Press "Enter" to skip to content

Општина Битола ќе купи четири еколошки автобуси и комбиња за намалување на аерозагадувањето

Автобусите ќе се купат со кредит преку министерството за финансии, а комбињата со средства од буџетот на општина Битола.

Еден милиони евра за четири еко автобуси и 250 илјади евра за 4 комбиња ќе потроши општина Битола, а автобусите првично ќе бидат за школски превоз, а комбињата за потребите на граѓаните.

-Советот ќе започне постапка за набавка на автобуси и комбиња на метан. Со тоа ќе покажаме дека се грижиме за животната средина и за потребите на граѓаните. Набавката на автобусите е околу 1 милион евра, а комбињата вкупно 250 илјади евра.  Комбињата ќе се користат за потребите на граѓаните, за спортисти и спортски натпревари, здруженија на граѓани, ученици, пензионери… Автобусите и комбињата ќе бидат во сопственост на новото јавно претпријатие кое стопанисува со паркинзите и со општинскиот превоз, рече Валентин Груевски, претседател на Советот на Општина Битола.

За опозициската ВМРО-ДПМНЕ набавката на овие еколошки возила е дефокусирање на јавноста од реалните проблеми, односно се задолжувала Општина Битола без тоа да биде предмет на дискусија на пошироката јавност и експертската јавност, рече Иванчо Тошевски, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.