Денеска во Битола во комплексот “Ангромаркет“ се одржа манифестацијата „Одбележување на денови на млекото и кооперативното здружување“ која ја отвори министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски.
На манифестацијата присутвуваа директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никола Бабовски, раководителот на подрачната единица на МЗШВ -Методија Илиевски, и градоначалниците на Битола Могила и Новaци, директорот на “БиМилк“, Ѓорѓи Петрушев, претставници од млечната индустрија кои ги промовираа своите производи, а тука беа и фармерите.
-Оваа манифестација е дел локалните настани кои се финансиски поддржани од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство преку Програмата за рурален развој, рече министерот Димковски, кој додаде:
-Млекопроизводството како еден од поважните сегменти во агроиндустријата зазема и важно место во креирањето на политиките за развој на земјоделството, а во оваа гранка здружувањето на фармерите во земјоделски задруги е важно за да се постигне одржливост на млекопроизводството и подобрување на рентабилноста на сточарството. Посебно внимание МЗШВ посветува на примарното производство, подобрување на квалитетот на суровото млеко и поттикнување на млечната индустрија.
Директорот на Платежната агенција Никола Бабовски, во обраќањето до присутните рече:
-Две мерки значително ќе придонесат во создавањето на едно одржливо и конкурентно млекопроизводство, а тоа се инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства и инвестиции во материјални средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи. Тие овозможуваат кофинансирање на трошоците за инвестиции во изградба или реконструкција на фарми за добиток, објекти за добиточна храна, складишта за храна, опрема за земјоделство, инвестиции во преработувачки капацитети како што е изградба на млекарници.
Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска ја поздрави оваа манифестација, а на присутните фармери им се обрати и директорот на битолската млекарница, која побара од министерот да се примени нов начин на наградување на најдобрите фармери.
-Она што е многу важно кога се работи е здружувањето, заедништвото, а токму ова денес е поттик за такво нешто. Секогаш заедно, здружено, можеме повеќе. Го поздравувам овој настан, како почеток на нешто што треба да премине во традиција“, посочи Петровска.
На саемот свои штансови на кои ги презентираа своите производи имаа битолските млекарници, “БиМилк“, “Здравје Радово“ и “Ве Милк“.






