-На промотивниот настан зборуваше проф. д-р Игор Неделковски, претседател на одборот на “ГАУС Институтот“, како и Зоран Јанкович, шеф на канцеларијата за врски на НАТО и Бранко Дракалски, генерал во пензија.
-Учителката Весела Богдановиќ ги додели наградите за конкурсите за креативно истражување и уникатно претставување на детските спонтани одговори на прашањето- Што е тоа НАТО?
Со свечен промотивен настан одржан во НУ Музеј – Битола заврши првата фаза на проектот – Children@Game.Edu.NATO Проект на ГАУС институтот, фондација за нови технологии, иновации и трансфер на знаење.
Проектот Children@Game.Edu.NATO финансиран од Северноатлантската алијанса – НАТО, како дел од глобалната прослава на 70 годишнината од формирањето на НАТО пактот.
Професор д-р Игор Неделковски, претседател на одборот на ГАУС Институтот го отвори овој свечен настан со презентација на целите, тек и идни планови за почеток и реализација на втората фаза од проектот.
-Веројатно за прв пат во историјата на НАТО во светски рамки, не некаде таму туку токму во нашата земја, објавена е книга на детски есеи, приказни, стихотворби и искази, како продукт на тимска работа, а истата изобилува со материјал- продукт од креативно истражување спороведено во рамки на конкурсот, кои по завршувањето на сите фази ќе биде објавена на повеќе јазици, а тиражот ќе биде поделен по сите училишта, рече проф. д-р Игор Неделковски.
Потоа, присутните го проследија обраќањето на полковник, Зоран Јанкович, шеф на канцеларијата за врски на НАТО, кој задоволен од досегашните резултати и продукти изрази огромна благодарност до авторите на проектот и учесниците, и се задржа на придобивките кои ќе ги има младата популација со влегувањето на државата во НАТО.
Бранко Дракалски, генерал во пензија, поранешен воен претставник во мисијата во седиштето на НАТО во Брисел и член на авторскиот тим на проектот на ГАУС, преку своето обраќање збогатено со видео материја од светските мисии во кои лично учествувал, пренесе искрени искуства од неговата богата кариера во НАТО и пораки за значењето на нашето партнерство со НАТО.
Првата фаза од проектот содржеше неколку конкурси за креативно истражување и уникатно претставување на детските спонтани одговори на прашањето- Што е тоа НАТО?
Учителката Весела Богдановиќ успеа да ги постигне високите стандарди на конкурсот на НАТО да биде избрана како најуспешен апликант, за поддршка од страна на овој моќен сојуз.
-Овој професионален тим преку сериозен пристап за почитување на НАТО стандардите, а со конкурси прилагодени за опфат на дечиња од различни возрасти, го привлече вниманието на најкреативните просветни работници од целата земја, а токму на овој ден беа доделени признанија и награди на 75 наставници – ментори сертифицирани како најуспешни партнери од 60 основни и средни училишта и градинки и околу 1.500 ученици од сите страни на нашата земја, рече учителката Весела Богдановиќ.
На конкурсот беше пријавена и уникатна бајка и прва жива легенда за постанокот на НАТО, која беше презентирана пред присутните како уникатен производ на менторот Михајло Костов и неговите ученици.
Собрана е огромна ликовна збирка на детски цртежи преку кои дечиња од различни возрасти преку ликовен јазик одговорија на ова прашање, а осум филмови кои забавуваат и едуцираат во исто време сега се уникатен производ со кои тимот на ГАУС се гордее благодарение на соработката со голем број едукатори од целата земја.
Професорот по историја, Александар Велјановски, пренесе практични искуства и совети за пристапот и техниките кои се корисни при обработка на темата НАТО во наставна пракса во сите степени на образование.
-Сето богатство од материјали пристигнати во рамки на конкурсот ќе бидат објавени на веб страница чија промоција е најавена за скоро време. Експерти на ГАУС Институтот во партнерство со експерти од канцеларијата на НАТО ќе ги анализираат сите одговори и ќе ги утврдат најчестите забуни кај децата во однос на нивните сфаќања за тоа што е НАТО за да изготват и објават анализа со најчестите забуни за тоа што е НАТО и што би можел да биде за секој од нас, додаде проф. д-р Игор Неделковски.
Втората фаза продолжува со повик за изработка на едукативни игри на тема Што НАТО би можел да биде за Тебе? Преку овие игри најмладите, нивните родители и наставниците треба да се запознаат со вистинската природа на НАТО и ползата што секој поединец би можел да ја има од членството во НАТО, а самиот конкурс ќе биде објавен на почетокот на учебната година.
Наградени во конкурсот се битолските ментори: Ирена Богданоска ОУ”Коле Канински“, Јасмина Танчевска ОУ “Елпида Караманди“, Михајло Костов OУ “Кочо Рацин“ с. Ивањевци.
По завршувањето на офоцијалниот дел присутните на неформална средба добија одговори на прашањата кои ги поставија до гостите-говорницире кои пооширно им одговараа, а од големиот број на кратки филмови, на настанот беа презентирани само осум.
Жанета Ристевска





