Разговорот го водеше: Жанета Ристевска
Убав пролетен ден, претпладне во кафулето “Портал“ во Новиот пазар- Битола. Преубав амбиент за утринско кафе и муабет за битолчани кои живеат во тој дел на градот, а и други кои доаѓаат да пазаруваат во тој дел . Доаѓа нашиот соговорник и љубезно се поздравува со сите и оние кои седат и дел од персоналот. Забележуваме голема непосредност и спонтаност кога комуницира со своите вработени. Неговиот став достоинствен, горд, културен и со голема почит, како кон своите гости, така и кон персоналот. Ми делува како човек во кого можеш да имаш голема доверба, на кого можеш да се потприш и да му веруваш и во добро и во лошо, човек кој е подготвен во секој момент да помогне онаму каде треба помош, а мора да се каже, ретки се такви луѓе. На нашата забелешка дека не се однесува како газда, кој мангупски влегува во своето кафуле се смее и ни вели:
-Со моите вработени сум многу близок и имаме многу коректни односи, а некои од нив се уште од првиот ден на овој кафе бар, тие се со мене веќе 10 години. Сме поминале се и добро, тешко, лошо… Бидејќи знаете не секогаш се е добро и супер, не течи мед и млеко. Но, јас сум кон нив фер, а и тие се со мене, и јас многу ја ценам нивната пожртвуваност.
Сето ова ни го кажува на некој посебен начин и љубов и преданост кон својата работа и сигурно е дека е заради тоа има и успех.
На 9 мај, односно за неколки дена ќе славите јубилеј, 10 години од како е отворено кафулето “Портал“ во Новиот пазар.
Кажете ни како започна идејата за отворање на кафуле токму тука?
–Точно пред 10 години на 9 мај 2008 се отвори ова кафуле на ден познат и како ден на победа. Во тој период доста храбра и ризична одлука бидејќи тогаш во новиот пазар имаше само неколку отворени дуќани, а никој не веруваше дека во тој дел на градот ќе заживее и ќе се оди на кафе како во кафулињата на Широк Сокак. Но, во тој период ми се укажа приликата да го земам овој дуќан и имав голема желба за да отворам свој сопствен бизнис.Така јас го отворив кафулето со голем ентузијазам, енергија и да нагласам со љубов кон оваа работа. Исто така морам да кажам дека имав и големо искуство во работата познавајќи ја низ годините кога работев низ повеќе кафулиња во градот. Ја запознав работата работејќи како келнер, шанкер, набавувач и скоро се во врска со овој бизнис и тоа повеќе години наназад. Односно тоа беше од 1996 година откако додека студирав на факултетот за физичка култура ДИФ во Скопје. Во тој период јас не сакав само да чекам пари од моите родители туку сакав и самиот да заработувам. Едноставно во тие години на транзиција во Македонија се отвораа многу бизниси и сите сакаа да работат и да заработуваат. Така и јас млад и енергичен не се срамев да работам бидејќи сакав сам да заработувам. Низ следните години работев на повеќе места во градот. Тука би ги споменал диско-барот “Треф“- летна бавча како шанкер, потоа кафулињата “Игучи“, “Симбол“„Монако“и “Џовани“ каде и најдолго се задржав. После тоа и некое време отворив и свој бутик за чанти и бижутерија. Јас во тој период во 2004 година отидов на шетање во Австралија и кога се вратив бев одлучен да отворам свој бизнис и да се остварам како личност во својата земја. Знаете мое мислење е дека сите ние како чичности сме исти било да сме тука, или во друга држава. Значи ако се работи можеш да се докажеш и успееш овде.
Искуството кое го собиравте низ годините во оваа дејност, ве охрабри да отворите свој кафе бар. Кажете како тоа се одрази на вашата работа во свој бизнис?
–Споменав дека после враќањето од Австралија каде си поминав феноменално бев со некоја голема самодоверба дека можам да се докажам во оваа работа која ја познавав. Едноставно јас се пронаоѓав во ова работа која секогаш ме исполнуваше, а ме исполнува и сега. Јас сум многу комуникативен човек, сакам дружење, комуникација, сакам да ширам пријателства. Сигурно дека ако нештото го правиш со многу љубов тоа и ќе има успех. Ако се вложиш во работата со жар и пожртвуваност таа и ќе даде плодови. Секако дека искуството ми помогна да увидам како треба да се однесувам сега како надреден кон моите вработени, односно персоналот во кафе барот. Мое мислење е дека енергијата и атмосферата во кафулето го дава персоналот кој постојано е со гостите и тие ја прават атмосферата за гостите да доаѓаат постојано и станат постојани муштерии. Тука би нагласил дека овде во кафулето доаѓаат постојани гости кои се редовни и мора да поминат барем еднаш во денот тука. Тие се во т.н. “Клуб 100“ со кои и јас и мојот персонал имаме пријателски и дури со некои од нив веќе имаме воспоставено и други врски – кумови, девери… Тоа за мене како сопственик на овој кафе бар, претставува гордост. Потоа дојде и отворањето на “Портал – 2“ на Широк Сокак, кој има свои гости кои се различни од овие во “Портал“ тука, а тоа мене посебно ме радува.
Забележавме дека вашиот однос со персоналот е коректен и заради тоа дел од нив се од отварањето, а велите за успехот на кафулето успехот и јубилејот сте заслужни сите. Кажете повеќе околу тоа?
