Разговорот го водеше: Жанета Ристевска
Поттикнати од активностите на Ресурсниот Центар за родители на деца со посебни потреби и нивното истражување на тема „Бариери за образовна инклузија на децата со посебни потреби“ се сретнавме да поразговараме со Радмила Цветковска – Национален координатор на РЦ на родители на деца со посебни потреби и Горица Поповска Налевска- Регионален координатир на РЦ на родители на деца со посебни потреби. Секоја во својата област тие вршат една многу хумана работа на организирање на најразлични активности за унапредување на инклузивното образование на децата со посебни потреби. Секоја од нив работи на терен соочувајќи се директно со тешкотиите со кои се среќаваат родителите на деца со посебни потреби и тие всушност ја имаат тука и главната улога за давање на поддршка на овие родители.
-Низ нашите активности ние се трудиме да им дадеме целосна поддршка на овие родители кои понекогаш се беспомошни и не знаат каде да се обратат. Активностите на Ресурсниот центар се најразлични од психолошка подршка, едукација и соработка, ни објаснуваат нашите соговорнички.
Низ разговорот се поттикнаа многу прашања за инклузивното образование, но ние низ прашања и одговори ќе се обидеме да ја опишеме работата и улогата на Ресурсниот Центар во поддршката на родителите на деца со посебни потреби.
Кажете ни повеќе за Ресурсниот центар и неговите активности?
Ресурниот Центар е родителски сервис кој им служи на сите деца со посебни потреби и нивните семејства преку: обезбедување на поддршка, помош, пристап до информации, обезбедување на остварување на нивните права во сите сегменти на животот со цел – што поуспешна социјална инклузија, како и подигање на јавната свест и одговорност за постоењето на тие права. Преку остварената мрежа на соработници од над 80 организации со кои има склучено меморандуми на соработка и воспоставена соработка со институциите во РМ, преку своите 5 регионални координатори и 2 национални координатори, Ресурсниот Центар овозможува бесплатни сервиси: поддршка родител-родител, групна психолошка поддршка организирана во психолошки кампови, индивидуална континуирана психолошка подршка, едукации за родители, правни совети преку соработка со здружението „Млади Правници“, медијација и совети од областите на социјалната заштита и инклузијата во образованието (и за родителите и за наставниците), поддршка наставник-наставник за наставниците во основното образование. Ресурсниот Центар ги вмрежува родителите и овозможува размената на искуства и информации преку Фејсбукстрана https://www.facebook.com/resursencentarnaroditelinadecasoposebnipotrebi/?ref=bookmarks и Фејсбук затворена група Посебни родители, а постојано ја дополнува и базата на податоци за семејства на лица со попреченост, која во овој момент достигнува бројка од приближно 2500 семејства. Покрај тоа, Ресурсниот Центар произведува и ресурси за поддршка на семејствата и сите вклучени во работата со лицата со посебни потреби (прирачници за родители, прирачници за наставници, прирачник за млади волонтери, брошури за лица со некаков вид на попреченост итн.) Ресурсниот Центар е сервис за СИТЕ родители на деца/лица со попреченост и лица со попреченост. Информациите, сознанијата и знаењата за правата на лицата со попреченост кои стигнуваат до нас се шират преку мрежата на родители што е нашата јасна цел и приоритети вградени во нашите мисија и визија.Вашиот Ресурсен Центар спроведе истражување на терен „Бариери за образовна инклузија на децата со посебни потреби“, кажете ни нешто повеќе за овој проект и неговите цели?
Истражувањето е овозможено со поддршка од Фондацијата Отворено Општество Македонија (ФООМ), како дел од проектот „Бариери за образовна инклузија на децата со посебни потреби“.Еден од приоритетите во реформите на образовниот систем е создавање на инклузивно образование кое ќе биде во функција на ученикот и неговите развојни и образовни потреби. Инклузивното образование подразбира квалитетно образование за СИТЕ и се вклопува во политиките за апсолутна инклузија во училиштата. Тоа подразбира и прилагодување на наставата на образовните потреби на децата, вклучувајќи ги и оние деца кои имаат потешкотии да се вклопат во постоечкиот образовен систем. Од досегашното искуство на работата на Ресурсниот Центар на родители на деца со посебни потреби, можеме да констатираме дека многу мал број на деца со посебни потреби се вклучени во редовното образование. Уште при запишувањето на нивните деца во редовни училишта, родителите се судираат со големи проблеми. Тие често не се задоволни од условите, третманот, напредокот и постигнувањата на нивните деца и заради ова честопати се во дилема дали постапиле правилно запишувајќи го своето дете во редовно училиште. Уште повеќе, целата поставеност на образовниот систем го потпомага отпорот на родителите на децата со типичен развој против вклученост на децата со попреченост во редовните училишта. Целта на истражувањето е да се утврдат дел од факторите кои претставуваат значајна бариера за квалитетно инклузивно образование и изготвување на предлог препораки за нивно надминување.
