Во просториите на Ректоратот на битолскиот универзитет, денес беше потпишан Договор за соработка помеѓу Универзитетот „Свети Климент Охридски“ и Општина Битола, а потпишувањето е дел од манифестациите и настаните со кои се одбележува Патрониот ден на УКЛО, Св. Климент, 8 Декември.
Документот го потпишаа ректорот на УКЛО, Сашо Коруновски и градоначалничката на Битола, м-р Наташа Петровска и истиот ќе биде во функција на продлабочување на соработката меѓу двете институции во повеќе области кои се наведени во договорот.
-Се гордеам што сум градоначалник на град во кој се наоѓа Универзитетот „Св.Климент Охридски“. Со Меморандумот отвораме перспективи и за општината, но и за сите нејзини граѓани, особено за младата популација. Овој договор, треба да овозоможи младите луѓе да добијат реални можности, да се внесат во општеството уште во рамките на своето студирање. Кога го кажувам тоа, мислам на институциите, односно и практично да согледаат како тие функционираат, рече градоначалничката на Битола м-р Наташа Петровска.