-Морам да кажам дека домашното воспитанието за една личност е мошне значајно за тоа како ќе се однесуваи надвор од домот, на работа. Јас сум воспитувам во хуманистички дух, каде човекот и негова почит е на прво место. Израстен сум во социјализмот во традиционално семејство каде рамноправноста меѓу луѓето беше најважна, без разлика кој е и што е, а дружењата во тој период беа големи. Тоа како дете го гледав низ дружењата на моите родители со нивни пријатели. Тоа сигурно остава траги во секоја личност. Тогаш луѓето несебично си помагаа, не си завидуваа и беа вистински пријатели. Сето тоа јас сега како да го пренесувам и кон другите, се разбира тука се на прво место се моите вработени кои се вкупно 40 во двете кафулиња „Портал 1 и 2“ . Еве ќе ви кажам пример кога треба да се бојадисува или реновира – “Портал“ не се затвара, бидејќи 20-30 луѓе мои пријатели и целиот персоналот се собираме и тоа го правиме за една ноќ. Сето тоа е некако ударнички и нели потсетува на работните акции од социјализмот. Се разбира оваа група се собираме и за дружење, а тоа се некои тури кои ги организираме заедно и сите одиме било да е тоа спортско првенство или други значајни настани или други неформални дружења на екскурзии.
Со вашиот персонал ги зацврстувате односите на тие дружења надвор од работата. Тоа се т.н “team building activities“ кои вие ги нарековте и се познати по градов како по македонски “еснафски дружења“. Какви се тие и како се организирате?
–Овие дружења т.н. „еснафски“ станаа веќе традидија и сите со нетрпение очекуваме да одиме на некоја тура каде се дружиме. Имено, имаме една група од мои пријатели во кои има и вработени во фирмата. Се организираме со комбе и одиме на фудбалски натпревари. Тука и го споменал натпреварот На Куп во Скопје, потоа бевме на рафтинг на Тара, а последно бевме една седмица на Европското првенство – 2018год. во ракомет што се одржуваше во Загреб. Тука би ги споменал и екскурзиите што ги правиме со персоналот во две тури, бидејќи тука се 40 вработени се делиме во две групи за екскурзија. Многу е значајно да нагласам дека патувањето е заедничко во комбе, а не секој посебно со свое возило, бидејќи тоа и го дава посебниот жар. Тука има многу дружење, зезање, смеа, доживувања кои прават да се направи еден заеднички дух на доверба и почит и во добро и во лошо да се биде заедно, а тоа што го кажав на почетокот на нашиот разговор.
Воспитанието што го добивте од Вашите родители сигурно го пренесувате и на своите деца. Каков сте како татко и како сопруг?
–Сигурно дека со моето однесување тоа им го пренесувам на моите две деца кои уште од мали еве тука доаѓаат, гледаат и веќе помагаат заедно со вработените околу средување на тревата околу кафулето или некои помали работи. А, сето ова е тие да се учат на обврски уште од мали. Тие тука се како дома и многу често доаѓаат. Со мојата сопруга Јасмина сме повеќе години заедно, прво како дечко и девојка заедно работевме во бутикот, а потоа ми стана сопруга и без нејзина поддршка и љубов не би можел да се посветам на работата. Тука исто би ја истакнал и улогата на моите и родителите на мојата сопруга без чија помош не би постигнал многу работи, а тука морам да го споменам чувањето и грижата за децата. Потоа помош од страна на мојот дедо татко на сопругата околу инсталациите во кафулето. Значи само со поддршка на целото мое, и на сопругата пошироко семејство може да се се има успех во работата и секако во животот.
Кажавте на почетокот дека сте професор по физичка култура, сакате спорт, но не само да го следите бидејќи и секогаш сте биле активен и во спортскиот живот на Битола како тренер и како подржувач на спортот во нашиот град. Кажете ни повеќе за тоа.
-Јас со голема љубов го завршив факултетот за Физичка култура во Скопје. Кога студирав и откако гозавршив факултетот веќе кажав започнав да работам во кафулиња. Но напоредно јас отворив и школа за ракомер “Конзули“, а преку летниот период заедно со мојот колега Михајло Трампевски го прганизиравме пливачкиот клуб “Југ“кои успешно функционираа. Големо задоволство чувствував кога работев со деца воспитувајќи ги во еден спортски дух. Но, потоа со отворањето на бизнисот јас никогаш не се вработив како професор по физичко образование, но љубовта остана кон спортот и во секоја прилика помагав во спортот. Тргнувајќи од тоа дека ги знам состојбите во спортот и со какви проблеми се соочуваат сакав и помагав како што кажав во разни прилики. Било да е тоа како помош околу превозот, да се набави спортска опрема… Со моите активности во 2015 година станав член на Управниот одбор на РК Пелистер. Сега 2018 год. со воспоставување на нова власт во општина Битола јас бев назначен за Извршен директор на РК Пелистер. Се надевам дека ќе ја оправдам дадената доверба во градот каде ракометот има голема традиција и од тука произлегле многу таленти – спортисти. Секако тука би кажал дека ќе придонесам со моето искуство и материјални можности за помош на овој спорт.
Ние се надеваме дека и тоа ќе го направи, во тоа не увери и сигурноста на неговиот глас и довербата која доаѓа од неговата личност која се докажала и докажува дека само со уважување и почит кон другите луѓе се станува почитуван и достоинствен човек.
Фото: С. Ристевски






