Пелистер – Шкупи 2:2 (2:0)
Иако победата на “пелистеци“ им беше денес повеќе од потребна, сепак од натпреварот во Битола, под Тумбекафе, во редовното 17. Коло од Првата фудбалска лига, на бодовното салдо ќе забележат само еден бод, по ремити со екипата на Шкупи, 2:2, полувреме 2:0.
Екипата на Пелистер во 28 минута дојде до водство со 1:0, со голот Ристе Марковски, кој ја погоди противничката мрежа од повеќе од 25 метри далечина по лошата реакција на гостинскиот голман.
Бразилецот Лукас постигна втор гол за Пелистер по десетина минути, во 38 минута, со удар во горниот лев агол на голот на Шкупи.
Но кога малкуте гледачи под Тумбекафе очекуваа лесна победа на Пелистер и одигрување на рутинско второ полувреме, гостите со нивна иницијатива го започнаа продолжението. Потоа следуваше добра игра на Пелистер со шанса на Иве Трифуновски за 3:0.
Но како бива секогаш, кога се промашува противникот казнува, се случи и под Тумбекафе. Најпрво во 80 минута Љамчевски, постигна автогол за 2:1, а во 85 минута нововлезениот играч на Шкупи, Мухарем со еврогол израмни на 2:2, за нивна голема радост, но и за разочарување на битолчани.
По ремито во Битола, Пелистер, се најде во незавидна позиција на табелата, сега е на претпоследното место со само 16 бодови од 17 кола. Последна е екипата на Скопје со 10 бода. Над Пелистер се пласирани екипите на Ренова со 17, Победа со 18 и Шкупи која сега има 20 бода.