Вечерва со концерт на музичката група „Љубојна“ и специјалните гости Џамбо Анѓушев и Лука Ем-Си, во големата сала на Центарот за култура започна Фестивалот на музика од светот кој е деветти по ред.
Концертот на „Љубојна“ предизвика голем интерес кај битолчани кои големата сала ја исполнија до последното место, а членовите на групата заедно со гостите ги исполнија големите очекувања дека ќе бидат сведоци на уште еден, од многуте кои “Љубојна“ ги имала во Битола, одлично осмислени и изведени.
Вокалистот на “Љубојна“, Вера Милошевска, за стартот на овој Фестивал рече:
-„Љубојна“ оваа година дојде на Фестивалот на музика од светот и донесе нова плоча, тоа е првиот винил којшто веќе го промовиравме и се издаде во Хрватска. „Љубојна“ овој пат носи една убава и интимна атмосфера, со многу воздух и тишина во целата музика. Гости ни се Џамбо Агушев и со големо задоволство го најавувам Лука MCCL. Тоа е мое надополнување на сцената, и пејачко и рецитирачко. Специјален артист и многу креативен човек. Подготвивме нешто многу специјално, вчера на пробата се создаде многу убава атмосфера, што се пренесе и на публиката во салата.
Вториот ден е резервиран за настапот на босанскиот и светски познат изведувач на севдалинки, Божо Вречо и групата „Џипси Грув“. Вречо има ангелски глас и ќе пее песни од неговите четири албуми вклучувајќи го и последниот „Пандора“ издаден во Брисел.
Џипси Грув изведуваат автентична балканска ромска музика во која се влеваат и други музички влијанија како џез, реге, фанк. Членовите на бендот се од различни етнички припадности и нивните настапи донесуваат културна разновидност.
Фестивалот „Музика од Светот“ во изминатите осум изданија беше домаќин на познати музички имиња од државата и светот меѓу кои Ричард Галијано, Наташа Атлас, Васил Хаџиманов, Каролина Гочева, „Фолтин“ и други.
С.Р.