“Јас и моите пријатели“ е насловена ликовната изложба на сликарот Мики Трендафиловски од Куманово и на уметницата Љубов Поворозник од Тернопол, Украина, што вчера вечер беше свечено отворена во Галеријата “Ранко Струмениковски“ во Битола.
На изложбата уметниците се претставени со четириесет дела, слики и цртежи изработени во понов период. Карактеристично за обата уметничка е тоа што работат како самостојни уметници во своите средини во Македонија и во Украина.
На свеченото отворање, галеристот д-р Драган Ристевски истакна дека на уметникот Мики Трендафиловски ова му е 38 самостојна изложба во земјава и во странство и второ самостојно претставување пред битолската публика.
-Своето 50 -годишно активно сликарско творештво, Трендафиловски го надградува од реалистичен пристап со геометриски форми кои потоа ги трансформира во необични облици со особен тоналитет во кој мотивите добиваат свој автентичен призвук – подвлече галеристот д-р Драган Ристевски.
Украинската сликарка Љубов Поворозник се претстави со 6 платна во маслена техника, пред се пејзажи и цвеќе. Во својот дводецениски сликарски професионален стаж како самостојна уметница Љубов Поворозник применува реалистично сликарство со пејзажи и сликање на непосредната природа проткаена со силна колористика и возбудлива фигурација.
На свеченото отворање уметникот Трендафиловски се заблагодари на гостопримството на домаќините од Галеријата “Ранко Струмениковски“ како и на присуството на бројната публика. Изложбата ќе биде отворена до средината на октомври.









