“Кромберг и Шуберт“ започнува нов инвестициски проект во Битола за производство на автомобилски компоненти за „Ауди“, со план за отворање 2.000 работни места во следните четири години, соопшти премиерот Христијан Мицкоски.
Според податоците што ги презентираше, со реализацијата на проектот вкупниот број вработени во компанијата во Македонија се очекува да достигне 10.000. Планираниот производствен капацитет е повеќе од 3.000 автомобилски кабелски снопови дневно, наменети за нов модел на „Ауди“.
Мицкоски посочи дека од производните капацитети на компанијата во земјава во 2027 година се очекува извоз поголем од 400 милиони евра. Наведе и дека просечните плати на висококвалификуваниот кадар во компанијата се за повеќе од 80 проценти повисоки од просечната плата во државата.
Премиерот ја оцени инвестицијата како потврда за довербата на странските компании во домашната работна сила и во потенцијалот на македонската индустрија.
„Нашата цел е јасна — повеќе инвестиции, повеќе работни места, посилен извоз и подобар животен стандард за граѓаните“, порача Мицкоски.
Во објавата тој упати и критики кон дел од политичките сили, за кои оцени дека се занимаваат со секојдневни политички пресметки. Наспроти тоа, нагласи дека приоритети на Владата остануваат економскиот развој, привлекувањето инвестиции и отворањето добро платени работни места.






