Press "Enter" to skip to content

Албанскиот претседател во посета на Битола

Претседателот на Република Албанија, Илир Мета, денес ја посети општина Битола, каде што оствари официјална средба со градоначалничката Наташа Петровска, со која заедно го посетија и Музејот на Албанската азбука во Битола.

Претседателот Мета, при денешната посета, потсети на големото историско значење на Битола, а исто така изрази верување дека во идниот период соработката помеѓу двете држави ќе се зголемува, како на локално, така и на централно ниво.

-Исклучителна чест е за мене како претседател на Република Албанија да го посетам градот Битола и да изразам задоволство што се наоѓам на едно свето место за Албанците. Јас се надевам дека сме во нова ера на одлични меѓуетнички односи внатре во Македонија и на исто така, одлични односи помеѓу граѓаните и двете држави, од двете страни на границата. Во оваа можност, имам специјална покана до градоначалничката на Битола, да ја посети Албанија за да заедно со нас, на Владино ниво, но и со општините во Република Албанија, да основаме заеднички програми, кои ќе не доближат уште повеќе да имаме не само добро разбирање, туку и поголема љубов, изјави претседателот на Република Албанија, Илир Мета.

Градоначалничката Петровска испрати искрени честитки до сите граѓани – Албанци, изразувајќи верување, дека во идниот период меѓусебната соработка ќе даде големи резултати на повеќе нивоа во општественото живеење.

-Во оваа прилика сакам да им го честитам на сите Албанци каде и да се наоѓаат во светот – Денот на Албанската азбука. Ова е само потврда дека Битола отсекогаш бил културен, образовен, економски центар, значаен центар од секаков аспект. Она што би сакала да го споменам е дека каде и да се наоѓате, на која нација и да припаѓате, секогаш за човештвото е најбитна комуникацијата, разбирањето, градењето на довербата помеѓу народите, а ова е всушност еден од начините, како во пракса го покажуваме тоа. Со мојот почитуван гостин, денес разговаравме меѓудругото за најразличните форми на соработка во следниот период којшто се однесуваат и во сферата на образованието, туризмот, економијата. Тоа е во интерес на двете страни во градењето и продлабочувањето на меѓусебната соработка. Јас сум длабоко убедена дека тоа во иднина ќе се реализира, изјави градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.

More from ВестиMore posts in Вести »