Иако знаевме дека во соседниот град во Грција, Лерин, вчера, среда, е пазарен ден сепак, како се вели по битолски, “од бес“ тргнавме, надевајќи дека иако е пазарен ден и “ќе отепаме“ некој сат и малку “ќе смениме“ и нема да биде се празно.
Но, кога стигнавме се изненадивме во тоа како е Лерин, попладне, во пазарен ден. Празни улици насекаде, по корзото ниту еден човек, околу Црквата никој, а покрај реката каде сме навикнати на поголем број на луѓе забележавме само еден намерник.
Прошетавме низ пустиот град, а кај пазарот се беше собрано, веќе во 15 часот, по наше, а 16 по грчко време, само неколкумина кои продаваат мандарини, а не беа од Лерин, се подготвуваа да заминат, како рекоа, “за накај Воден“.
Но, во таква лоша слика која ја видовме за Лерин, сепак најдовме десетина битолчани и ресенчани, кои “залутале“ како нас.
-Во Лерин застанав да одморам, доаѓам од Солун, каде бев на семинар за кошаркарски тренери, па се враќам за Битола, а ни јас ниту останатите не знаевме дека е пазарен ден, ако вие не ни кажевте, бидејќи не доаѓаме многу често тука, иако е блиску. И ние бевме изненадени дека е празно, а си рековме сигурно е некој државен празник, вели Драган.
“Народ“ имаше само во една кафуле, а останатите беа сосема празни, а во некои едвај по еден или двајца гости. Единствено кафуле кое беше полно со гости се наоѓа на главната улица, кое е модерно уредено во модерен стил со многу млади луѓе.
Тука го најдовме Тони од Ресен, кој вели дека на неколкупати доаѓа во Лерин, но вака, празен град не погодил.
-Доаѓам тука последниот период почесто. Ја испитувам царинската регулатива во двете земји, за увоз и извоз во Македонија и Грција. Се надевам дека се ќе се договориме со партнерот од Грција и ќе започнеме со, да не речам со бизнисот, туку со работата, а како ќе се одвива во иднина ќе видиме.
Еден друг битолчанец ни рече дека дошол по некои лекарства, но сите аптеки биле затворени, ја нашол единствената отворена – дежурна, но не го нашол лекот, но не беше возбуден, вели не било итно, само така дошол.
И пред заминување застанавме во “Лидл“ но таму паркингот во 17 часот беше празен, а внатре само на една каса двајца купувачи.
-Нема многу луѓе, ќе има црн петок (блек фрајдеј) затоа сите чекаат намалување, ни вели еден леринчанец, кој на прашањето што е вака празно во среда, ни рече:
-Вие сте Лас Вегас за нас. Кај вас се е полно секој ден. Нема кај вас, било пазар, не се работи, не се шета. Сите грејме (идиме) кај вас.
Не забележа дека фотографираме и на заминување повторно ни дофрли:
-“Каже те му на вашите да не грејат кога е пазар, ништо нема, сите грејме таму“.
Не разбравме која е причината зошто е вака празно, како што се вели по бел ден, али е работата, дали е иселувањето, дали студот или пак е нешто друго.