Подготвил: Драган Ристевски
За мистиката на Големо Езеро може да се увери секој намерник независно во кој период од годината ќе го посети овој предел. И пред два века мистичноста на Големо Езеро е опишана во преданието за Змејот од планината Пелистер, пренесено од народниот гениј во приказот на големиот Марко Цепенко. Змејот бил родум од Ниже Поле кој откако наполнил 40 дена летнал во дворецот чии двери се наоѓале под водите на Големо Езеро. Откако пораснал таму тој живеел со својата невеста од Оптичари кој ја грабнал од веселба од сретсело.
Првата средба со ова езеро на надморска височина од 2.218 метри побудува восхит и вчудовидувачка мистика која не ве остава рамнодушен. Првиот впечаток остава трајно сеќавање за чудната енергија која извира од езерските длабочини.
А, Големо Езеро со своите 14,5 метри длабочина, со должина од 226 и широчина 175 метри, изгледа импозантно кога се посматра од сртот над езерото.. Нивото на водата варира од година во година, во зависност, пред се од врнежите од снег во текот на зимата, од дождот и од температурата на воздухот. Затоа пак, штедроста на рекичката која истекува од под езерото, во текот на летото е постојана. Оттаму и називот на овој поток – Лаг Поток (Лагов Поток што би значело, поток кој не пресушува во текот на летото). Идентичен назив на Лаг Поток имаат и селата Лагово, Лагочереј, Лагадин, Лагаец, Лажец и Лажани и други места).
Големо Езеро е едно од постојаните езера на Пелистер и заедно со Мало Езеро, од народот се наречени Пелистерски Очи. И не без причина. Гледани од високо тие наликуваат на очи, не само по бистрината на водата туку и по формата и обликот на самите езера, иако се оддалечени на околу 45 минути пешачење.
Мистичната привлечност на Големо Езеро била една од причините крај езерото да биде изграден и планинарски дом уште во далечната 1951/52 година. Тој дом беше врталиште на многу битолски планинари. Дрвениот ентериер на овој објект имаше посебна убавина во кој беше вложена голема мајсторија и пред се многу љубов од изработувачите. Во овој објект во пресрет на Летните олимписки игри во Мексико Сити во 1968 година престојуваа членовите на југословенската репрезентација во борење – слободен стил, пред се заради таканаречените висински подготовки, бидејќи Мексико Сити се наоѓа на идентична надморска височина. За жал, пожарот кој се случи во овој дом во 1975 година беше и крај за овој репрезентативен планинарски објект. Со ангажирање на битолските планинари со помош на битолски фирми и градежници во непосредна близина на стариот дом во 1978/79 година беше изграден сегашниот планинарски дом со истото име Големо Езеро со капацитет од 50-тина легла.
Стотина метри подолу се наоѓа чешма изградена во 1950 година од страна на вработените во Националниот парк “Пелистер“ чиј прв директор беше доајенот на битолското и македонското планинарство Борис Алтипармак.
За да се стигне до Големо Езеро од Битола треба да се мине низ селото Ниже Поле и населбата “Стрежево“ лоцирана на околу 1.300 м.н.в. Патот води преку Дебел Рид кој се минува за околу 2,5 часа со средно темпо. Патем има три чешми со студена планинска вода која е добредојдена во услови на летни горештини. Патот по Дебел Рид е кривулест и со каменита подлога. На средината од рутата се наоѓа месноста Саракачански Колиби каде во минатото се наоѓало номадско село со бачило овци. Оттогаш останале остатоци од камени колиби за потребите на сточарите-номади. По преминувањето на Лаг Поток се доаѓа до една блага висорамнина од околу 1,5 до 2 километри по што се доаѓа до Големо Езеро.
Втора насока кон Големо Езеро е таа што минува по долината на реката Сапунџица, една од трите притоки што ја создаваат реката Драгор, заедно со Лаг Поток и Црвена Река. За разлика од патеката по Дебел Рид оваа насока е подолга и полесна за пешачење. До оваа патека се стигнува преку целта на ски-лифтот “Чука“, а земјениот пат води по долината на Сапунџица до месноста Дурмишова Чешма. Оттаму, на околу три часа пешачење, се стигнува до Орлови Бари, две сезонски езера кои кон крајот на летото пресушуваат. Во продолжение на стариот француски пат изграден во текот на Првата светска војна, по околу еден час пешачење, се стигнува до посакуваната цел, а тоа е Големо Езеро.
До Големо Езеро се стигнува и од страната на Преспанско Езеро, поточно од селото Брајчино, а времетраењето на искачувањето изнесува околу 4 часа. Од страната на респа се доаѓа и од Претор и Сливница преку Два Гроба, а исто така пристап има и по Кранска Река од селата Крани и Арвати.
Освен по патеки за пешачење, до Големо Езеро се стигнува по земјен автомобилски пат со помош на теренско возило, со крос мотоцикл и со велосипед. Должината пак на оваа дестинација од Битола, преки Палиснопје, Широка до Големо Езеро изнесува околу 40 километри.
Инаку, посетеноста на Големо Езеро е најчеста во летниот период посебно во месеците јуни, јули, август и септември кога покрај планинари од Битола чести гости се и планинари од Македонија и од странство. Во летниот период добродојдено и е разладувањето во инаку студените води на Големо Езеро. Најхрабрите пак прават скокови од карпите кои се надвиснуваат над водата.
Мистичноста на пределот околу Големо Езеро е присутна особено во услови на обилен снег во текот на зимските месеци. Тогаш најдобар пристап до Големо Езеро се има со скии и со соодветна зимска опрема. Тоа можат да си го дозволат мал број искусни планинари бидејќи да се другарува со мистиката на Големо Езеро е привилегија само за одбрани поединци за кои храброста и одважноста се привилегија.
Многумина кои доаѓаат крај Големо Езеро, честопати се загледуваат до длабочините на езерото, каде очекуваат да здогледаат нешто необично. Можеби затоа што Големо Езеро е домот на Змејот кој таму живее со својата невеста,за кој пишуваше уште дедо Марко Цепенко.
Во следна прилика: Големата убавина на Мало Езеро