Press "Enter" to skip to content

Со германски династии – од кнежевство до Трето бугарско царство (1)

После се што ни се случува денес од страна на официјална Софија, блокада за влез во Европската унија, непризнавање на националниот идентитет и јазик, прекројувања и фризирања на историски факти и покривајќи ги со плаштот на нивниот “романтичен происход“, секако и многу други провокации и нескриени апетити во еден и пол век, но секако и најсвежата “нати- дајми“ провокација со Грците околу предавањето на моштите на Самуил (бугарски или македонски цар сеедно и со ерменско потекло по род), сметам дека треба да се разгатнат некои историски факти околу Третото бугарско царство и Фердинанд, за нештата да станат појасни. На пример, зошто и како пенетрацијата на германскиот империјализам на балканските протори во Бугарија и не само во неа, имаше силен одраз и реперкусии врз македонскиот простор во поширока смисла, но и врз македонското население со цврсто гушење на нашето национално осознавање. Таквите сурови, немислосрдни и лицемерни политики и поттикнувајќи братоубиства, одзедоа безброј животи на најдобрите  македонски синови кои својата младост ја положија во револуционерната борба за создавање Македонска држава во тоа време. Со еден целосен хронологизам, ќе се обидам да ги изнесам историските факти со посебна задршка на Фердинанд, а оваа тема во наредниот период ќе послужи како подлога за една поширока и сеопфатна анализа за револуционерната борба на Македонците во првата половина на дваесеттиот век, во ликот и делото на Јане Сандански.

1. Првиот чекор Бугарско кнежевство

После  Руско- турската војна во 1878- 1879 година, создадено било Кнежевство Бугарија во период од 1878 до 1908 година. Инаку, Првото Бугарско царство приближно траело од 7. до 11. век , период за кој пишувавме во врска со царот Самуил.  Второто Бугарско царство било од 1185 до 1396 година, т.е. од востанието на Асен и Петар до османлиското освојување. Неколку векови подоцна, востановено е Кнежевството Бугарија од 1878 до 1908 година, а Царството Бугарија од 1908 до 1946 година. Иако  вообичаен историскиот назив на монархистичка Бугарија  е Трето бугарско царство, значи официјално триесет години Бугарија била кнежевство, за потоа од 1908 до 1946 официјалното име да биде царство.

Александар Јозеф фон Батенберг (1857- 1893) е првиот владетел на новото Кнежевство Бугарија по ослободувањето од Османлиската империја. Батенберг бил германски принц од малата династија Батенберг која била морганатска гранка на куќата Хесен. Татко му бил принц Александар од Хесен и Рајна, а мајка му Јулија фон Хауке. Бидејќи биле во морганатски брак, децата ги немале сите династички права  на куќата Хесен. Но, подоцна оваа династија станала мошне значајна во британската кралска историја. Во 1878 година по Руско- турската војна, со Санстефанскиот договор било педвидено создавање голема автономна Бугарија. Меѓутоа, европските сили се исплашиле од големо руско влијание и на Берлинскиот конгрес(1878 година), ја намалиле Бугарија. Така било создадено Кнежевството, формално автономно, но под врховна власт на султанот. За владетел требало да се најде европски принц, прифатлив за големите сили. На Берлинскиот конгрес било решено бугарски кнез да биде избран од бугарските претставници, а со согласност на големите сили и Османлискиот султан. Секако, Русија имала големо влијание врз изборот, а  рускиот цар Александар Втори бил близок роднина со Батенберг. Изборот за кнез бил извршен во 1879 во Трново. Батенберг бил млад германски принц и имал тесни врски со руското царско семејство. Русите, нормално, сметале дека преку него ќе имаат силно влијание врз новата бугарска држава. Проблемите настанале кога почнал да се спротиставува на руското мешање, па во 1883 година го суспендирал Трновскиот устав за да ја зацврсти сопствената власт. Подоцна се судрил со руските генерали.

Во 1895 година, Источна Румелија се обединила со Кнежевството, па затоа Србија и објавила војна. Младиот бугарски кнез лично ја предводел војската и Бугарија победила. Сепак, неговата независна политика ги налутила Русите и во 1886 година, група офицери го собориле, па на 7 септември абдицирал. Со тоа, во 1887 година откако абдицирал и кнежевските порти се отвориле за Фердинанд Сакс- Кобург и Гота, кој станал новиот бугарски кнез. Батенберг потоа живеел во Германија и умрел млад во 1893 година на 36 години. Денеска, неговиот гроб е во Софија, во мавзолејот на улица “Шести септември“.

