
Први септември… Нови патики, училишен ранец, тетратки, моливи, боици и оној посебен мирис на новиот училишен прибор. За многумина од нас, почетокот на учебната година буди убави спомени, но и различни чувства. За детето кое првпат тргнува во училиште, тоа е голема промена. Нов простор, нови луѓе, учителка, правила, обврски… Затоа е сосема нормално да чувствува и возбуда и страв, радост и несигурност.
А и родителите имаат свои грижи: Дали ќе се снајде? Дали ќе најде другарчиња? Дали ќе ја прифати учителката? Дали е доволно подготвено?
Еве неколку совети кои можат да помогнат.ж
Разговарајте со детето за училиштето
Кажувајте му што го очекува, но на позитивен и реален начин. Не создавајте слика дека училиштето е место каде што „сè ќе биде прекрасно“, туку објаснете му дека е нормално првите денови да има различни чувства. Можете да му раскажете и како било кога вие сте тргнувале на училиште. Кажете му дека можеби сте имале трема или страв, но дека постепено сте се навикнале, сте стекнале другарчиња и сте се чувствувале посигурно.
На тој начин му порачувате: „Разбирам како се чувствуваш. И јас сум поминал/а низ тоа.“
Не го пренесувајте вашиот страв на детето
Сосема е нормално родителот да се грижи. Но, важно е да внимаваме сопствената загриженост да не ја пренесеме на детето. Можеме ненамерно да му создадеме впечаток дека училиштето е нешто од кое треба да се плаши.
Наместо тоа, бидете смирени и заинтересирани: „Како се чувствуваш кога помислуваш на училиштето?“, „Што најмногу те радува?“, „Има ли нешто што те загрижува?“
А што ако не се вклопи со другарчињата?
И ова е еден од најчестите стравови кај родителите. Важно е да знаеме дека на детето му треба време да ја запознае новата средина. Не очекувајте веднаш да има најдобар другар, големо друштво или да се чувствува целосно сигурно. Следете го, разговарајте со него и дајте му време.
Прашајте го: „Со кого разговараше денес?“, „Дали запозна некого?“, „Како се чувствуваше на одмор?“ Наместо само: „Што научи денес?“
Болка во стомачето, главоболка, несоница…
Кај некои деца промената може да се покаже и преку телото. Може да се јават болки во стомакот или главата, послаб апетит, потешко заспивање или поголема потреба да бидат со родителот. На почетокот бидете трпеливи и смирени. Разговарајте, прошетајте, играјте, дадете му време да се опушти. Доколку тегобите се упорни или силни, добро е да се консултирате со педијатар или соодветен стручњак.
Дали детето треба да знае да чита и пишува пред да тргне во прво одделение?
Ова е едно од прашањата што најмногу ги загрижува родителите. Не треба да се создава притисок детето по секоја цена да знае да чита и пишува пред да тргне на училиште.
Многу поважно е да има основни животни вештини и одредена самостојност.
На пример, добро е да знае: самостојно да се облекува и соблекува; да ја закачи јакната; да го користи тоалетот и да се грижи за основната хигиена; да ги чува и средува своите работи; да го подготвува и организира својот училишен прибор; постепено да презема мали обврски дома.
Тоа се вештини кои ќе му помогнат да се чувствува посигурно и во училишната средина.
А домашните задачи?
На почетокот можеме да му помогнеме, но постепено треба да му дозволиме самото да презема одговорност. Родителот не треба да ја работи задачата наместо детето. Ако постојано стоиме над него и проверуваме секој чекор, можеме ненамерно да му испратиме порака: „Не можеш сам/а.“
Многу покорисно е да го охрабруваме: „Пробај сам/а, па ако ти треба помош, тука сум.“
И не заборавајте – првиот месец е период на адаптација
Не очекувајте од детето веднаш да биде совршено организирано, самостојно, смирено и успешно. Тоа е голема промена. На детето му треба време да се навикне на новата средина, ритамот, обврските и правилата.
Затоа, наместо: „Мораш!“ почесто користете: „Ќе научиме заедно.“, „Полека, ќе се навикнеш.“, „Знам дека можеш, а ако ти треба помош – тука сум.“
На крај, најважно е…
Детето не мора да знае сè пред да тргне во училиште. Многу работи ќе ги научи таму. Најважно е да се чувствува сакано, сигурно и поддржано и да знае дека може да разговара со вас кога нешто го радува, но и кога нешто го плаши или загрижува.
На детето не му треба совршена подготовка за училиште. Му треба сигурност дека некој верува во него и дека не е само во новиот почеток.
Со среќа на сите првачиња и нивните родители!