Кои општини и целни (фокус групи) групи беа опфатени со истражувањето?
Со цел примерокот на истражувањето да биде репрезентативен избрани се целни групи кои припаѓаат на три региона: од општините – Битола и Прилеп (Пелагониски регион), Велес (Вардарски регион) и Валандово (Југоисточен регион). Со истражувањето беа интервјуирани и анкетирани 329 испитаници и тоа: претставници од МОН и БРО, локалните самоуправи, наставници, психолошко- педагошките служби и родителите.Споменавте дека со истражувањето беа опфатени фокус групи на родители. Дали постојат разлики во ставовите на родителите на деца со типичен развој и родителите на деца со посебни потреби, кои се заклучоците до кои дојдовте?
Најголем дел од родителите на деца со типичен развој се сложуваат дека инклузивното образование ги намалува предрасудите и дискриминацијата, а децата ги прави почувствителни и потолерантни. Од анализата на добиените резултати се добива впечаток дека за родителите на деца со типичен развој најважно е децатата со посебни потреби да НЕ БИДАТ АГРЕСИВНИ кон останатите деца во одделението како не би се намалил квалитетот на работата на наставникот со нивните деца. Доколку овие стравови бидат надминати, родителите би биле спремни вистински да ја прифатат инклузијата. Да напоменеме дека овие резултати не се поклопуваат со искуството од неколку годишната теренската работа на Ресурсниот Центар на родители на деца со посебни потреби во однос на прифатеноста на децата со посебни потреби во редовното образование од страна на родителите на децата со типичен развој. Нашите искуства се дека постои континуиран отпор против вклученоста на децата со попреченост во редовните училишта, отпор кој некаде достигнува дури и размери на движење, и е поддржан од неимплементирање на постеоечките закони или нивно избегнување. За поголемиот дел на родителите на деца со типичен развој инклузивното образование го намалува насилството, но повеќето од нив стравуваат дека децата со посебни потреби може да бидат агресивни кон останатите ученици. Нашите искуства покажуваат дека, вклучувајќи се како медијатор меѓу семејствата на деца со посебни потреби и училиштата, учениците со посебни потреби доста често се исмејувани, физички малтретирани, трпат закани и се изолирани од страна на учениците со типичен развој особено во периодот на пубертет и адолесценција. Ваквата ситуација бара дополнителен ангажман на наставниците и стручните служби насочен кон советување и наоѓање на соодветни стратегии и решенија за сите вклучени субјекти: родителите на деца со посебни потреби, родителите на деца со типичен развој, учениците со и без посебни потреби. Ова укажува на потреба од дополнителни едукации со родителите на деца со типичен развој кои би им помогнале подобро запознавање со состојбите и потребите на децата со посебни потреби и нивно прифаќање. Оваа е всушност и првата констатирана бариера која треба да се надмине и за која во извештајот понудивме конкретни предлог препораки.
Кои се другите значајни бариери за квалитетно инклузивно образование?
Недоволна едукација, обуки и мотивација на наставниот кадар и психолошко-педагошката служба во училиштата, како и несоодветни технички услови (пристапност во училиштата, соодветни дидаткички материјали, голем број на ученици во одделенијата), како и несоодветни кадровски услови (некомплетирани стручни тимови, образовни асистенти и сл.)
Ова е само дел од резултатите до кои дојдовте со истражувањето, резултатите и предлог препораките детално се објаснети во извештајот. На кој начин извештајот ќе биде презентиран и достапен?
Завршниот извештај во печатена и електронска форма е доставен до сите субјакти вклучени во истражувањето: МОН, БРО, локални самоуправи и училишта. Сите заинтересирани ги покануваме на завршната презентација која ќе се одржи на 25 Април во ГЕМ Клуб (Менада)во Скопје во 11 часот. Извештајот во електронска форма ќе биде достапен и на нашата веб страна www.resursencentar.mkСе надеваме дека извештајот од истражувањето и препораките кои произлегоа од него ќе стигнат на право место за реализација. Разговорот со нашите соговорнички поттикна многу прашања кои на некои се одговори, но многу од нив останаа за идни истражувања кои се надеваме дека овие активистки ќе ги реализираат низ својата хумана мисија.
Фото: С. Ристевски