Press "Enter" to skip to content

Битолски градски деца, со битолска кафе-шема во Виена (фото)

Некои порано едноставно рекле, нема место во светот каде што нема да најдеш битолчанец, иако е кој знае на која далечина се наоѓа тоа место, и на кој континент. Кога се зборува за тоа, кога можеш да најдеш битолчанец не знам колку далеку, што да речи за поблиску.
Но, каде и да одат битолчани, без разлика по кој повод и по која работа, духот на битолчаните останува, а тоа уште еднаш го потврдува реченото, дека битолчанец не е географски поим, туку е состојба на духот на луѓето кои живеат тука, а секако дека и од ова правило има исклучоци.
Но, бранот на иселување на битолчани ги зафати и дел од градските деца, кои и во туѓина се трудат да го живеат својот битолски живот, кафе на пладне, излегувања, мајтапи, некое ручече… Тоа го прават заедно со своите сограѓани, кои по било која причина се нашле во ист град во било која земја.
Еден таков пример за нашите, битолски деца, се нашите сограѓани кои животниот пат ги однесе во Виена, Австрија, а секако дека има вакви примери, во Сиднеј, Торонто, Њу Јорк, Берлин, Лондон, Трелеботг, Малме…

Нашите сограѓани, Горан Цветковски – Цветкото, Оливер Радевски, Јашар Јашаровски, Кирил Папас и Зоран Талевски – Емпласт, заедно го продолжуваат битолскиот начин на живот.
За тоа како си врват во Виена, Австрија, Горан Цветковски – Цветкото, преку вибер комуникацијата ни рече:
-Не си врвиме лошо, тука во Виена, иако мора да признаеме дека тука сме позафатени отколку кога бевме во Битола. Но, и покрај работата која сите ја работиме, на различни места се трудиме да не го менуваме многу животот кој го имавме во Битола, односно традицијата и навиката да одиме на утринско кафе , по битолски, во некое кафуле во центарот на Виена, ја продолжуваме. Сите заедно сакаме и пробваме да задржиме максимално носталгијата кон Битола, кон Широк Сокак, бидејќи како рековте се сметаме за градски дека кои таму пораснавме. Но, од друга страна носталгијата “ја лечиме“ со пиење на кафе. Сега за сега успеваме и се заедно ги поминуваме и ги победуваме сите проблеми, што се вели во битолски “се држиме“и додава:


-Воглавно сите живееме во Виена, градот има околу два милиони жители, а нас тоа не се спречува слободното време да го поминеме заедно, барем за викенд. “Битолските“ средби ги користиме да се потсетиме на некои спомени за Битола, да ги споменеме битолските градски фаци, за семејствата, за пријателите и кој знае каде ќе не однесе муабетот. Скоро секогаш пиеме кафе во центарот на Виена или Виенскиот, Широк Сокак. Што се однесува до бројот на битолчани кои сега живеат тука во Виена се зголемува и секој од срце го прифаќаме, како што не прифатиле и нас.
За на крај Цветкото по битолски на мајтап ни рече:
-Да бидам искрен, многу по споменици и замоци не одиме, не ни се по мерак, освен ако не дојди некој наш роднина или пријател малку да го прошетаме, а Вас ви упатувам јавна покана, да дојдете тука, да направиме репортажа од лице место, оттука од Виена, да ве прошетаме по споменици и замоци, (ха-ха-ха), а потоа на кафе во битолска кафе-шема во центарот на Виена, на кафе и благо, по предлог на Јашар Слаткаро. Овој период Виена е преубава, се е во знак на Божикните празници, нивни не наши, но убаво е да се биде тука.


Инаку, да потсетиме дека Горан во Битола, работеше во кафулето “Пајтон“, казиното во хотелот “Епинал“, во “Белвдере“… Јашар битолчани по неговата лимонада и сладолед во трафиката пред ресторанот “Корзо“, а Зоран како сопственик на магацинот за градежни материјали “Ем пласт“ кај Железничката станица. Оливер како дел од првата екипа на навивачката група “Чкембари“, а Кирил си е само Папаз.

Текст: С. Ристевски
Фото: Горан Цветко

More from ДијаспораMore posts in Дијаспора »