По кратко боледување во Битола почина Васко Павловски – Пискаро, поранешен фудбалер на Пелистер, кој цели петнаесетина години ги бранеше боите на битолскиот фудбалски клуб. Тој е роден во Битола во населбата “Скуберни“, а во Битола се школувал, се вработил, создаде семејство.
Васко Павловски првиот официјален натпревар во дресот на Пелистер го идигра во 1959 година, а играше во наредните десетина години заедно со Буте, Црнеец, Власте, Коле, Бошале, Калино, Вито, Јурак…, а нив во сите години ги тренирале Качунковиќ, Ставре, Жутиќ, Ачимовиќ и други тренери.
Пискаро кариерата ја започнал во тогашната квалитетна Македонска лига, како лево крило, а потоа бил прекомандован на лев бек, а најмогу играл на позиција центархалф. Неговите современици го паметат како остар, борбен, но коректен фудбалер кој немал добиено црвен картон. Надвор од теренот бил дружељубов, отворен за разговор и секогаш располошен за мајтапи.
Во својата фудбалска кариера првиот официјален натпревар го одиграл во Крушевац, не се сеќавал против кој го одиграл последниот натпревар, а за 15 години играње фудбал немал и не се пожалил на никаква повреда.
Тој како и другите кои играле за Пелистер, како велеа, само за еден сок откако ќе заврши натпреварот, клубот го носел во душата.
Повозрасните битолчани ќе ги паметат и како продавач во продавницата за спорт “Олимп“ на Широк Сокак, до католичката црква, каде на многумина им помагаше во комплетирање на ски-опремата, како и на останатата спортска опрема.
Работел и во свиларницата “Илинден“ и продавнивата “Наше Дете“.






