Press "Enter" to skip to content

Паметниците од Илинденската епопеја на Баба Планина и Битола Пелистерски патокази низ текст и фотографии (24)

Подготвил: Драган Ристевски

Баба Планина покрај природните убавини, покрај богатствата кои овозможувале услови за живот на населението, таа давала и одлични услови и за закрила на ајдуците, комитите, востаниците и партизаните.Сетоа тоа народот кој копнеел за слободен живот и своја татковина го следел и регистрирал и конечно го опеал.
„Пролет дојде и пиленце во планината,
зелени се и тревата – слива се белее,
а Пелистер уште црн е – црн е како гарван,
Галичица посестрима, сестра и најверна!
Там се бијат наште браќа, браќа Македонци,
да ослободат Македонија од тирански пранги“.


Векот минува – песната останува, столетието од Илинденот веќе одамна мина, а кажаното, испеаното од народниот гениј, за нас, за жал, се уште е актуелно. Борбата за слобода и достоинствен живот на македонскиот народ и на сите припадници на останатите етникуми на просторите на Битолскиот револуционерен округ во периодот на Илинденот 1903 година, остави длабоки и неизбришливи траги во понатамошниот наш опстој и конечно на Македонската државност заокружена со вториот Илинден, со АСНОМ од 1944 година. Токму за тој македонски непокор, за таа борба за слобода на нашиот народ, најсликовито сведочи паметникот во центарот на Битола, на плоштадот „Гоце Делчев“ на кој барељефно се претставени Двата македонски Илиндена и оној од 1903 -та и од 1944 –та и на кој се испишани стихови …„
за зборот наш
и сонцето
и земјата наша
наши да бидат“
од поетот Радован П. Цветковски.

Идентичен паметник на кој се слават и величат Двата Илиндена е поставен и во славното потпелистерско село Цапари во центарот на селото во просторот на Спомен паркот. Паметникот кој е висок обелиск изграден од пелистерски гранит ја соединува и симболизира продолжителната вековна борба на нашиот народ. Посмртните останки на 48 -те загинати македонски востаници од Битолско-демирхисарскиот крај во битката со турската војска, позната како Пелистерска битка, случена во реонот на Цапарска Пресека и Палиснопје на 22 септември 1903 година, се погребани во заедничката гробница во Цапари.

На спомен плочата поставена на овој достоинствен гранитен паметник стои запишано: Цапарчани со своето учество и пролеана крв испишаа славни страници од летописот на Илинденската епопеја. Цапари секогаш претставуваше упориште на револуционерната организација. Во трите борби, пред и за време на Востанието за едно со востаници од другите места ги оставија своите животи на вечна стража на слободата. За приврзаноста кон слободата, цапарчани беа жртви на непријателски терор и надвор од родниот крај. СЛАВА НА НИВНАТА САМОЖРТВА“. Според имињата и презимињата на погребаните во заедничката гробница во Цапари дознаваме дека востаници во четата на војводата Ацко Трајков од селото Базерник имало од повеќе реони на Македонија. Ова големо погибие на илинденските востаници од 1903 година е одбележано и на самото место на Пелистерската битка на Палиснопје (1.550 м.) каде е поставена скромна мермерна плоча на гранитен постамент. Инаку, на другата страна од обелискот во Спомен паркот во Цапари, барељефно е претставен мотив од Народноослободителната војна за слобода и Револуцијата од 1941 – 1945 година против фашистичкиот окупатор што повторно го истакнува значајното учество на цапарчани во Втората светска војна. На спомен плочата на другата страна пишува: Цапари и во виорните дни на НОВ и Револуцијата приложи голема жртва на олтарот на слободата. Младите луѓе на ова село влегоа во револуционерниот оган влегоа со својата младост и повеќето од нив ја оставија на боиштата во нашата земја цврсто уверени дека нивната жртва нема да биде залудна. ВЕЧНА СЛАВА НА НИВНАТА РЕВОЛУЦИОНЕРНА МЛАДОСТ“

Планините во Македонија, вклучувајќи ја и Баба со Пелистер, претставувале закрила за револуционерите, комитите и војводите. Планините биле мегдан каде се организирала борбата против петвековното турско владеење. Во текот на Илинденот како позначајни востанички активности во реонот на Баба Планина со Бигла, против турските воени формации се борбите кај Ѓавато и Смилево, Метимер, Гопеш, Цапари, потоа, Љубојно и Брајчино, при што овие села биле ограбени и запалени. Една од најтешките загуби на македонските востаници од далеку побројниот и повооружен турски аскер, била битката кај селото Герман, сега во соседна Грција. Таму загинале околу 70 борци-востаници од битолско, предводени од Иван Кавеџијата и од Александар Ефтимов. И по оваа голема загуба аскерот продолжил да пљачка и пали при што биле опожарени потпелистерските села кај Преспа, Сливница и Штрбово. И од другата страна на Баба Планина, кај Буф, на 10 октомври 1903 година, Буфската чета составена од шеесеттина востаници предводена од војводата Атанас Ферманов, а со која бил и реонскиот началник Ѓорѓи Поп Христов од битолското село Крстоар, биле предадени и нападнати од илјаден турски аскер и башибозук. За среќа, заради густа магла, востаниците успеале да се пробијат, но следувало распуштање на четите и прибирање на оружјето од селата на тој крај на Баба Планина.

Со оглед дека познатиот војвода Ѓорѓи Сугаре е родум од Битола, а најголемиот дел од својата револуционерна активност ја имаше на нашиве простори, битолчани кон крајот на осумдесеттите години му се оддолжија, скромно и секако, задоцнето, со изградба на една биста која е поставена во паркот наспроти зградата на Црвен Крст во Битола. Речиси истовремено, биста на уште еден војвода кој беше присутен во Битолскиот крај во Илинденскиот период, битолчани му поставија спомен биста. Тоа е војводата Александар Турунџе, кој по неговото заробување, во 1905 година, Турците го обесија на Ат пазар во Битола, каде инаку е поставена и мермерна спомен плоча. Секако, заслуга за овие патриотски активности имаа и напредни дејци и активисти од Битола, тогаш членови на МААК (Македонска акција).

Еден од најголемите синови на македонскиот народ од периодот на Илинденот, Дамјан Груев кој беше еден од создавачите на ВМРО во 1893 година во Солун, а десет години подоцна, во 1903 година и командант на Востаничкиот штаб на Илинденското востание. Во Битола и Битолско за Дамјан Груев има поставено неколку бисти, и тоа, пред зградата на Завод и музеј Битола, во основното училиште кое го носи неговото име во Битола, потоа во Долно Српци и секако во неговото родно Смилево, каде се одржа Смилевскиот конгрес во предвечерието на Илинденското востание. Од Илинденскиот период бисти на познати дејци и револуционери во Битола и околината има и од Дијамандија Мишајков, Димче Сарванов, од Крсте Мисирков,

Инаку, моштите на уште неколкумина илинденци се погребани во кругот на битолската црква „Света Недела“. Вечно почивалиште кај Светонеделските гробишта имаат четворица познати војводи, и тоа, Димко Николов родум од село Драгош, Битолско, Александар Турунџе од Кисела Вода, Леринско, Павел Шатев од Кратово и Димко Сарванов од Могила. Во кругот на црквениот двор кај „Света Недела“ е подигнат паметник на кој пишува: ИЛИНДЕНЦИ! За слободно сонце над татковината јуришавте и со својот хероизам се впишавте во вечноста на македонската историја!