Press "Enter" to skip to content

Денес е Задушница, ден кога се слави споменот на починатите

Задушница, кога се слави споменот на починатите, се паѓа секогаш во саботата пред Духовден. Денес за првпат гробовите во сите гробиштата во Битола, ќе бидат без запалени свеќи од живите, поради забрана за движење не само во Битола, туку во цела држава.

Самиот збор задушница значи “за душата“, а тоа подразбира принесување жртви и молитви. Под принесување жртва се подразбира варена пченица и вино. И на тоа се ограничува принесување на жртвата, зашто во православната црква има само бескрвна жртва. Раздавањето храна е непотребно, не е задолжително и не треба да се практикува, вели Црквата.

Инаку, Задушница, или кај народот, попозната како Мртва сабота, се деновите во кои според народните верувања душите на покојните претци и блиски доаѓаат од оној свет кај своите блиски барајќи од нив храна, пијалак, затоплување, чистење (капење) итн.  Се верувало дека заборавањето на душите на покојните може да предизвика суши, поплави, немаштија, болести и други несреќи.

Кај народот постојат две задушници, но таа пред Духовден е официјално призната од црквата, а била прифатени и од народот. Ваквата средба со душите на починатите се прави на гробовите со палење на свеќи, кадење, посипување на вино врз него, кршење орев како хтоничен плод со кој се повикуваат душите на средба, со обредни лепчиња, со раздавање на храна…

Безброј имиња на покојни, произнесени во ектениите, прочитани од записите. Тоа се членови на нашите семејства, оние што особено сме ги љубеле. Тие што упокојувајќи се, се оддалечиле од нас и кои нема да ги заборавиме. Тие на кои можеби во животот сме им згрешиле. Нашите предци и сите оние на кои животот им го должиме. Нашите соседи и нашите блиски. Тие што добро сме ги познавале, тие што се упокоиле во оваа година, и тие кои одамна си заминале. И оние непознатите, со ништо непрославени, речиси безимени, и оние што на сите им се познати. Тие што биле среќни, но и тие за кои животот бил бездна на очај. Тие што биле благородни и штедри, и тие што биле рамнодушни кон се. И оние чии надгробни споменици секогаш се украсени со цвеќе, и тие чии што гробови одамна се срамниле со земјата. Тие што се упокоиле со вера дека ќе го стекнат Рајот, но и оние кои на ништо не се надевале.

Да го слушнеме она што го пее Црквата денес, и да се потрудиме во тие стихови да го слушнеме гласот на покојните. Да го воскреснеме во нашиот спомен она што тие биле. Да заборавиме на се лошо, сета нивна пројавена слабост и да го паметиме само нивното добро, нивната длабочина, единственост и неповторливост. Нека нашиот личен спомен за покојните се соедини со вечниот спомен на Црквата за Исуса Христа.  Секогаш со љубов да си спомнуваме за нив, со надеж очекувајќи го мигот кога Господ одново ќе нѐ постави лице во лице со нив.

Граѓаните честопати ги изедначуваат празниците Задушница и Духовден, како денови на еден ист празник посветен на мртвите. Во суштина станува збор за сосема два различни дена, со различни црковни знаења. Петокот, пак, е прогласен за неработен ден со цел верниците да се подготват за Задушница.

More from БитолаMore posts in Битола »