2. Фердинанд Први Бугарски (1861- 1948)- од кнез до цар

Фердинанд потекнувал од германската династија Сакс- Кобург и Гота, која била гранка на старата германска династија Ветин. Од ова семејство потекнувале и британската династија на кралицата Викторија и белгиската кралска династија. Фердинанд бил син на кнез Август и принцезата Клементина Орлеанска, ќерка на францускиот крал Лиј Филип, што ќе рече, бил потомок по мајка на француската династија Орлеан. Бугарите барале европски принц со династички престиж, но кој нема силна сопствена држава која би можела Бугарија да ја претвори во зависна земја. Фердинанд бил идеален во тој поглед- германски принц- француско кралско потекло по мајка- европски династички врски- без  сопствена голема политичка база. Допрва требал да го учи бугарскиот јазик.

По абдикацијата на Батенберг, на 7 јули 1887 година, Големото народно собрание го избрало Фердинанд за кнез на Бугарија.  Во првите години, бугарскиот политичар Стефан Стамболов управувал со земјата, а подоцна кнезот успеал да ги зацврсти своите позиции и да го елиминира Стамболов. Русија дури по девет години од устоличувањето го признала за бугарски владетел. Дваесет  години подоцна, откако прогласил целосна независност од Османлиската империја, во Трново бил устоличен за бугарски цар, со што, целосно бил прекинат вазалскиот однос кон Османлиското царство. Секако, тоа се случило на 22 септември 1908 година, за време на Младотурската револуција (Хуриетот).

Во натамошните историски моментуми, Фердинанд ја внел Бугарија во Првата балканска војна (1912), а потоа и во Втората Балканска војна (1913), судирајќи се со поранешните сојузници околу поделбата на пленот наречен Македонија. Особено по поразот во Првата светска војна, Фердинанд бил принуден да абдицира во полза на својот син Борис Трети во октомври 1918 година.

Инаку, Фердинанд бил роден во Виена, мајка му била Французинка, татко му Германец, а тој станал владетел на Бугарија. Во роднинаска врска бил со Николај Втори Романов, со Хоенцолерните, Хабсбурзите , Орлеаните и британската кралска куќа. Најважната династичка врска одела преку англиската кралица Викторија. Со германскиот кајзер Вилхелм Втори, врската била преку поширокото благородништво и меѓусебните бракови на династиите. Со него, Фердинанд бил во ист табор во Првата светска војна, кога Бугарија се приклучила кон Централните сили во 1915 година, заедно со Германија. По поразот на Бугарија во Првата светска војна, Фердинанд абдицирал на 3 октомври 1918 година во полза на синот Борис Трети. Потоа заминал во Кобург Германија, каде ги поминал последните триесет години од животот. Се занимавал со природни науки, ботаника, зоологија, уметност и градинарство. По војната живеел посиромашно и изолирано, далеку од Бугарија. Умрел во Кобург 1948 година на 10 септември и погребан бил во криптата на католичката црква “Свети Августин“ во Кобург покрај родителите. Бидејќи негова желба била да биде погребан во бугарска земја, 76 години подоцна на 29 мај 2024 година, неговите посмртни останки беа пренесени во Софија и положени во криптата на палатата Врана.

3. Борис Трети, 25 години бугарски цар

Бидејќи Фердинанд и натаму ќе биде наша преокупција на која повторно ќе се навратиме, сега да продолжиме по временската низа од хронологијата за оваа династија. Борис Трети станал цар по абдикацијата на татко му во 1918 годин и владеел до смртта во 1943 година.

На 14 август се сретнал со Хитлер во Источна Прусија. По враќањето во Софија ненадејно се разболел и на 28 август 1943 година починал на 49 години. Официјална причина било акутна срцева слабост. Околу неговта смрт постои голема мистерија. Дали бил отруен како што се претпоставувало, не е докажано. Веднаш по средбата со Хитлер имало гласини за труење, за што постојат и медицински сомнежи. Подоцна се развила теорија дека германската страна можеби го отстранила бидејќи Борис не сакал да ги испрати бугарските војници на Источниот фронт и не сакал да ги предаде бугарските Евреи, иако со негова согласност ги депортирале македонските Евреи во логорот на смртта Треблинка во Полска. Сепак, нема цврсти историски докази дека Хитлер или Германците го отруле. Тринаесет месеци по неговата смрт, Советската армија (Црвената) и бугарските комунисти ја заземаат Бугарија.

Борис Трети бил погребан во Рислкиот манастир. По комунистичкиот преврат во 1944 година, неговото тело било ексхумирано и преместувано. На крајот, исчезнало. Кога подоцна било истражувано местото кај Врана, пронајдено било само неговото срце кое во 1994 година било повторно погребано во Рилскиот манастир.

(Продолжува) 

Авторот е новинар во пензија со 43 – годишен новинарски стаж.

(Ставовите изнесени во колумните се личен став на авторот и не се ставови на редакцијата на “Битолануз“ и не се одраз на уредувачката политика.)