Двете битолски ракометни екипи кои се натпреваруваат со Супер ракометната лига на Македонија се домаќини во утрешниот ракометен термин кој го оппредели РФМ, а натпреварите ќе се одиграат во спортската сала “Младост“.
Екипата на Пелистер во рамките на 12 коло од Супер лигата ќе ја пречека екипата на Пролеп 62. “Пелистерци“ се лидери на табелата и со право битолчани ќе очекуваат утрешна победа и зацврстување на првото место на табелата.
-Ние сме домаќини на екипата која е второпласирана и е изнанадување за многумина според пласманот на табелата. Ние сме фаворити, но сите екипи кои играат против Пелистер се со мотив плус, и затоа мора да бидеме конценртирани во сите 60 минути и да не дозволиме изненадување во Битола, вели капитенот на Пелистер, Васко Димитровски.
Овој натпревар ќе го суди судиската двојка Ѓорѓи Начевски и Славе Николов од Скопје, а делегат ќе биде Ацо Николовски исто така од Скопје.
“Помладата“ екипа од Битола кои настапува во Супер лигата, битолската ракометна екипа Еурофарм Работник, утре ќе ја пречека екипата на Радовиш. По двете победи на меѓународен план, во Челинџ купот, ракометарите на Еурофарм Работник, ќе сакаат утре да забележат и победа на домашен терен.
-Имаме победничка серија и не би сакале да ја прекинеме. Екипата на Радовиш мора да ја почитуваме и да не ја потцениме, а сепак мора од друга страна да размислуваме за победа. Има добро расположение во екипата, по пласманот во осминафиналето од Челинџ купот, а тоа ќе го докажеме и на терен утре во салата “Младост“, вели Стефан Дрогришки.
Судиската правда на овој натпревар ќе ја делат Дејан Георгиевски и Димитар Георгиевски, делегат ќе биде Камер Металари, сите од Скопје.
По 10 кола лидер на Супер лигата е екипата на Пелистер со 27 бода, а екипата на Еурофарм Работник е на третото место со 19 бода.
Првата средба во “Младост“, Еурофарм Работник – Радовиш ќе се одигра во 16 часот, а втората Пелистер – Пролет 62 ќе започне во редовниот саботен ракометен термин во 18,30 часот.
Натпреварот од Супер лигата Вардар јуниор – Металург 2 ќе се одигра в недела, а последниот натпревар Прилеп – Борец ќе се одигра на 5 декември.