
Еден историски човек, една средновековна династија и една неверојатно широка балканска легенда. Тоа е историскиот крал Марко Мрњавчевиќ, но и Марко Крале, Кралевиќ Марко, (итн.), епски јунак кој во народните преданија, митови, легенди и топоними ги надживеа над шест века временски епохи, воени и историски премрежиња што бурно се случувале над балканските простори. Крали Марко не е само “српски јунак“ бидејќи митовите за него се раширени низ македонската, бугарската, српската, албанската и пошироките балкански народни традиции, со различни имиња, мотиви и локални традиции длабоко вгнездени во колективната меморија на народниот гениј.
Бидејќи раздвојувањето на историскиот Марко од епскиот и народниот Марко Крале е суштинско, истражувачката рамка мора да ги постави историскиот Волкашин и Марко, Пилепското кралство и територијата врз која владеел, битката кај Марица (1371) и смртта на Волкашин и Угљеша, Марко како вазал на Османлиите ( колку е сигурно и што точно значи), неговата смрт во битката кај Ровине во Влашка (1395), потоа од каде доаѓа огромната разлика меѓу историскиот Марко и епскиот Крале Марко, а секако и Прилеп, Маркови кули и локалната традиција.
Потпирањето на само една национална историографија ќе беше само застранување од мојот обид да направам еден валиден потсетник. Затоа, Кирил Пенушлиски, Томе Саздов, Воислав Ѓуриќ, Антолјак и уште неколку врвни познавачи на оваа проблематика, беа темелот на редење на фактите, но и градење на сопствени согледби за тоа, како народот го создал Крале Марко. Впрочем, кога се отвора оваа тема, срцето на приказната е како од Марко Мрњавчевиќ се создава една прекрасна метаморфоза од историскиот во епскиот Крале Марко.
1. Мрњавчевиќи и нивниот подем
Мрњавчевиќи се особено интересни токму затоа што нивниот подем започнал во времето на цар Душан, а врвот го достигнуваат непосредно по неговата смрт. Потеклото не е сосема сигурно утврдено, но најчесто се врзува за Хум, Захумље, Требиње и Ливно. Подоцнежниот дубровнички писател Мавро Орбин пишувал за Мрњава, татко на Волкашин и Угљеша, со поскромен благороднички род. Според таа традиција, семејството преку Ливно и Благај, дошле во кругот на Душановата држава. Презимето подоцна се утврдило според предокот Мрња. Покрај двајцата браќа, во народната традиција се споменува и трет брат Гојко(!?). Угљеша во 1346 година се споменува како Душанов намесник во Требиње, а Волкашин 1350 година станува жупан во Прилеп. Дури има податоци дека извршувале дворски функции – Волкашин како пехарник, а Угљеша како коњушар, се разбира, пред нивното политичко издигање. Што ќе рече, не се појавиле одеднаш како големи феудалци.
Во семејството, Волкашин со сопругата Елена ги имале децата- Марко, Андријаш, Дмитар, Иваниш и Оливера која се омажила за Ѓурѓ Балшиќ, деспотот на Зета. Угљеша бил оженет со Елена која подоцна се замонашила како монахиња Јефимија, а нивниот син Угљеша починал како дете. Како благородници, царот Душан постепено ги издигнувал, а после неговата смрт во 1355 година, ситуацијата се менува бидејќи душановиот син наследник Урош Петти бил млад, а велможите станувале с`е посамостојни. Тогаш Мрњавчевиќи стануваат една од најмоќните великашки куќи во јужниот дел на Царството. Во 1365 година Урош го крунисал Вукашин за крал и совладетел, додека Угљеша станал деспот и господар на Сер. Според тоа,од Душановата огромна централизирана држава, за само две децении, во времето на Урош како совладетели се појавуваат Вукашин, Лазар, Балшиќите, Алтамановиќ… односно државата веќе не можела да ги контролира перифериите.
