Press "Enter" to skip to content

Битолчанката Ивона со 16 години ги полни кошаркарските мрежи на Сардинија

Како со еден збор, освен со браво, да се каже тоа дека, само со 16 години  игра во италијанската А2 лига, со минутажа близу до 40 минути и со просек на постигнати кошеви од 20 по натпревар.

Ова што е само за браво, му успеа на нашата млада сограѓанка Ивона Кожубашиовска која својата кошаркаркарска кариера ја започна како и најголем број на деца, во женскиот кошаркарски клуб Младост.

Деновиве Ивона е во Битола, на заслужен новогодишен и божикен одмор, во кругот на семејството, но оддели време да се види и поразговара со поранешните кошаркарски колешки од Младост и со тренерот, Горјан Стојановски, кој и ја договори средбата со Ивона.

-Имав тешка полусезона во мојот нов клуб, Мерчеде Алгеро од Сардинија, каде ги одиграв сите натпревари со минутажа која е блузи 40 минути. Со таква минутажа и просекот на постигнати кошеви е голем, а се движи повеќе од 20 по натпревар. Сето ова ми дава мотив да продолжам со напорните тренинзи и да стигнам до целта која си ја зацртав, а тоа да настапам за клуб кој игра во А1 женска лига во Италија, ја започна својата кошаркарска приказна Ивона.

А, кошаркарската кариера ја започна во екипата на Младост од Битола, на 12 години во 2011 година. Ги поминала сите селекции во клубот, а има освоено секоја година по некој пласман во македонската лига, а настапувала за Младост и во странство.

Како резултат на оваа игра во Младост стигна и до кошаркарската репрезентација на Македонија во У16.

-Во настапите за македонската селекција во У16 запознав десетина млади кошаркарки од целата држава, а едно пријателство со Дијана Митрева ми ја “сврти“ кошаркарската кариера. Дијана започна да настапува за Мерчеде Алгеро од Сицилија и ме предложи, кај управата на клубот, да ме ангажираат и мене. По пробата и јас останав во клубот и сега сум цимерка со Дијана на Сардинија, вели Ивона за начинот на кој стигнала до италијанскиот клуб.

По добрите резултати во Сардинија, каде безмилосно ги полни противничките мрежи, стигна и повикот од селекторот на македонската сениорска репрезентација.

-Ме израдува тоа дека сум на поширокиот список на селекторот на македонската сениорска селекција, а да се добие покана само со 16 години е големо признание за мене. Иако сега сум на 16 години сум редовен член на македонската селекција до 18 години, додава Ивона.

Пред Ивона Кожубашиовска има големи предизвици, која иако има само 16 години со нив одлично се носи, а за плановите за иднина вели:

-Сега учам во втора година во Гимназија за изучување на јазици, а додека не ја завршам Гимназијата и не наполнам 18 години немам право на професионален договор. Кога ќе се случи тоа би сакала да продолжам со школувањето на факултет. Но, не ја заборавам и мојата голема желба да настапувам за италијански клуб но најквалитетната А1 лига.

С.Ристевски

More from СпортMore posts in Спорт »