Министерот за здравство, Беким Сали, заедно со заменик министерот Владимир Рендевски денеска ги посетија здравствените тимови на пунктот за серолошки скрининг во Битола и остварија средби со граѓаните.
-Серолошкиот скрининг ќе овозможи да се добие јасна слика за општата состојба на населението, а од тоа ќе зависи и носењето нови препораки и мерки. Се намалува пикот на четвртиот бран, епидемиолошката состојба благо се подобрува. Задоволни сме од одзивот на граѓаните, има претставници од сите возрасни групи и тоа ќе овозможи да добиеме јасна слика за општата состојба на населението. Од резултатите што ќе ги добиеме со серолошката анализа ќе пристапиме кон нови препораки и мерки за функционирање на институциите, изјави денеска министерот за здравство Беким Сали во Битола.
Според планот на Министерството за здравство, предвидено е да се направат околу 3.000 анализи, од кои 1.000 во Скопје каде е во тек собирањето на материјалот, а останатиот серолошки скирининг ќе се реализира во други градови.






