Кафето и храната не се само навика, туку мал ритуал, пауза од секојдневието, повод за разговор и средба со драги луѓе. Токму затоа, амбиентот во кој го пиеме кафето и уживаме ви вкусната храна е дел од доживувањето.
Со таа идеја, Бар „Манаки“ ги пречекува своите гости во ново руво – со обновен ентериер, потопли бои и уште попријатна атмосфера. Токму во пресрет на декември, месецот кога градот полека се подготвува за новогодишните и Божиќните празници, Бар „Манаки“ блесна со нов изглед.

Со топли бои, квалитетни материјали, нови маси, столици и осветлување, просторот доби поинаква атмосфера – помодерна, посветла и визуелно попространа.
Посебно освежен е првиот дел од локалот, а внимателно се уредени и различни зони за гостите, без разлика дали ќе дојдат на утринско кафе, ручек, десерт или пријатно дружење.

Новиот изглед беше повод за мала прослава, која сопственикот Филип Сековски ја организираше синоќа, во друштво на блиски пријатели и редовни гости, кој ни рече:
-Ова реновирање го планирав некое време и ете се случи. Сакав да внесам нешто ново, но пред сè да создадам потопол и попријатен простор во кој луѓето ќе се чувствуваат убаво. За само неколку дена, односно за неполна недела, успеавме целосно да го промениме ентериерот. Избравме топли бои и квалитетни материјали, нови маси, столици и осветлување.

-Сега просторот изгледа поотворено и попространо, особено првиот дел. Оставивме поголеми маси за оние кои сакаат да ручаат или да се соберат во друштво, но создадовме и неколку помали делови за гостите кои сакаат едноставно да седнат на кафе. Сакав секој да може да го пронајде своето место, додава Сековски.

Надворешниот дел засега останува отворен за гостите кои претпочитаат да седат надвор, особено за оние кои пушат. И тука е посветено внимание на удобноста, па на располагање се и мали ќебенца кои ќе им овозможат на гостите да уживаат во кафето и пријатното дружење и во постудените денови.

-Мило ми е што вечерва можевме да прославиме со луѓе кои ми се драги, со пријателите и со оние гости кои се тука речиси секојдневно. Има луѓе кои едноставно не можат да го замислат денот без да поминат на кафе во „Манаки“. Тоа ми е особено драго, бидејќи токму тие ја создаваат атмосферата на едно место, вели Филип Сековски, видно возбуден од новиот изглед на локалот.

Обновениот ентериер е најава за една поинаква, уште попријатна атмосфера во деновите што следуваат. Надворешниот дел останува на располагање за гостите кои преферираат да седат на отворено.

А токму сега, кога започнува најубавиот период од годината, Бар „Манаки“ е подготвен за претпразничните и празничните дружења.

Кафе со пријателите, десерт, нешто вкусно за мезе или едноставно средба со драги луѓе – во амбиент кој повикува да се остане подолго. Зашто понекогаш најубавите моменти започнуваат токму со едно кафе.
Ж. Ристевска
Фото: Дамијана Ристевска






