Press "Enter" to skip to content

Европска ноќ на истражувачи 2026 – науката се среќава со граѓаните

Битола ќе живее со науката – со богата лепеза на практични и интерактивни активности за сите генерации, во рамки на Европската ноќ на истражувачи 2026, во организација на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, дел од Европската универзитетска алијанса КОЛОРС.

Програмата започнува на 24 септември во 18 часот во Блисс Мол, додека главната манифестација ќе се одвива на 25 септември во НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола. Во 11:30 часот ќе се одржи Омаж за животот, делото и научното наследство на д-р Анастас Коцарев, македонски научник, пионер во радиологијата и онкологијата, соработник на Марија Кири, во чија чест е дизајнирана и 30-годишната програма „Европска ноќ на истражувачите“ и „Истражувачи во школи“, што се реализира низ цела Европа. Претходно, извонредни млади и искусни истражувачи ќе споделат свои искуства низ – Научни рефлексии.

Попладнето на 25 септември, сè до полноќ, на Плоштадот Магнолија и на повеќе локации низ градот, благодарение на постојаната соработка со Општина Битола, граѓаните ќе имаат можност да бидат дел од бројни научни и уметнички активности.

Настаните поврзани со Европската ноќ на истражувачи 2026 се реализираат во рамки на проектот CHOOSE SCIENCE – „Избери наука! Градење на општеството преку истражување и иновации“, чиј координатор е Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во проектот покрај УКИМ, партнери се и МАНУ, УКЛО и УГД.Програмата за битолскиот регион, која е во организација на УКЛО, ги поврзува активностите на „Избери наука! Градење на општеството преку истражување и иновации“  со содржини и теми кои Универзитетот „Св. Климент Охридски„ – Битола ги реализира како дел од Европската универзитетска алијанса КОЛОРС, создавајќи синергија меѓу истражувањето, иновациите и европската универзитетска соработка. https://uklo.edu.mk/wp-content/uploads/2026/09/Programa-Evropska-nokj-na-istrazuvaci-2026.pdf

Целосната програма на Европската ноќ на истражувачи 2026 низ Скопје, Битола и Штип, со информации за активностите, локациите и термините и регистрациските формулари, достапна е на веб-страницата на проектот: Програма на Европската ноќ на истражувачи 2026 .

Придружете се на Европската ноќ на истражувачи 2026 во Битола на 24 и 25 септември 2026  – Изберете наука!

More from ВестиMore posts in Вести »