Press "Enter" to skip to content

По печки на пелети и велосипеди ќе се субвенционираат и инвертер клими

Советничката во Советот на општина Битола, Татјана Крнчева, одржа пред-конференција на која ја образложи новата мерка со која ќе се субвенционираат инвертер клими за сметка на старите печки кои користат цврст огревен материјал, дрво или јаглен, за која треба да се изјаснат и граѓаните. 

Татјана Крнчева на пресот рече:

-Во име на Општина Битола, би сакала да ја информирам јавноста, дека и оваа година согласно начелата за подобрување на квалитетот на живеење, почиста животна средина и подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух, ќе спроведеме субвенционирање т.е мерка со која дел од она што се смета за загадувач на животната средина, во рамките и можностите, ќе се обидеме да го замениме со еколошки и корисни средства за животната средина, а со тоа и за граѓаните на нашата општина.

Имено, општина Битола, изминатите две години, спроведе субвенционирање на печки на пелети и системи и велосипеди, а оваа година, сметаме дека треба да се следат позитивните политики на Владата на Република Северна Македонија, кои ги најави и премиерот Зоран Заев, при неговата неодамнешна посета, а кои се однесуваат на субвенционирање на инвертер клими за сметка на старите печки кои користат цврст огревен материјал, дрво или јаглен. Како тоа е проект на Владата, Општина Битола, реши одлуката да се донесе и во консултација со граѓаните на Општина Битола, нешто што беше дел од програмата за транспарентност и отчетност.

За таа цел, би сакала да Ве повикам, следните 10 дена, на официјалната интернет страна на Општина Битола, да го остварите своето граѓанско право, со пополнување на кратката анкета, прикажана како анкетен лист, за тоа како Вие сметате, дека најдобро можеме да си помогнеме за почиста Битола.

По анализите, во анкетниот лист се понудени приоритетните субвенции и тоа: инвертери, вградување на плински уреди кај постарите возила и велосипеди.

Вашето мислење, почитувани, ќе има важна улога во одлуката и оваа година, општина Битола, да им помогне на нашите сограѓани, како и изминатите години наназад, да имаат услови и можност и тие со субвенции од општината да придонесат кон подобрување на животната средина.

Ова е се разбира само една од активностите кои општина Битола, ќе ги спроведе во наредниот период, т.е во очи на грејната сезона која претстои.

За крај, би сакала да упатам апел и да Ве повикам што е можно помасовно да партиципирате на анкетата која ќе трае како објава следните десет дена и да Ви се заблагодарам за Вашето одвоено време.

Општина Битола, останува верна на своите начела дека е институција од граѓаните – за граѓаните.