Градоначалникот на Општина Битола, м-р Наташа Петровска денес оствари средба со Амбасадорот на Израел за Македонија Н.Е Дан Оријан, на средбата посебен акцент беше ставен на проектот за ревитализација на Еврејските гробишта во Битола.
-Она за што сме заинтересирани и двете страни се Еврејските гробишта во Битола. Разговаравме за тоа што во досегашниот период е направено од страна на Израел и Здружението АРХАМ, меѓутоа и за она што во Општина Битола во идниот период треба и може да го преземе во рамките на ингеренциите, почитувајќи ги сите законски одредби, како овој процес на реставрација на Еврејските гробишта и Меморијален парк би биле меѓу другото поткрепени и со Општина Битола. Очекувам во следниот период сите активности да се случуваат со многу побрза динамика и бидат во насока да отвориме една слика од историјата и да искажеме почит кон сите луѓе кои се погребани на тој дел на територијата на нашата општина, изјави градоначалничката на Битола, м-р Наташа Петровска.
Амбасадорот Дан Оријан истакна големо задоволство од денешната средба нагласувајќи дека очекува понатамошната соработка да даде голем бенефит за Битола, но пред се и за зачувување на големото историско наследство кое се однесува на Евреите, а е поврзано со Битола.
-Многу сум задоволен што на 11 Март, овде во Битола ќе се реализира Маршот на живите, на кој се договоривме да ни се придружи и градоначалничката и да го води Маршот заедно со некои од Вашите министри и дел од нашите министри кои ќе дојдат од Израел, големи делегации од претставници од бизнис секторот, млади луѓе и многу други, изјави Амбасадорот Дан Оријан при денешната посета на Општина Битола.
Годинава за првпат, во рамките на четвртата седмицата на Израелски филм во Република Македонија и во Битола се презентираат два израелски филмови.