Пред стартот на првиот уписен рок на 29 и 30 август 2019, Универзитетот “Св. Климент Охридски“ – Битола ширум ги отвора вратите за новите студенти. Според Конкурсот, во академската 2019/2020 година има 2.935 слободни места, 1.575 во државната квота, 820 со кофинансирање и 540 за вонредни студенти.
Најмногу места има на Техничкиот факултет 505, нови 400 бруцоши може да се запишат на Факултетот за информатички и комуникациски технологии, исто толку, 400 места има и на Факултетот за безбедност во Скопје, 330 студенти може да студираат на Економскиот факултет во Прилеп, 300 на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид.
Нови 280 бруцоши може да се запишат на Високата медицинска школа, 220 на Правниот факултет во Кичево, 215 на Педагошкиот факултет, 165 на Факултетот за биотехнички науки, на Технолошко – техничкиот факултет во Велес 75 и 45 нови студенти на Ветеринарниот факулет.
Заинтересираните кандидати имаат можност за солиден избор од широката лепеза специфични профили. Имено, УКЛО нуди бројни акредитирани и aтрактивни студиски програми што се поврзани со пазарните потреби и коишто се интегрирани во опкружувањето.
Инаку, Конкурсот за упис на нови студенти е достапен на веб страницата на УКЛО: www.uklo.edu.mk и веб страниците на единиците во состав на УКЛО.
Во моментот, УКЛО ги презеде сите неопходни организациски и технички подготовки за успешна реализација на Конкурсот и уписите во целост. Покрај соодветни кадровски, просторни, технички и севкупни услови за студирање, УКЛО и годинава нуди нова мотивација за новите студенти, 110 уписнини во прва година.
Имено, УКЛО во рамките на одбележување на јубилејот – 40 години од основањето како најпопуларно за идните студентите го промовира ослободувањето од плаќање партиципација за 110 новозапишани бруцоши или по 10 најдобри студенти на секоја единица.
УКЛО во новата академска година ќе реализира и други активности преку посебни фондови да дава поддршка и поттик на студентите и процесите за стекнување вештини и квалитет, што претставуваат неделиви сегменти во остварувањето на дејноста на УКЛО.






