Press "Enter" to skip to content

Свети Архангел Михаил, војвода на сите ангели – водач на сите небески сили

Денес и утре битолчани и сите православни верници, го празнуваат верскиот празник Собор на свети архангел Михаил, меѓу народот попознат како Аранѓел. Овој празник е еден од поголемите есенски празници, а Црквата го определила овој ден, за празник во чест на сите ангели, а најмногу на свети архангел Михаил кого го смета за водач на сите небесни сили.

На овој празник именден празнуваат: Ангел, Ангелина, Михаил, Рајна, Ратка…, а голем број битолчани го празнуваат и за куќна слава, а го празнуваат со домашни служби, а и општо е верувањето дека тој спаѓа меѓу поголемите празници.

Пред да го создаде материјалниот свет (земјата, небото, ѕвездите, човекот и тн.) Господ го создал духовниот свет – ангелите. Ангелите се духови поради што се невидливи, а за подобро да бидат сфатени и за да се создаде претстава за нив на фреските и иконите се претставени во човечка форма. Тие се Господови гласници (ангел значи весник) ги пренесуваат Божјите заповеди поради што на фреските се претставени со крилја. Тие се поим за младост и безгрижност поради што се претставени како деца бидејќи староста, обелувањето на косата и брчките на лицето се последица на животните грижи и страдања. Тие се насликани во бела облека што симболизира душевна чистина и невиност. Единствено архангел Михаил е претставен во војводска облека. Зошто Аргангел Михаил е насликан како војвода?

Во почетокот сите ангели биле добри. Подоцна некои од нив станале лоши, се одметнале од Бога и почнале да прават злодела. Нив ги викаме ѓаволи.

Еден меѓу нив по име Деница, заслепен од големата моќ што му ја дал Бог, се одметнал од Бога, собрал големо друштво и создал цело невидливо небесно духовно царство. Свети Архангел Михаил го победил, го симнал од небото, а и подоцна продолжил да се бори за славата Божја поради што е претставен во војводска облека со меч и копје во рацете.

Кога некои ангели почнале да го напуштаат Бога и станале лоши ги собрал Архангел Михаил сите ангели и како знак на верност кон Бога почнал заедно со нив да ја слави Света Тројца со песната: Свет, Свет, Свет е Господ Саваот.

Со овој празник им се оддава признание на сите ангели кои ги има безброј. Зашто токму на овој ден се празнува денот на ангелите? Според некои истражувачи месецот ноември е одбран поради тоа што во поранешното сметање на времето, кога годината започнувала од март ноември бил деветти месец, а девет се чиновите ангелски.

Денот осми (според стариот календар) е одбран поради тоа што на осмиот ден од страшниот суд ќе дојде Исус да им суди на живите и мртвите.

Во народното верување Архангел Михаил е претставен како со меч им ги зема душите на луѓето, поради што во некои места е наречен „Арангел душевадник.“

Заедно со Архангел Михаил најпознат меѓу ангелите е Архангел Гаврил.

More from БитолаMore posts in Битола »