Амбасадорот на Европската унија, Дејвид Гир, денес беше во официјална посета на општина Битола, а прошета кај “Магнолија“, по Широк Сокак, го посети Офицерски дома и киното “Браќа Манаки“.
На средбата со градоначалникот Коњановски во неговиот кабинет, разговараа за новите предизвици и можностите за понатамошна соработка, во повеќе области, меѓу кои животната средина, младите, економскиот развој и други области во кои општината би можела да добие поддршка за реализација на повеќе проекти.
-Ми претставува голема чест, што денес имавме прва официјална средба со Амбасадорот на Европската унија, Неговата Eкселенција Дејвид Гир, со кој разговаравме на повеќе теми, кои се однесуваат на континуитетот на проектите кои веќе се реализираат во општината со финансиска поддршка од европските фондови, како и за нашата идна соработка. Пред Амбасадорот Гир, ги претставив клучните приоритети кои како локална самоуправа планираме да ги реализираме во четиригодишниот мандат, ставајќи акцент на можностите за реализација на нови проекти кои се однесуваат на повеќе области, пред се на подобрување на квалитетот на животната средина, енергетската ефикасност, туризмот. Подготвени сме за новите предизвици кои произлегуваат од европските програми и фондови, со кои ќе делуваме кон воспоставување на европски практики и имплементирање на европски вредности, воспоставување и интензивирање на соработката со општини од ЕУ, пред се со општините од пограничната област.
-Би сакал да нагласам дека, благодарение на поддршката од Европската Унија во рамките на подгрантовата шема на проектот „Локална и регионална конкурентност“, финансиран од ИПА 2 доверителскиот фонд на Европската Унија, завршена е реконструкцијата на Офицерскиот дом, а со неговото содржинско збогатување, повторно овозможуваме заживување на овој објект“, изјави Градоначалникот Тони Коњановски, информирајќи и за активностите кои се реализираат и со проектите „Кинокултура“, „Смарт кул тур“, „Интеграција на зелен транспорт“ и „Бенефит“, финансирани од Европските фондови, нагласи Коњановски и додаде дека за сите реализирани проекти, потребно е да се обезбеди, функционалност и одржливост, а со Амбасадорот Гир, разговараа и за можноста за отворање на „Куќа на Европа“ во Битола.
По официјалниот состанок, Амбасадорот на Европската унија Дејвид Гир, изјави:
-Една од темите коишто денес ги разговаравме, беше поврзана со младите кои се богатство на секоја земја и на секој град. Имајќи го предвид тоа, Пелагонискиот регион и градот Битола, се соочува со предизвикот, со проблемот на младите луѓе кои си заминуваат од земјата и во таа насока ја разгледавме можноста за отворање на Куќа на Европа (Europe house), како можност, како простор за младите во кој ќе може да креираат, да разговараат за вредностите, простор каде младите ќе можат да расцветаат. Разговаравме за богатата култура која што овој град ја има, разговаравме за програмата за соработка со пограничната општина Корча и се разбира дека сите овие проекти, придонесуваат кон збогатување на културното богатство на овој регион, но и за зајакнување на соработката помеѓу пограничните општини.
Исто така било разговарано и за животната средина, огромно прашање за овој град, за бројни прашања и аспекти поврзани со неа, а изрази загриженост за големото загадување во Битола:
-Овој град не може да го види сонцето затоа што кога се доаѓа кон Битола од ридот се гледа жолт и црн воздух кој покажува голема загаденост. Животната средина е голем проблем за овој град, разговаравме за бројни аспекти како и за фондовите на ЕУ. Разговаравме и за РЕК “Битола“ и како да се направи правилна транзиција кон зелено производство на електрична енергија, додаде Гир, кој му подари сончева тегла на градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, како симбол за производство на струја од сонцето, но и симбол на Зелениот договор на ЕУ.






