Со одржување на конференција за медиуми и промоција на проектот “БалканМед Е-Бизинис Страници во хотел “Милениум“ започна официјалната промоција на проектот
“БалканМед Е-бизнис страници“.
Овој проект е одобрен во рамките на Програмата за транснационална соработка на Европската унија “Балкан-Медитеран 2014-2020”, под приоритетните оски: претприемништво, вработување и иновации, со специфична цел – конкурентни територии.
Проектот ќе се реализира во период од две години во партнерство со Агенцијата за развој на човечки ресурси од Русе-Бугарија, Грчката менаџмент асоцијација од Атина, Индустриската комора на Лимасол од Кипар и Центарот за поттикнување на конкуренцијата од Тирана.
– Суштината на нашата акција е кластерирањето и трансферот на технологија. Утврдивме дека малите и средни претпријатија тешко може да бидат конкурентни и извозно способни и активни на меѓународниот пазар. Затоа најдобрите практики кои доаѓаат од Северна Европа посочуваат дека малите и средните претпријатија треба транснационално да се поврзат и здружени да настапуваат на трети пазари. Тоа може да се оствари преку т.н. кластери и трансфер на технологија меѓу членките на кластерите, истакна Игор Неделковски, претседател на Управниот одбор на Фондацијата Гаус Институт.
Според експертот Константин Петковски, со проектот ќе се подобри конкурентноста на извозно ориентираните мали и средни претпријатија, ќе се промовира размена на информации и развој на дигитални алатки за подобрување на интеграцијата на локалните пазари.
– Овој проект ги надминува границите на нашата држава и ги следи светските трендови што ги наметна глобализацијата, а тоа е вмрежувањето како основен фактор за успех во секоја сфера од човековото живеење и посебно во сферата на бизнисот, вели Петковски.
За реализација на проектот одобрен е буџет од 717.588 евра од Европскиот фонд за регионален развој и ИПА, како и национално кофинансирање на државите учеснички.