Press "Enter" to skip to content

Епопеја за Јане – Пиринскиот цар за вечност (4)

За Младотрската револуција во 1908 година (Хуриетот) веќе пишувавме во неколку наврати, но секако сметам дека треба малку попрецизно да се објасни зошто Сандански им пристапил на Mладотурците. Тој имал сосема јасна сметка, кога веќе во турбулентните балкански околности ја изградил сопствената автономистичка политика и определба пред се. Имено, старото османлиско самодржавие веќе паднало, реформираниот Устав бил обновен, а нароdностите во рамките на Империјата станале фомално еднакви. Затоа, есапот на Јане бил јасен, дека во услови на воена и политичка соработка со младотурските бегови, може да бара автономија на Македонија, преку федерално уредување на Турција. Дека имало силна логика во овој концепт било поткрепено со фактот што Mладотурците на почетокот настапувале со идејата за уставност, еднаквост и заедничка османлиска татковина.

Тогаш, Сандански објавил Mанифест до сите народи на Империјата, повикувајќи ги христијаните и муслиманите да престанат да се гледаат како непријатели и да ја поддражат слободата и еднаквоста. Пресвртот настанал откако станало јасно дека Сандански сакал децентрализација и автономија. Меѓутоа, младотурското раководство, особено Комитетот на единство и напредок (CUP), постепено тргнало во спротивна насока, т.е. кон централизација и силна контрола од Цариград. Тоа бил поширок процес што ја одбележал целата младотурска епоха- судир меѓу османизмот, национализмот, либерализмот и централизацијата. Опсервирано од македонска страна, најстојни согледби можат да се осознаат преку учеството на четворицата македонски пратеници во Турскиот парламент, т.н. “османисти“ и релациите на Димитар Влахов со Јане Сандански.8. Улогата на “османистите“

Во 1909 година Сандански не само што сорабоувал со Младотурците, туку учествувал и во борбата против контрареволуијата во Цариград. Тоа бил познатиот поход на силите што го поддржале уставниот режим и кој завршил со соборување на султанот Абдул Хамид Втори. Значи, периодот од 1908- 1909 година изгледа како контрадикторен во однос на “антитурската револуционерност“ претходно. Но, наспроти тоа, полиричката цел била јасна, не против Турците како народ, туку против османлиската автократија и за политичко решение на македонското прашање. Што ќе рече, заедничко со Хуриетот било, да се спречи поделбата на Македонија меѓу балканските држави.

До тука, сите четворица пратеници можеме да ги ставиме во исти кош- Влахов, Далчев, Дорев и Павлов биле избрани во Османлискиот парламент 1908- 1912 година иако доаѓале од две различни струи. Димитар Влахов бил од Солун, Христо Далчев од Серскиот округ, двајцата поддржани од левицара и Јане Сандански. Другите двајца, Панчо Дорев од Битолскиот вилает и Тодор Павлов од Скопскиот санџак, биле избрани со поддршка на Сојузот од бугарските конституциони клубови. Влахов имал најдолг и најголем политички престврт. Од османлиски пратеник, преку Народната федеративна партија што ја формирале со Јане, па социјалистичко движење во Солун, ВМРО Обединета, Коминтерната, комунистичко движење и на крај висок функционер во СФРЈ. Тоа е сложена политичка биографија изразена во повеќе политички и државни средини.

Панчо Дорев, завршил гимназија во Битола, право во Цариград, се специјализирал во Виена, а потоа станал бугарски дипломат- амбасадор. Дорев пред да замини за Софија, како парламентарец го отворал македонското прашање но со бугарски происход, бил поддржувач и соработник на Егзазархијата, додека во подоцнежната дипломатска кариера бил против Сандански и Тодор Александров. Османистите отворале некои прашања од образованието, верски и други социјални права. Далчев и Павлов останале на маргините од натамошните политички случувања. Единствено Влахов бил убеден дека во парламентарни услови можат да се остварат правата на Македонците за автономија.

