Press "Enter" to skip to content

Големата убавина на Малото Езеро – Пелистерски патокази, низ текст и фотографии (5)

Подготвил: Драган Ристевски

Од вкупно единаесетте планински езера на Баба Планина, од четирите постојани водни природни акумулации, со својата убавина предничи Мало Езеро. Тоа, заедно со Големо Езеро се познатите кај народот ,,Пелистерски Очи“ наречени така пред се заради нивната убавина и бистрината на водата. Мало Езеро се наоѓа на надморска височина од 2.180 метри, а е вгнездено во подножјето на Партизански Врв  висок 2.349 метри.  

Од врвот Пелистер 2.601 метри, кој се наоѓа на северната страна, од Езерото е оддалечено околу 3,5 километри, а околу 3 километри јужно од него се наоѓа Големо Езеро  на височина од 2.218 метри.

За разлика од мистиката на пределот околу Големо Езеро, Мало Езеро се карактеризира со една питомост и питорескност на пејзажот и убавина која никого не остава рамнодушен. Оттаму и големата привлечност на ова ,,езеро -око“ чија кружна форма од околу 70 до 80 метри е обрабена со танок срт кон источната страна од каде започнуваат поголем број извори на Црвена Река, која го продолжува  својот тек кон селото Ниже Поле. Таму таа се влива како една од трите поголеми притоки во реката Драгор, заедно со Сапунџица и Лаг Поток.

Од западната страна на Езерото, како одбранбен бедем “стражари“ каменестиот Партизански Врв 2.349 м. каде има бројни скривници и воени ровови од времето на Првата светска војна. На тој потег, во текот на Втората голема војна во раните четириесетти години на минатиот век, минувала границата на поделената македонска земја во тоа време, од страна на  фашистичките окупаторски војски,  италијанската од една, и на бугарската од друга страна.

Војските си заминале, а убавината на Мало Езеро остана.

До неодамна, ќе се случеше од водите на ова езеро да бидат извадени и остатоци или цели неексплодирани бомби од Првата светска војна или пак неиспукани куршуми кои заглавиле меѓу ситните камења и тињата наталожена  на езерското дно.  Достапноста до тие воени остатоци од пред еден век, уште од Првата светска војна, од познатиот Македонски фронт кој минувал токму на овие простори околу езерата, е овозможена пред се заради малата длабочина на Малото Езеро, посебно на неговата источна страна. Инаку, неговата максимална длабочина изнесува од 2,8 до 3 метри во околности кога брзо стопениот обилен снег  напластен од зимата, ќе ја прекрие и големата гранитна карпа која се наоѓа на северната страна од ова ,,око“.

А достапноста до Мало Езеро за планинарите и љубителите на убавините и природата може да се оствари од неколку страни. Од страната на другото ,,око“ од Големо Езеро, од страната на врвот Пелистер, од планинскиот пат за теренски возила кој го заобиколува Мало Езеро, а кој доаѓа од страната на Широка и секако, патот кој поаѓа од селото Ниже Поле и продолжува по Црвена Река до нејзините  главни извори што се наоѓаат на десеттина минути јужно од езерото.

По долината на Црвена Река, од десната страна, во насока кон Марково Бачило минува најсложниот пат кој излегува на чешмата која се наоѓа на околу 400 метри северно од Мало Езеро. Уште еден извор со чиста планинска вода се наоѓа на западната страна од Мало Езеро на 30-тина метри повисоко од езерото. И покрај тоа што пред 10-тина години планинари спроведоа вода од овој извор со помош на водоводно црево и изградија чешма на западната страна на езерото, обилните снеговите во текот на зимските месеци  ја разурнаа чешмата, а тој извор денес, малкумина го знаат. За жал,  разурната е и чешмата изградена во 1950 година од Националниот парк “Пелистер“, а тоа се случи последниве неколку години пред се заради обилните снегови, заради негрижата на вработените во Националниот парк „Пелистер“, туристите и секако, забот на времето.

Кога сме кај негрижата на посетителите и експериментите на поединци, се случи пред 30-тина години езерата, Пелистерските Очи, да бидат порибени со пастрмка од страна на риболовно друштво. И наместо претпоставените позитивни ефекти, се случи биолошка катастрофа. Рибите во потрага по храна го уништија речиси целокупниот животински свет во езерата, составен од неколку автохтони видови водни инсекти и ракчиња, а пастрмките кои достигнуваа должина и повеќе од половина метар беа ловени со јадици и со мрежи од криволовци. За среќа, овој лош експеримент остана како лош и непромислен пример и поука такво нештој во иднина да не се повторува.

Своевремено во близина на Мало Езеро постоеја повеќе бачила со стада од илјадници овци кои се напасуваа на питомите пасишта со зелена трева и планински билки. Тие стада овци повеќе ги нема во текот на летните месеци, но затоа во последниве години чести гости на овие простори се крдата разнобојни коњи на нижеполци кои нив ги користат за транспорт на боровинки.

Големата убавина на Мало Езеро во текот на летните месеци е надополнета со прекрасна арома што едноставно лебди во воздухот. Причина е расцутената мајкина душичка која испушта опоен и пријатен мирис низ целиот простор. Секако, во големата убавина на Мало Езеро се надополнува и повременото освежување на посетителите во водите на езерото кои во лето достигнуваат и температури од над 20 степени Целзиусови.

Крај брегот на Мало Езеро, за прв пат до сега, во последниве десетина години изникнаа и пораснаа еден вид врби кои во текот на летните месеци и големите горештини со температури на воздухот и до 40 степени Целзиусови, прават сенки и ладовина за намерниците и туристите кои имаат ретка и ексклузивна можност да се разладат во Мало Езеро. Сето заедно придонесува за големата убавина и привлечност на овој езерски предел.

За разлика од летната опуштеност на бројните посетители, во текот на зимата, малубројни се  планинарите кои со турно-скии ќе се одважат да ја почуствуваат големата убавина на Мало Езеро и снежната белина на Баба Планина. Тоа останува привилегија за малкумина.

Во наредна прилика: Кафеавите мечки од Црвени Стени

More from БитолаMore posts in Битола »