Press "Enter" to skip to content

Нашите учителки во „Хабакуки“- селото на бајките во срцето на Словачка (фотогалерија)

„Хабакуки“ или „Селото на бајките“ се наѓа во составот на планински туристички комплекс “Доновали“, http://www.parksnow.sk/zima/, централна Словачка, отворен за зимски туризам, богат со скијачки терени и зимски атракции, но и одлична летна дестинација за спорт и релаксација. Во склоп на агендата на студиското патување во Словачка, нашите учителки имаа прилика да ја почувствуваат магијата на овој едуативен центар.

Иако временските услови не беа соодветни за да може да се доживее сета радост што ова место им ја нуди на посетителите, учителките со импресии раскажуваат за сето она што можеа да го откријат скриено под снежната покривка:Весела Богдановиќ:

Се работи за простран, богат дрвен комплекс од различни куќички, во кои за време време на потоплите месеци се одржуваат различни едукативни и креативни работилници поврзани со бајките, ликовите од бајките, словачката традиција, грижа за околината и животните.Гостите користат мапа на која се обележани трите важни подрачја од овој едукативен комплекс: Влез и објекти околу влезот, „Ливада“ и „Село“. Посебно се обележани местата на кои е овозможена грижа за животните, креативни игри со песок, центри за читање бајки, железниот замок, куќата на стравот, музејот- ветерна мелница и слични атракции за дечиња од различни возрасти.Секоја куќа е ново изненадување за посетителите затоа што внатре ги чекаат аниматори кои им овозможуваат патување низ времето и светот на бајките, во амбиентален простор опремен со уникатни реквизити соодветни на темата.Во средината на комплексот се наоѓа „Дрвото кое раскажува бајки“ во одредени часови од денот. Аниматор, задолжен за оваа активност, стои скриен во внатрешноста и со јажињаги движи усните, очите и носот на дрвото. Досетливо, креативно и мошне успешно решение за да се привлеже вниманието на дечињата за време на раскажување приказни.Програмата за планирани активности се менува од година во година, за да им биде интересно на посетителите кои се редовни гости во овој туристички центар.Замислете колку е тука убаво во пролет или лето, кога се е живо и ставено во функција на едукација и креативна работа на дечињата.За време на летните денови просторот е исполнет со места за продажба на рачно изработени сувенири, но што е најитересно, тука еврото нема никаква вредност. На самиот влез поставена е менувачница во која еврата се заменуваат со ковани парички, наречени Хабакуки.Учителката Весе вели дека оваа студиска посета е радост за сиот нејзин ентузијастички труд вложен во улогата на координатор и организатор на еден од најголемите меѓународни проекти во Европа, но воедно и награда за најдобрите македонски едукатори кои од срце дадоа свој придонес во реализацијата на проектот „Ноќ со Андерсен“. Благодарност упатува до своите соработници, наставничките Анна и Зузана од словачкото училиште во Ковачица, кои ги искористија своите контакти во Словачка и овозможија студиско патување кое долго ќе се памети.Весела Б:

Словачка е магична земја од бајките и приказните. Тоа можев да го заклучам за време на нашата посета. Умее да ги следи современите текови но вешто и горделиво го чува и промовира своето минато и традиција и наоѓа интересни начини како да ги приближи на новите генерации.И сега постојано си размислувам. Додека на врвот на Тумбе Кафе не се направи отворена кафана во која девојки и момчиња облечени во староградска облека ќе служат кафе и локум, додека низ Широк Сокак не почнат да шетаат кочии како туристичка атракција, а пред врата на Офицерски Дом не ме пречека офицер за да ме води на прошетка низ историјата на тој објект, додека старата чаршија и Безистенот не бидат полни со занаетчиски дуќани и сувенири без да ги ловат инспекции со закони и казни, јас со сигурност знам дека ние не сме на добар пат затоа што не сме направиле правилна проценка на адутите со кои можеме да играме за успех.

Ж.Ристевска

Фото архива на В. Бодгановиќ

More from БитолаMore posts in Битола »