2. Прилеп и стратешката позиција
Жупанијата во Прилеп до 1350 година не била случајна. Пелагонија- Вардар- Охрид- Дебар – Косово, тоа бил комуникациски простор што го поврзувал југозападниот дел на царството со неговиот северен и источен дел. По Душановата смрт, влијанието се ширело кон Скопје, Призрен, Приштина и Ново Брдо, а некои извори го поврзуваат со Охрид. Во 1365 година настанува крунисувањето на Волкашин, а Прилеп станува главно средиште и политичка база. Угљеша од Сер се движи до долна Струма, Јужна Македонија и кон Места, управувајќи со мешано грчко и словенско население. Кон Охрид имале влијание, но таму управувал албанскиот велможа Андреа Гропа.
Во 1371 година се случува битката на Марица со силен историски удар. На 26 септември Вукашин и Угљеша гинат во Маричката битка и Мрњавчевачката држава се дели, а Марко ја наследува основната област околу Прилеп, додека другите делови биле заземани од други велможи. Што ќе рече, Марко Мрањавчевиќ бил многу помал владетел од легендарниот Крале Марко, за накрај да стане османлиски вазал. Тоа се главните алки од царството на Душан и политичката карта на Македонија во 15. Век.
Марко останал во Прилеп веројатно поради Маркови кули, зашто од една стара тврдина настанало политичко средиште (Прилеп под српска власт бил од 1334 година, се до 1350 година кога се појавува Волкашин м.з.). Марко веројатно живеел на височината на денешен Варош- Маркови кули. Тоа бил средновековен град и тврдина, со многу стара историја од античко време, а средновековната тврдина била развиена од 13. – 14 . век. Впрочем, археолошките истражувања покажуваат на палата од Волкашин и Марко во самиот комплекс. Тоа било вистинското јадро со Маркови кули високи 180 метри и природни гранитни карпи и референтна одбрана за тоа време, а под тврдината била плодната Пелагонија, со патишта и воена контрола.
3. Марко, наспроти традицијата
Иронијата на судбината вели дека историскиот Марко не бил моќниот господар од народните песни. Тој бил владетел на релативно стеснета област, опкружен со многу посилни господари и со Османлиите кои надоаѓале, па дури станал и нивни вазал. И кога во 1395 година султанот Бајазит Први го повикал на поход, Марко морал да оди со османлиската војска. Загинал во битката кај Ровине во Влашка, заедно со Константин Драгаш кој исто бил вазал. Истата година Османлиите ја презеле и неговата прилепска област. Румунците и ден денес за таа битка раскажуваат со победничка егзалтација Во таа битка учествувал нивниот влашки војвода Мирчеа чел Батрин, или Мирче Стариот. Постои едно предание во кое Марко пред битката рекол, “да даде Бог да победат христијните“. Денес историчарите не се сосема согласни ниту за точното место и датумот на Ровине- 17 мај 1395 година е тардиционално прифатен, а сериозна расправа се води и за 10 октомври 1394 година.
Затоа, нашиот јунак можеме да го разделиме на три Марковци. Првиот, историски Марко, владетел на Прилепската област и наследник на Волкашин, но кој областите постепено ги губел. На крај, завршил како османлиски вазал. Вториот, Марко како средновековен владетел кој не бил никаков “народен револуционер“ пред своето време. Бил феудален владетел со сите карактеристики од 14. Век, но бил и ктитор, со портрети и натписи, како материјални сведоштва за неговото владеење. И третиот, Марко од народната епика, тоа е сосема друг лик- силен, правдољубив, понекогаш тврдоглав, заштитник на сиромавиот, непријател на неправдата и со Шарец и сабјата, како продолжение не наговата митска моќ. Сумарно, историскиот Марко бил владетел на мала држава, а епскиот Марко станал најголемиот јунак на Балканот.
(Продолжува)
Авторот е новинар во пензија со 43 – годишен новинарски стаж.
(Ставовите изнесени во колумните се личен став на авторот и не се ставови на редакцијата на “Битолануз“ и не се одраз на уредувачката политика.)






