Press "Enter" to skip to content

Ректорот на УКЛО, Коруновски, по реизборот на функцијата: ние сме столбот на едно општество и треба од нас да се учи како се практицира еден изборен процес

УКЛО е првиот универзитет во државата којшто реализираше избор на ректор во согласност со новиот Закон за високо образование и тоа на непосредни, тајни и слободни избори, а мандатот на ректорот Коруновски започнува на 01 октомври 2019 година.

Во денешната изјава за медиумите реизбраниот ректор на УКЛО, проф. д-р Сашо Коруновски изјави:

-Задоволство е да кажам дека нашиот Универзитет прв го започна имплементирањето на новото законско решение, да се избира ректор на непосредни и тајни избори од сите членови на академската заедница. Навистина, тоа е едно драгоцено искуство низ кое што  сите поминуваме. Придобивките од тоа искуство се надевам дека сите ќе ги споделуваме понатаму.Можеби ваквиот нов начин на партиципирање на демократијата и изјаснувањето беше сфатен како можност и се разбира, потреба на академската заедница да биде дел од тој процес. И, со исклучително задоволство можам да кажам дека од вкупно  270 членови на нашата академска заедница во процесот учествувале 259 професори,  еден исклучително голем одзив.  Тоа значи дека нашата академска заедница е подготвена за новото законско решение и желна да го изрази својот став и своето мислење. Би искажал благодарност за сите што гласаа за мојата визија, за мојата програма, но и на сите оние што гласаа за визијата и за програмата на другиот кандидат. Се работи за заедничка визија за подоброто утре на нашиот Универзитетот. Но, важно е дека сите сме мобилизирани  да дадеме свое мислење: кои се концептите и идниот развој на на нашиот Универзитет.

Би искажал благодарност и до Универзитетската изборна комисија, до изборните комисии на сите единиците за  еден професионален пристап и еден  беспрекорно изведен процес на избори. Ние сме столбот на едно општество и се разбира треба од нас да се учи како се практицира еден изборен процес.

Денес сме на крајот од еден период на наша промоција, промоција на нашите идеи и визии, а мојот пристап  можам да кажам беше реалистичен, се  базираше на она што се направи досега, со целосно спознавање на она што можеше подобро да се направи и она што треба во иднина да се коригира, за- што, ако не сте свесни за она што можеби не сте го направиле најдобро, не ќе може утре да го коригирате.

Низ овие близу месец и половина слушнав многу мислења, многу идеи и настапивме со една програма која не е документ којшто ќе се печати и ќе биде едно затворено поглавје. Напротив, могу работи во насока на подобрување коишто стигнаа од колегите во текот на разговорите и споделување на визиите со нив ќе бидат имплементирани  и понатаму во идното работење. Затоа ќе продолжам со средби со академскиот кадар, бидејќи средбите не беа само кампања, напротив, средбите покажуваат дека овие врати секогаш треба да се отворени за добрите идеи, за добрите мислења, затоа што тоа е единствениот начин за практикување на демократијата, демократијата во одлучувањето. Кога одлуките ќе ги донесуваме врз основа на повеќе информации со споделување на повеќе мислења тие ќе бидат во насока на вистински развој, зашто тогаш луѓето ќе се препознаат во нив и ќе бидат подготвени да ги имплементираат.

Тоа на некој начин значи транспарентност во работата, суштински елемент за сите институции во нашата држава. Мора да бидеме транспарентни и да бидеме одговорни пред себе пред се, и пред оние што не гласале. Зборувам за сите што учествувале во процесот ,но и пред државата која вложува во овој  Универзитет  како јавен универзитет. И на крајот, ќе кажам дека најголемата нашата одговорност   е пред студентите. Ако направиме спој меѓу академскиот кадар и студентите, тогаш иднината на нашата држава ќе има перспектива.