Press "Enter" to skip to content

Управата на РК Пелистер со демант: не поднесовме оставки

По изјавите од говорницата во Советот на општина Битола дека комплетната управа на РК Пелистер си поднела оставки, од страна на советникот Борче Корлевски, Управата на РК Пелистер, излезе со демант на кажаното во кое се вели:

-Почитувани битолчани, љубители на ракометот, симпатизери на РК Пелистер – Битола,  Управниот одбор на РК Пелистер, заедно со стручниот штаб ги демантира сите невистини, лаги кои денеска на седницата на Советот на Општина Битола ги кажа Борче Корлевски во врска со поднесени оставки од страна на сите членови на одборот на директори во спортското друштво.

Со промената на новата локална самоуправа ние како Управен одбор на РК Пелистер, изјавивме дека, стоиме на располагање и дека сме подготвени за продолжување на професионалното работење, а не дека комплетно како Управен одбор си поднесуваме оставки. Ние како и претходно така и сега сме концентрирани на работата на РК Пелистер.

Функционирањето на РК Пелистер е поважно од сите претходни, сегашни и идни управи и затоа во овие мигови кога РК Пелистер е во нагорна линија потребни се сите кои сакаат да помогнат.

Денес многу лажни, невистинити, неточни информации се пласираа во медиумите, интернет порталите со цел да се соберат политички поени на штета на РК Пелистер.

Општината е единствен акционер и како таква, го имаше назначено овој Управен одбор во кои членуваа луѓе од секаков профил, кои се залагаат за доброто на клубот.

Бордот на директори може да се прошири и со тоа би бил поефикасен, за сите заедно да работиме за доброто на нашата светост РК Пелистер -Општина Битола, како единствен акционер и сите битолски бизнисмени за силен и јак Пелистер бидејќи тоа е од корист на сите нас како граѓани на Битола.

Спортски поздрав!!!

Управен одбор на РК Пелистер