Историската иронија на “османистите“ е што четворицата (Влахов, Дорев, Далчев и Павлов) во 1908 година седеле во истиот парламент и заеднички да поднесуваат барања, а дваесет години подоцна биле на сосема различни политички страни.9. Релациите на Влахов со Сандански

Од 1909 до 1911 година тие биле сојузници, за подоцна да настане сериозен раздор меѓу нив заради различно политичко гледање на работите и идните исходишта за Македонија. Така, најдобро ќе се разбере подоцнежниот концепт на Сандански. Значи, тоа не била лична караница, туку судир на такиката за иднината на македонското движење. По Хуритот 1908 година, Сандански и Влахов верувале дека Уставот може да отвори политички простор во Македонија. Во 1909 година ја создаваат Народната федеративна партија чија основна програма била Македонија да добие самоуправен статус во децентрализирана федеративно уредена Османска империја. Влахов бил избран за  претседател на Централното биро, а Сандански член на раководството. Но, кога Младотурците започнале силна централизација и туркизација, Сандански се решил за револуционерна автономистичка политика, а Влахов бил за парламентаризам во османлиски уставни рамки.

Весникот “Народна волја“ што Јане го поддржал како медиумски инструмент, застанал зад
Влахов и престанал да излегува 1910 година. Кулминацијата на размириците дошла кога Јане бил исклучен, па подоцна НФП се распаѓа и е забранатеа, а Влахов оди кај Солунските социјалисти меѓу кои имало видни Евреи (дури имал средба со Давид Бен Гурион), Бугари,
Грци и Турци, додека Јане веќе завлегол во вооружената револуционерна политика, со учество во Балканските војни и политички преговори, се додека не стасала смртната пресуда од пред осум години, во 1915 година.10. Чествувања за Јане и Влахов

Јане во Македонија и Бугарија, не е подеднакво прочитан. Во македонската традиција е чествуван како македонски револуционерен борц за автономна Македонија, особено на линијата Гоце- Сандански. Неговото име е присутно на улици, училишта и други институции, а неговото дело се толкува низ македонската национална историска рамка. Особено се нагласуваат- спротиствувањето на врховизмот, идејата за автономија, борбата против османлискиот апсолутизам, соработката со Младотурците во 1908- 1909 година и отпорот кон поделбата на Македонија по Балканските војни.

Во Бугарија, се е малку поинаку и посложено. Таму Сандански е дел од бугарската историографска и национална традиција, но за нив, неговиот лик не е еднозначен. Општината Сандански го нарекува бугарски револуционер и војвода, а градот Сандански го носи неговото име од 1947 година. Во Бугарија постои и силна критичка традиција, особено поради конфликтот со десницата на ВМОРО, убиствата на Борис Сарафов и Иван Гарванов, како и подоцнежниот политички курс за соработка со Малдотурците и силниот автономизам. Во нивната меморија се слави, но имаат историски спор со неговото дело. Па дури и во чествувањето на неговиот гроб кај Роженскиот манастир , често бил јаболко на раздорот за Македонците и “бугарскиот происход“ на благонадежните Б`лгари. Значи, парадокс- човекот кој во својот живот се борел за слободна Македонија, станал симбол на две национални историографии.

Влахов е јасно вграден во македонскиот историски канон. Носи име на школо, организација и е определен како македонски револуционер, публицист и државник. Од ТМОРО, па НФП, Социјалистичката федерација во Солун, ВМРО Обединета, комунистичкото движење и Коминтерната, се до повоена Македонија и Југославија. Дури во 1944 година станува дел од политичкиот врв на федерална Југославија. Во Бугарија не е национален симбол, заради неговиот подоцнежен политички пат. Сосема е јасно е дека не може да се вклопи во една непроменета национална матрица. Најинтересно е што неговиот син Густав кој станал висок функционер и дипломата во СФРЈ, во 1968 година ја објавил книгата “Спомени за татко ми“.

(Продолжува)

Авторот е новинар во пензија со 43 – годишен новинарски стаж.

(Ставовите изнесени во колумните се личен став на авторот и не се ставови на редакцијата на “Битолануз“ и не се одраз на уредувачката политика.) 

More from ВестиMore posts in Вести »