Катарина Мичка. Многу сум возбуден за новата средина и за сè што следува. Сакам да продолжам да се развивам, да учам и да стекнувам нови искуства. Сметам дека за музичарот никогаш нема момент кога може да каже дека завршил со учењето.А кога ќе заврши и Есен – дали Македонија ќе биде дел од плановите?

-Секако. Тоа е нешто што многу го посакувам. Би сакал во иднина да имам концерти низ Македонија, да соработувам со македонски музичари и да направам проекти преку кои удирачките инструменти ќе им бидат поблиски на луѓето. Сакам да ја развиваме нашата култура и преку инструменти кои можеби сè уште не се доволно познати кај нас.

И за крај – што би му кажал на Бојан од пред три години, кога првпат замина во Љубљана?

-Би му кажал да верува повеќе во себе и да не се плаши од предизвиците. Не е секогаш лесно да заминеш во друга земја, да започнеш одново и да се докажуваш. Но, ако навистина ја сакаш музиката и си подготвен да работиш, секој чекор те носи напред.Од Љубљана до Есен, од првата награда на „ТЕМСИГ“ до европските оркестри, Бојан Илиевски полека, но сигурно го гради својот музички пат. А неговата приказна допрва започнува. Со маримбата и удирачките инструменти како свој музички јазик, со македонската музика како дел од својот идентитет овој млад музичар покажува дека македонскиот талент има свое место и на европската музичка сцена.

Жанета Ристевска

More from ИнтервјуMore posts in Интервју »